Третата августовска сесија од проектот „Македонски филм. На големо платно“ на Агенцијата за филм, на 17 август во 19 часот носи блок од четири краткометражни остварувања. На програмата се филмовите „Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, „Синиот час“ на Ана Јакимска, „Награда“ на Лидија Мојсовска и „Имиња“ на Јане Спасиќ.

ЕКЛЕР | Марко Ѓоковиќ
Вилата на Тито во Охрид, 4 мај 1980 година. Веста за смртта на Маршалот означува крај на една ера, но за синот на главниот готвач тоа е и неочекувана можност конечно да ја вкуси храната што цели десет години се подготвувала пред неговите очи, а никогаш не била наменета за него.

СИНИОТ ЧАС | Ана Јакимска
Петра изградила нов живот во големиот град и се обидува да го освои колегата во кој е вљубена. Но, ненадејната посета на нејзината мајка од мал град на југот ги нарушува нејзините планови и уште повеќе ја разоткрива емотивната оддалеченост меѓу нив. Додека се приближува Новогодишната ноќ, и мајката и ќерката се соочуваат со она што долго време останало неискажано, надевајќи се дека новиот почеток може да донесе нешто подобро.

НАГРАДА | Лидија Мојсовска
Арбен, десетгодишно момче од албанско муслиманско семејство, решава да учествува на училишен натпревар организиран по повод христијанскиот празник Богојавление. Неговата цел е едноставна, но длабоко лична: да ја освои наградата од 10.000 денари и со неа да му помогне на својот болен помал брат.

ИМИЊА | Јане Спасиќ
По катастрофалниот скопски земјотрес во 1963 година, десетгодишниот Марко и неговата мајка се преселуваат во мало гратче, додека неговиот татко останува да учествува во обновата на разрушената земја. Новите пријателства со локалните деца му помагаат полека да се приспособи на непознатата средина. Но, ноќе, во неговите соништа сè уште одекнува татнежот на земјотресот. Прогонуван од стравот дека трагедијата може повторно да се врати, Марко се обидува да најде начин да се почувствува безбедно во свет што одеднаш станал непредвидлив.

Четири различни приказни во една бесплатна вечер посветена на современиот македонски краток филм. Се гледаме во „Синпелекс“ 😉
