можеби требаше да речам не

можеби требаше да речам не, требаше ли да ја прифатам поканата вечерва да прошетаме заедно по партизанска, по булеварот на липите, проклетите липи кои толку ги сакав во младоста, нивниот заводлив мирис, нивната шармантна присустност, но тоа беше некогаш, денес е нешто сосема поразлично, денес седам дома затворен и ретко излегувам, фала богу работам онлајн и нема потреба да го напуштам домот, а зарем не сум сакал отсекогаш да бидам дома и само дома, затворен со моите книги, музики, филмови, иако сум свесен дека одвреме-навреме треба да се социјализирам, да се дружам со луѓето, да се видам со пријателите,

а оваа девојка одамна ме прогонува, мислам, не на тој начин, но по заминувањето на Филипа таа ми дојде како мелем на рана, и веќе не можам да ги одбивам нејзините предлози макар да прошетаме заедно, а за повеќе не ни размислувам, и сосема поинаку е кога сте присутни заедно, а не на мрежата, можете да се погледнете в очи, да си ја допрете кожата, навидум случајно ама значајно, од тоа добивам морници, отсекогаш сум се наежувал на допирот од нежната женска кожа, а нејзината е прекрасна и вечерва морам да соберам сили пред да се стемни да излеземе на партизанска, да прошетаме, како што ми рече, толку едноставно и непретенциозно, да се видиме и да прошетаме, предлог кој без размислување го прифатив, не размислувајќи дека во овој период од годината имам потешкотии со алергијата на полен, а кога имаш алергија на полен, мора да си алергичен и на интензивниот мирис на скопските липи, но никогаш не сакав да се тестирам, не сакав да дознаам дали сум алергичен на липи затоа што на тој начин засекогаш ќе ја изгубам нивната магична миризма, пијам лекови секоја вечер и лесно заспивам, фала богу, но проблемот и натаму останува, овој прекрасен период од годината е проклет за мене, но нема шанси да не излезам со Флора, о Боже, каква коинциденција која сега ја согледувам, Филипа, Флора, мојот живот е хаос, морам да го исекнам носот, целиот течам иако шприцнав фликсоназе во носот, иако прозорците цело време се затворени, можеби пред малку, кога излегов на балкон да видам какво е времето за да знам што да облечам беше пресудно поленот веднаш да се налепи на мене, да ме истави од секојдневниот колосек, повторно предупредувајќи ме, повторно замислувајќи ме дали сум ја направил вистинската одлука, но морам да го сторам тоа, веќе размислив за се’, не сум излегол со денови и морам да се видам со човечко суштество, морам да се видам со Флора, која воопшто не е напорна, со неа си поминувам прекрасно, и дури малку ја зачудив што периодов наоѓав десетици изговори само да ја одложам нашата повторна средба, сомневајќи се дека нешто не е во ред со мене, со нас, ама тоа не ме загрижува, затоа што никогаш не го направивме следниот чекор, никогаш не отидовме на следното ниво, освен небрежното допирање на нашите раце додека се шетаме, или додека јадеме сладолед, или за момент, кога ќе забележи дека на главата ми застанала некоја бубачка, па внимателно ќе каже стој, не мрдај, и со нејзините нежни прсти ќе го фати инсектот кој, се разбира, не го гмечи, туку го ослободува, го пушта или во тревникот или слободно да одлета, и тоа за момент не’ прави разнежнети и среќни, продолжувајќи со разговорот онаму кадешто сме застанале, се’ до следната бубачка, но овој пат чувствувам дека ниту таков момент не би ме извлекол од ситуацијата, едноставно не знам што да сторам, не можам ваков да се појавам пред неа, целиот растреперен и анксиозен поради алергијата, растечен од носот, од устата, од секаде, па ова не е нормално, што ќе правам јас, будало една, како можев да си дозволам да излезам со Флора во ваква состојба, што си мислев кога прифатив едно вакво рандеву под липите, под проклетите липи кои толку многу ги сакав, а сега ги презирам, го презирам нивното лепило на тротоарот, го презирам нивното опојно дејство во околината, она кое толку интензивно го почувствував кога со Филипа за прв пат дојдовме да живееме овде, во оваа гарсониера која ја делевме две години, и тие први маалски прошетки беа толку интензивни што помислив дека ја најдов жената на мојот живот, дека Филипа е таа, избраната, но таа замина, секако, не поради липите, таа замина затоа што мораше да замине, така ми кажа, морам да заминам, а јас паднав во депресија, и долго време ми требаше да се пронајдам себе, да видам на што сум, се’ додека случајно, од нигде-никаде се појави Флора, се насмевна, и во таа насмевка препознав нешто, не знаев што, но отсекогаш сум ги сакал тие недоречености, чувство дека има нешто необјасниво, нешто недофатливо, тоа ме привлече кај неа, и еве, приказната се’ уште трае, ќе ја видам повторно Флора и во моментов само тоа треба да ме интересира, треба да се фокусирам на попладневната средба со неа на булеварот на липите, и можеби токму нејзиното име треба да претставува предност, можеби токму Флора ќе ме спаси од оваа моја проклета алергија која ми се појави од лани, јас бев здраво дете, здрав младич и воопшто немав проблеми ниту со алергии ниту со главоболки, освен повремено со меланхолија, но таа е здрава за еден човек, барем така се тешев, а можеби токму поради неа Филипа ме напушти, но тоа сега не е важно, тоа воопшто не е важно, во моментов е важно да се подготвам затоа што времето наближува, да се подготвам да се видам со Флора, затоа што нејзиното име може да ме спаси, нејзиното присуство може да ме спаси, затоа што клин со клин се избива, така одат нештата во животот, понекогаш народната мудрост знае да профункционира, еве ја кошулата со цветови, да, ќе излезам со летната цветна кошула да им пркосам на растенијата, на липите, на сите мои непријатели во овие две години, надвор е топло, ќе облечам долу бермуди, можеби ќе ги облечам апостолките за прошетката со Флора, на која кога се јави, можеби требаше да и’ речам не