Синоќа во главната програма на „Македокс“ се прикажа креативниот документарен филм „Планина“, ко-продукциски проект меѓу Србија, Црна Гора, Словенија и Франција. Филмот на Билјана Туторов и Петар Гломазиќ имав можност да го гледам на мајскиот „MDAG“ фестивал во Полска, и беше во најтесниот круг за „ФИПРЕСЦИ“ наградата. Сепак, со колегите одлучивме таа да отиде во рацете на Сораја за нејзиниот филм „Лисица на розева месечина“ (на програмата на „Македокс“ во вторник), а колегите од другото жири му ја доделија наградата токму на „Планина“, со што ми падна камен од срцето бидејќи правдата беше задоволена. Филмот зад себе веќе стартуваше со голема награда, онаа од главното жири на престижниот „Санденс“ во јануари, а пред некој ден победи и во Сараево, но… тука запираме со наградите, бидејќи треба да дискутираме за големината на животот, бидејќи овој филм е поголем од самиот животец кој го живееме овде, во регионот.

Најпрво, и она што е најважно, на платното гледаме ФИЛМ! Филм инспириран од реалниот живот, со сите можни законитости на седмата уметност употребени на креативен начин, за да се раскаже една приказна за пркосот, истрајноста и љубовта кон она што уште од раѓањето ти припаѓа. За да снимат еден уверлив документарец, се вели дека на авторите им требаат пет до седум години „медитација на темата“. Затоа „Медена земја“ постигна планетарен успех. Затоа „Планина“ веќе е меѓународно препознаен и наградуван.

„Во оддалечените висорамнини на Црна Гора, мајка и ќерка овчарки гордо ја бранат планината на своите предци од заканата да стане воен полигон на НАТО за минофрлачки гранати, разгорувајќи ги спомените за насилството што го уништило нивното семејство“. Вака гласи краткиот синопсис во фестивалскиот каталог, и исто како што споменувањето на НАТО му послужило на уредникот да ја испровоцира фестивалската публика, така и самите автори тој мал дел од филмската приказна ја „употребуваат“ за да му дадат актуелност и општествено-политичка ангажирана димензија на филмот, кој потоа полесно би ги поминал филтрите за учество на фестивалите ширум светот.
Но „Планина“ не е само тоа, и драго ми е што е така. Туторов и Гломазиќ многу суптилно ја провлекуваат борбата на главната хероина против воената машинерија која на нивната планина сака да изгради полигон за вежби, дури на моменти сето тоа изгледајќи по малку намерно карикатурално. Тие се свесни за својата манипулација, но уште посвесни дека еден добар креативен документарен филм е нешто сосема друго, а тоа „другото“ што во меѓувреме се случува, успеале да го соголат „до коска“, онака како што треба, прикажувајќи ни ја борбата со животот на една жена, сама на планината, со сите премрежија, доблести и мани. А за тоа вреди да се „потрошат“ неколку години од животот.

Милева Гара Јовановиќ е хероината која на високите планински врвови го поминува целиот свој живот. Таа таму, по игра на случајноста, е родена, и оттаму се надева дека ќе замине од овој свет. Во меѓувреме мора да го изживее животот низ кој не поминала баш лесно. Тоа се забележува дури и во нејзиниот физички изглед, кој повеќе тежи кон спротивниот пол поради тешката физичка работа која мора да ја извршува, откако домот останал без машка рака. Сеќавањето на младоста е олицетворено само во една фотографија закачена во дневната соба, каде личноста е во народна носија, полна со живот, што се забележува по насмевката и во очите. Една фотографија на која таа постојано се навраќа и и’ се поклонува како на икона. Сето останато е наметнатата улога во животот која таа, сакала-нејќела, мора да ја одигра докрај, соживувајќи се со неа.
Она што е важно за Милева е чесноста, таа одредувачка позиција која прави да спиеш мирно, на врвот од светот кој те опкружува. Таа ја има сета слобода на овој свет, и тоа не може и не смее никој да и’ го одземе, бидејќи планините им припаѓаат на луѓето. Ако треба, ќе се јавне и коњот, таа митска слика наспроти сите модерни -изми, само за да се одбрани таа слобода, која денес е се’ поретка. Но ако низ активизам и интервју на телевизија можеме да се бориме против неразумноста на сопствениот вид, дали можеме да и’ се спротиставиме на моќта на природата, која уште од зората на човештвото го детерминирала неговиот опстанок? Секвенците од филмот, сниман неколку години низ промените на годишните времиња, ни ја покажува токму таа дискрепанца составена од пороен дожд и силни грмотевици, наспроти кои суетата на човекот изгледа смешно и безначајно. Затоа што важен е животот, а не воената вежба или ситните пакости на кариеристите.

Сепак, ова не е приказна за една осаменичка. Напротив. Колку и да е изолирана на планината, Милева има сопатничка, подмладок кој како надоаѓаат годините, е се’ понетрпелива, но истовремено и мудра, бидејќи сосема го разбира контекстот во кој е родена и од кој доаѓа. Таа со нејзината ренесансна убавина жали што кравата го носела телето во нејзината утроба, и нежно го гали додека ова не застане на нозе. „Децата не’ тераат да сфатиме дека животот е минлив и дека старееме“, е едноставната филозофија на нашата хероина, која измачена од соништа и кошмари, е сигурна само во едно – дека мајката мора да биде силна како лавица. Иако црквата фигурира во далечината на некои од широките кадри, сепак, Милева се потпира на своите начела, кои низ животното искуство ја искалиле во силен борец за правда.
Еден од оние незаборавни моменти во филмот е домашниот фризерај со сосетката. Додека си прават фризура и се потсетуваат на моментите од младоста, авторите на филмот ја провлекуваат и приказната за семејното насилство кое фигурира во многу балкански домаќинства. Мажот на сестрата е насилник, тој дури и го извршил крајниот чин за што бил осуден на 13 години затвор, а времето за негово ослободување се ближи. „Тој ќе се врати, а неа ја нема“, размислува гласно Милева. „И што прави општеството со нив?“, прашува гласно. „Се’ сама сум направила затоа што работам чесно“, горда е таа, потсетувајќи не’ на сите тутунари и земјоделци кои секоја година ги фрлаат своите производи, незадоволни од цената на откупот од државата. „И татко ми ја обвинуваше мајка ми дека оди кај други мажи“, ја заокружува планинската жена приказната за своето семејство, уште повеќе продлабочувајќи ги причините за нејзините постапки низ животот.

Логорскиот оган, младите и песната со гитарата крај него ги навестуваат промените. Животот е таков, мора да се оди напред. Секоја генерација ги носи своите планини на грбот. Кравата Флора умира, но не поради НАТО вежбите и асфалтирањето на патот, туку едноставно, од тага за нејзиното угинато младенче. „Ќе ме посетуваш ли редовно? Мораш да бидеш силна“, и’ вели Милева на Нада (какво значенско име – Надеж!), која заминува на продолжување на образованието во непредвидливиот град. „Планината не бега, таа е секогаш тука“, констатира Милева, на тој начин кажувајќи ја во една реченица целата своја судбина. А што друго да прави со приказната која ја живее? Со коњот, со камбаната во далечината, со утринската магла…

„To hold a mountain“ e дистрибутерскиот наслов на филмот, што му дава една додатна, продлабочена димензија на ова ремек-дело. Да се држи планината, да се гушне и да се продолжи напред, бидејќи, кога веќе ти е даден, животот мора да се одживее, и од него нема бегање. Ни требаат што повеќе Милеви за да го спасиме светот – од самите нас.
