Сенката на Нобеловецот

Надалеку позната е приказната за љубовта меѓу Милева Мариќ и Алберт Ајнштајн, кои биле во брак од 1903 до 1919 година. Со децении се дискутира за нејзиното влијание врз неговата работа како една од ретките математичарки и физичарки на Политехничкиот факултет во Цирих, каде и се запознале. За Милица Бабиќ, пак, со сигурност се знае дека нема удел во фантастичната проза на Андриќ, но таа е тивката сенка, инспирација и муза која ќе го донесе на Нобеловиот пиедестал, како единствениот писател од регионов кој е носител на престижната награда. Следи необичната приказна за Милица и Иво која се случувала во интересен историски период, во војна и мир, како славниот роман на Толстој.

Милица Бабиќ била седумнаесет години помлада од Андриќ. Taa e родена 1909 година во Босански Шамац. По завршувањето на средното образование во 1925 година, нејзиниот татко Стеван, богат трговец, ја испратил во Виена и ја запишал во Училиштето за применета уметност при Австрискиот музеј на уметноста. На крајот од петгодишните студии, таа се специјализирала за театарски и модни костими, а по пристигнувањето во Белград, како прва српска школувана костимографка била назначена на таа позиција во Народниот театар на почетокот од 1931 година. Влегувањето во театарот ѝ овозможило да напредува во својата професија, па три години подоцна станала првиот предавач на курсот по „Историја на костими и перики“ при основаното актерско училиште во Народниот театар.

Милица во 1933 година се омажила за Ненад Јовановиќ, кој бил две години постар од неа. Тој бил новинар и преведувач, секретар на Централното биро за печат. Андриќ и Јовановиќ биле долгогодишни пријатели, а кога писателот бил назначен за амбасадор на Кралството СХС во Берлин во 1939 година, по службата во Марсеј, Мадрид, Брисел и Женева, тој договорил Јовановиќ да биде назначен за новинарско аташе. Неговата сопруга Милица станала моден дописник за „Политика“ во Берлин, а бидејќи Андриќ не бил оженет, тој ќе ѝ ја довери на Милица и улогата на домаќинка на приемите. На зачуваните фотографии, може да се види Милица како стои до Андриќ на разни приеми во амбасадата. Тој тогаш имал четириесет и седум, а таа триесет години. Така ќе започне драмата на љубовниот триаголник на Андриќ, динамична „љубовна врска без сенки и скандали“ таму, во Берлин, во предвечерјето на Втората светска војна.

Нема сигурни информации за времето кога Милица и Иво станале љубовници, но се знае дека ова трио по потекло од Босна било неразделно. Самиот Андриќ подоцна кажал дека дури и тогаш не можел без Милица. Кога во 1941 година, по избувнувањето на Втората светска војна, сите тројца се вратиле од Берлин, Андриќ речиси секоја вечер бил во куќата на Јовановиќ, на „Мишарска“ 10 во Белград. Тој постојано доаѓал тука дури и кога Ненад, како патриот, бил уапсен и однесен во логорот Дахау, каде што бил затворен до крајот на војната.

Андриќ во „Мишарска“ 10 редовно доаѓал и по војната, кога Јовановиќ се вратил дома кон крајот на 1945 година. Во атмосфера на книжевни полемики, Џојс и Пруст биле широко дискутирани. Ненад одлично му парирал на Андриќ, кој слободно можел да остане во нивниот дом до доцна во ноќта, следејќи го секое движење на Милица. Тој внимателно го заштитувал својот приватен свет, својата интимност. Не дозволувал никој да ѕирне таму, и долги години бил љубоморен чувар на неговата тајна. Интимната врска и другарството на тројцата ќе продолжат во следните дваесет години, сè до смртта на Ненад во февруари 1957 година. Од моментот кога Милица станува вдовица, Иво и’ се јавувал по телефон од сите свои патувања, иако и пред тоа постојано си пишувале писма.

Заминувањето на Ненад им ја отворило вратата на вљубените слободно да се гледаат. На првиот кат од зградата на улицата „Призренска“, во станот под кирија, Иво Андриќ често седел на балконот држејќи тетратка во скутот и внимателно запишувајќи ги своите мисли, а Милица го посетувала секој ден. Таа се сметала за убава жена. Љубопитните набљудувачи и озборувачите ги опишувале како прекрасна и хармонична двојка која најчесто можела да се види за време на вечерата во „Клубот на писателите“. Во декември 1958 година, Милица и Иво се венчале и тој почнал својата убава Босанка да ја нарекува Лепа. Иво Андриќ тогаш имал 66 години, и толку многу години чекал само една жена.

Милица била со него во Стокхолм во 1961 година, кога ја добил Нобеловата награда. Во луксузен кралски син фустан, со црна машна во косата, таа гордо одела со својот Иво по ходникот, додека оркестарот ги придружувал со севдалинката „Kad ja pođoh na Bembaš“.

За жал, нивниот хармоничен брак траел само десет години. Андриќ ја чекал својата сакана Милица три децении, но љубовната среќа не траела предолго бидејќи таа набргу се разболела од тежок облик на артритис, кој индиректно бил причина за нејзината смрт бидејќи лековите ѝ го ослабнале срцето. До последниот ден, тој ја контактирал од сите свои патувања, обраќајќи ѝ се со „Драгоа Лепа“, потпишувајќи се со „Те прегрнува нежно твојот Иво Мандарин“.

Милица починала ненадејно од срцев удар во 1968 година во нивниот дом во Херцег Нови, мирно разговарајќи со својот Иво до последниот момент. Таа почива на „Новите гробишта“ во Белград, недалеку од местото каде што ќе биде поставена урната на Иво Андриќ, седум години по нејзината смрт.

Денес, во сеќавање на првата школувана српска костимографка, во музејот при Народниот театар во Белград, на истакнато место, се изложени костимографските скици на Милица Бабиќ.