„Исчезнатиот“ (2021) е дебитантски филм на тетовскиот режисер Арбен Тачи, кој на големото платно го адаптираше романот „Исчезнатите од Појана“ (1996) на сограѓанинот, писателот Абдулазис Ислами. Книжевноста отсекогаш била една од главните инспирации за седмата уметност, и затоа ова остварување, на некој начин, можеме да го наречеме „книжевен филм“, бидејќи црпи од извориштето на литературата. Разбудениот писател во доцни години се обидува на хартија да ги пренесе своите чувства за една далечна семејна историја, и инсистирајќи неговата траума да стигне до читателот преку машината за чукање, тој инструмент на човековата еманципација кон кој режисерот како лајтмотив постојано се навраќа, се обликува едно медитативно дело во кое се сретнуваат вината и сеќавањата.

Филмот почнува со сцената кога волците во магливата шума го бркаат детето, главниот лик во филмот. Во последен момент тој ќе биде спасен, а веќе во следната сцена го гледаме писателот пред празната хартија, кој се наоѓа пред предизвикот на соочување со сите работи преку кои очигледно не може лесно да помине, освен со нивно претворање во приказна која ќе остане како сведоштво и за следните генерации. Едноставно, годините навјасале, и време е за соочување со своето минато, кое како и секое човечко искуство, е составено од добри и не толку добри работи.
„Почетокот е секогаш тежок“, му вели сопругата по читањето на првите страници, „подобро е да почнеш со нешто што те прави спокоен“. Писателот се враќа на бирото, исчукува „рацете на мојата мајка“, и режисерот не’ враќа на крајот од Втората светска војна во планините, отсликувајќи го руралниот живот на мештаните необременет од големите светски случувања. Амбиентот е рустикален, во фокусот е секојдневието на обичниот човек, обичаите, фолклорот, како и хиерархиската поставеност во семејството, во кое доминира мудроста на старецот, но и моќта на самохраната мајка.

Семејните тајни и белите лаги се составен дел од сценариото преку кое се гради приказната која раскажува за изолираноста, вербата во себе и пријателството со Другиот, во услови кога семејството е се’ што имаш на овој свет. Но звукот на авионите навестува бура, и оние волци од почетокот, колку и крволочно да делуваа, сепак се како домашни миленичиња во однос на луѓето нагрнати во волчја кожа. Човекот се познава во времиња-невремиња, и токму таа промена која чука на вратата ги носи посакуваните ветришта во филмското сиже, кое до тој момент мирно си плови во сеќавањата од минатото. За сето тоа визуелно чувство е заслужен кинематограферот Влатко Самоиловски, кој прекрасните планински предели ги претворил во бајка, со осветлување и боја како позајмени од платната на славните сликари.

Војната отсекогаш била немилосрдна човечка глупост, бидејќи те тера да заземеш страна. Со тоа се соочува главниот лик, но и самиот режисер на филмот, обидувајќи се да останат на вистинската страна на историјата. Во таква деликатна ситуација, отрезнувачки делува мислата „Колку и да е голема вината, не може да го смени минатото. Колку и да е голема грижата, не може да ја смени иднината“. Дивите хризантеми се ставаат во ковчегот на мртовецот за телото поспоро да изгние, но тоа, порано или подоцна, на крајот ќе се претвори во пепел и прав. Затоа писателот на крајот запишува: „Време е за враќање дома“, тој митски Одисеев момент присутен во уметноста со векови, бидејќи само во книжевноста можеме да ги поправиме нештата, да изгледаат поприземно и почовечки. А да, таа моќ ја има и филмот 😉

