Музеј на Иван Мештровиќ

Кога сте во Сплит, морате да одвоите барем половина ден, ако не и повеќе, за посета на „Музејот на Иван Мештровиќ“ и неговото ателје/летниковец. Со тоа барем одредено време ќе ги задоволите сите духовни потреби за уметност, затоа што она што ќе го видите и доживеете е нешто навистина исклучително. Најзначајниот хрватски скулптор, сликар, архитект и писател во 20 век со своето дело ги воодушевува сите кои случајно или намерно ќе го посетат некогашното престојувалиште, а денес дом на она што тој ни го остави како културно наследство.

Од денешна перспектива, ми се чини дека изборот да отидам пеш од центарот на Сплит до музејот претставуваше вистински погодок. Со тоа подобро ја запознав околината и сето она што претставува градот во моментов. Првиот поглед од славната Рива кон десната страна го окупира прекрасниот мал полуостров Сустипан, кој има убаво уреден парк и стара црква од средниот век, околу која во летните месеци се случуваат разни културни настани за време на „Сплитското културно лито“.

Но, за да се дојде пеш до Сустипан ви требаат 10-15 минути, за време на кои наидувате на мали улички кои водат кон врвот на парк/шумата Марјан, но Вие мудро ќе го избегнете тој предизвик и ќе продолжите по тротоарот, на кој ќе наидете на едно огромно нефункционално здание, со име „Адриатик“, едно од оние од хрватската транзиција кое совршено НЕ функционора со околината, и можеби и подобро што не е довршено, но од друга страна, пак, неговото отстранување од тој простор веројатно градските власти ќе ги чини многу, па ни таму-ни ваму, тоа останува да потсетува каква власт имаме ние овде, на Балканот.

За среќа, и во Сплит се’ уште постојат духовити дечки и девојки, кои преку субверзивните графити даваат трошка хумор и надеж дека може и мора да биде подобро. „Барачите на смисла“, својата трага освен во внатрешноста на мртвото здание ја оставаат со спрејовите во боја буквално низ целиот град.

Конечно стигнав на Сустипан некаде напладне, каде, во јуни имаше малку посетители бидејќи сонцето веќе силно печеше. Полуостровот се покажа како совршено место за мештаните да скокаат од високата карпа во прекрасното сино море, а за оние со помалку авантуристичка страст во себе, да фатат дебела сенка во паркот и да уживаат во велелепниот поглед кон градот или кон островите отспротива (Шолта и Хвар).

Сепак, денот беше планиран за Иван Мештровиќ, па следеше брзо симнување/враќање до главната улица наречена (а како поинаку?) „Шеталиштето на Иван Мештровиќ“, и по благопријатниот тротоар под сенки, покрај забрзаните автомобили кои јуреа кон околните плажи под Марјан, продолжив кон денешната зацртана дестинација. Попат можев да го посетам и Археолошкиот музеј, но сепак денес планот беше поинаков. Знакот за присуството на „остриот пес“ во близина го сфатив како метафора за „острата уметност“ на која набргу ќе бидам сведок, провокативна уметност во сите свои облици и од сите можни аспекти. Скромната врата на неверојатното здание сесрдно ме вовлече во својот свет полн со магични скулптури и сугестивен простор, кој секој уметник би посакал да го поседува за да твори, живее и сонува.

 

Иван Мештровиќ е роден на 15 август 1883 година во Врпоље во Славонија, каде неговите родители биле на привремена работа. Набргу семејството се враќа во родното Отавице кај Дрниш, а Иван веќе во најраното детство покажува голема вештина за моделирање. Растењето во традиционална и патријархална фамилија, опколен со фолклорни и библиски мотиви засекогаш ќе го дефинираат светогледот на уметникот, до крајот на неговиот креативен живот. Откако неговиот талент бил забележан, со парична помош од градот Дрниш, младиот Мештровиќ своите први обиди ќе ги направи како 17-годишник во работилницата на Павле Билиниќ во Сплит. Заминувањето во Виенската школа за ликовна уметност во 1901 година го означува почетокот на понатамошната блескава уметничка кариера. По дипломирањето следат претставувања на неговата уметност во големите центри како Рим, Париз, Лондон, Женева и Кан.

Гргур Нински, 1929, северна капија на Диоклецијановата палата

Периодот меѓу двете светски војни, обележан како најплоден, Мештровиќ го поминува во Хрватска. Во 1919 година тој се населува во Загреб, каде во 1922 година станува професор на Академијата за ликовни уметности, а во 1923 и ректор. Во овој период остварил цела низа од врвни уметнички остварувања. По Втората светска војна емигрирал во САД, каде работел како професор на универзитетите во Сиракуза и Нотр Дам, Индијана. Приврзаноста кон својот роден крај ја покажува кога во 1952 година на државата и’ подарува 132 свои дела, својата куќа со ателје во Загреб, вилата и летниковецот во Сплит, како и семејната гробница во Отавица. Сите овие работи денес го сочинуваат комплексот „Музеј на Иван Мештровиќ“. Уметникот починал на 16 јануари 1962 година во Саут бенд, САД, а погребан е во семејната гробница во Отавица.

Марко Марулиќ, 1925, Овошен плоштад, Сплит

Во текот на 20-те години од 20 век Мештровиќ купува парцели во западниот дел од Сплит, каде планира да ја изгради својата идна летна резиденција. Со својот проект уметникот сакал да задоволи три потреби: објектот истовремено да служи за работа, живеење и изложувње на делата. Приватните простории се наоѓале во пространите странични крила, додека оние од јавен карактер биле во средината на вилата. Денеска, откако вилата е пренаменета во музејски простор, интимата на некогашниот живот на уметникот и неговото семејство ја доловува дневната соба која го задржала својот изворен изглед. Вилата, во соработка со неколку сплитски архитекти, се градела од исток кон запад од 1931 до 1939 година. Но, Втората светска војна си го направила своето и во неа Мештровиќ ретко престојувал. По подарувањето, музејот е отворен за јавноста на 9 јуни 1952 година.

Пространиот двор/градина е одлично одржуван и распослан со скулптури од различни периоди на уметниковото творење, но доминира оној од престојот во Рим со мотиви од антиката, но и симпатична скулптура со музички мотив насловена „Далечни акорди“.

Внатрешноста на музејот е сочинета од неколку крила. Левото е она интимното, дневниот простор кој се’ уште ја задржал својата автентичност.

Во оваа просторија, освен вечниот мотив „Последната вечера“ насликан со масло на дрво од 1945 година, можат да се видат неколку портрети во бронза насловени „Мојата мајка“ од 1909, „Автопортрет“ од 1941 и „Момче со птица (Мате)“ од 1934 година.

По скалите горе, откако разменив неколку љубезни зборови со кустосите кои се израдуваа што имаат посетител од драгата Македонија, се наоѓа „Книжарницата Мештровиќ“, која, за жал, дента не работеше, веројатно поради почетокот на летото, кога студент(к)ите кои најчесто ја користат веќе на големо лежеа на градските плажи.

На горниот кат следи просторија со скулптури преку кои Мештровиќ ја искажува својата супериорност во доловувањето на фигуративноста. Неколкуте примероци во бронза како да практикуваа невидлив танц меѓу себе, иако само немо стоеја пред мене.

Крали Марко, 1910; Атлантида, 1946

Семејството Катунариќ, 1906

Танчерка, 1927; Весела младост, 1927

Пред да го посетам крилото со најзначајните дела на Мештровиќ, малку здивнав на балконот на првиот кат, од каде се пружа прекрасен поглед кон Јадранот, каде во моментот пловеше туристичката подморница со која само ден пред тоа го гледав морскиот свет на дното на морето во близината на Титовата вила, а десно од музејот забележав фантастична приватна вила со базен во кој во моментот никој не се капеше, а на мене баш добро би ми дошло едно освежување, си помислив.

Во вториот дел од музејската посета доживувањето достигна катарза. Прво на тој пат беше ремек-делото „Јов“ од уметниковата „втора експресионистичка фаза“ во Рим, во која евоцира спомени од трауматичното искуство поминато во усташкиот затвор во Загреб во 1941/1942 година. Библискиот Јов е симбол на страдање и неправда, кој и покрај искушенијата, се предава на божјата волја и останува истраен во својата вера. Со деталната анатомија која преминува во гротеска, Мештровиќ постигнува силен емоционален набој кај конзументот на неговото дело.

Следат библиските мотиви, меѓу кои прво ме пречекуваат Адам и Ева во дрво, работени од 1939 до 1941 година: големи, сугестивни и снажни колку и самиот живот.

Следат бронзените глави на Марија Магдалена и Јосиф изработени во 1946 година, а онаа, најславната и највпечатливата, „Главата на Христа“ од 1914 година, за жал, до крајот на годината беше позајмена за една тематска изложба во Археолошкиот музеј на Истра.

И, крајот го краси делото. „Римската пиета“ од 1942/43, изработена од гипс, според многумина, е најдоброто дело на мајсторот Мештровиќ. Секако, ова е само скицата на делото кое си добило финализација во мермер во 1946 година, и кое со децении ги краси просториите на универзитетот во Нотр дам, Индијана, каде Мештровиќ професорувал пред крајот од животот. Каталогот вели дека пирамидалната композиција е инспирирана од делото на големиот ренесансен мајстор Микеланџело, и го прикажува Јосиф од Ариматеја кој ги придржува мртвото Христово тело, Дева Марија и Марија Магдалена. Потресниот библиски момент уметникот длабоко го преживува и се поистоветува со него: во лицето на Јосиф го гледаме неговиот автопортрет, во ликот на Марија Магдалена го сместува лицето на неговата ќерка Марица, а во Христовото лице она на син му Твртко.

Но, што би рекле на здодевниот Топ шоп, „тоа не е се’“. По завршувањето на музејската авантура, љубезните домаќини ве упатуваат да го посетите и ателјето/летниковец на уметникот, кое е само пет-шестотини метри подолу, од другата страна на улицата, како заокружување на целото доживување. Секако, оваа шанса не се пропушта, и за неколку минути сум пред една скромна врата која нуди влез во огромен двор засаден со маслинки, чиј мирис е зачинет со музиката од штурците.

„Цриквине-Каштилац“ е единствен сакрално-уметнички комплекс кој настанал со адаптација од страна на Мештровиќ на некогашниот имот на познатото сплитско семејство Капогросо. Овој ренесансно-одбранбен копмлекс изграден во 16 век за заштита од нападите на Османлиите, подоцна имал разни намени: во 17 век служел како простор за работа на работниците со текстил и кожа, а подоцна и како лазарет. Мештровиќ објектот и градината ја откупува од семејството Жагар во 1939 година, кога е довршена неговата вила неколку стотини метри погоре. Денес ова здание е поделено на две половини: во левата забележав приватен простор со автомобил, моторче, сателитска антена и сите детали од современиот живот на едно сплитско семејство, а десниот… е,  десниот е приказна за себе.

Откако го добил во свое владение, комплексот е многу сменет благодарение на уметникот, кој дворот го облагородува со 28 дорски столбови.  Погледот кон морето и одовде е магичен, во што се уверив откако излегов на една од терасите отстрана. Каков ербап човек бил Мештровиќ, си велам, ич не знаел да избере простор за достигнување на духовни височини 🙂

И повторно, и во овој простор – незаборавно финале! Од дворот низ едноставна врата се влегува во малата капела, црквата на Светиот крст. Во неа трајно е сместена скулптурата „Големото Распетие“ (1916) и циклусот од 28 дрвени релјефи кои Мештровиќ ќе почне да ги работи во Швајцарија во 1917 година, а ќе ги доврши во 1950 година во своето ателје на Универзитетот во Сиракуза. Оваа црква во рамките на приватен простор е нешто што досега немам видено и почувствувано. Делата во неа зборуваат сами за себе, а присутната тишина и постигнатиот душевен мир ве освојува и потоа уште долго не ве напушта. Незаборавно!

Највпечатливо дело, секако, е „Големото распетие“ изработено во Женева во 1916 година. Низ симболиката на Исусовото распетие, уметникот ги искажува своите промислувања за залудноста на војната и страдањето на луѓето, како и уништувањето на самиот човечки род. Нагласената стилизација во изработката на прстите, ребрата, косата и драперијата, на делото му даваат декоративен карактер, а измешани се со патетиката во исказот на болката и карикатуралната изведба на деталите: издолжени и искривени прсти кои како да не припаѓаат на овоземното, положбата на нозете и истакнатите зглобови, жилите и коските на ослабеното тело на Синот Божји. Ваквиот начин на претставување на работите ќе стане понатамошна карактеристика во делата на Мештровиќ, кој кај публиката и критичарите ќе наиде на одлични оценки поради неговата сугестивност.

На крајот од ова патешествие, ми остана само да го овековечам моето присуство во овој простор обликуван од Мештровиќ, и на враќање, пред вилата/музеј, ги замолив првите туристи на кои наидов, еден млад пар, да ме сликнат пред влезот. Погодувате, се работеше за Македонци љубопитни за ликот и делото на Мештровиќ како и јас токму во тој јунски ден. Убава коинциденција!

 

One thought on “Музеј на Иван Мештровиќ

  1. Пингување: Made in Macedonia, Никола Пијанманов – Декорама

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *