На крилјата на славата

Кон „КРИЛЈА“ на Вилијам Велман, првиот оскаровец во историјата

Во далечната 1927 година, Американската филмска академија почна со доделување на златната статуетка, што на многу нивоа го измени поимањето за седмата уметност. Добитниците на чичко „Оскар“ автоматски добиваат многу бенефиции, па еве, дури по девет децении, лауреатите го задржуваат правото сè уште да се пишува и да се зборува за нив

Честа да биде запишан во филмската историја како прв добитник на „Оскар“ за најдобар филм му припадна на „Крилја“ на продуцентот Лисиен Хабард. Се работи за долгометражно остварување сместено во рамките на „воениот“ жанр, што истовремено се закити и со статуетка за најдобри специјални ефекти. Во време кога се појави првиот звучен филм („Џез пејачот“ на Алан Кросленд во 1927 година), Холивуд си најде добра причина да ја заокружи ерата на немиот филм, наградувајќи го токму „Крилја“ со главната награда, за веќе од следната година „Оскарите“ да отидат во рацете на филмовите што го
користеа напредниот „Витафон саунд систем“, со којшто ги маѓепсуваа филмофилите во кино-храмовите.

„Крилја“ е приказна во црно-бело за двајца пилоти во Првата светска војна вљубени во иста жена. Жртвувањето, војната, страста, кариерата е вообичаената порција што ја добивате на крајот од проекцијата, но она по што се издвојува овој филм од другите од тоа време се едни од најдобрите „летачки“ сцени за коишто само може да погодувате како се снимани. За ова, според продуцентот, е најзаслужен американскиот Воен оддел, кој во целост соработувал со филмската екипа. Иако од денешна дистанца филмот можеби и ќе ве разочара поради клишеизираниот начин на раскажување и воопшто, поради режисерскиот пристап кон темата на неискусниот 28-годишен режисер, сепак со добивањето на „Оскарот“, тој стана еден од најславните неми филмови во историјата на кинематографијата, со висока историска важност, што професорите на филмските академии ширум светот постојано ја потенцираат и ѝ се навраќаат. Башка, после овој филм Гари Купер направи неверојатна кариера во Холивуд. Едноставно, филмот на Вилијам Велман за претходните и за идните генерации беше и ќе остане на крилјата на славата, и токму затоа во 2012 година доби сосема нова, реставрирана блу-реј верзија, за оние, вистинските љубители на подвижните слики.

(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *