„Двојник“ од Наоми Клајн

Деновиве во есеистичката едиција „Или-Или“ од печат излезе книгата „Двојник“ на наградуваната авторка Наоми Клајн, во превод на Владо Анчев. Поднасловена „патување во светот на огледалата, ова е смела книга за светот во кој живееме, свет во кој лажните слики лесно стануваат вистина, а вистинските опасности остануваат незабележани. Клајн нè повикува да погледнеме подлабоко во огледалото и да се запрашаме не само кого гледаме од другата страна, туку и во какво општество се претвораме.

Книгата започнува од личното и бизарно искуство на Клајн постојано да биде мешана на социјалните мрежи со американската авторка Наоми Волф — некогашна феминистка која со текот на времето стана промотор на теории на заговор и крајнодесничарски ставови. Клајн ја користи оваа забуна за да го истражи дигиталниот паралелен универзум (кој го нарекува Mirror World), каде што алгоритмите, дезинформациите, вештачката интелигенција и политичката поларизација ја искривуваат реалноста. Книгата е храбар, хуман и оптимистички повик за акција која нè води надвор од црно-белото гледање на нештата и надвор од поделбата на левица и десница, истакнувајќи ја нејзината извонредност, оригиналност и пристапност

„Двојник“ е добитничка на „Женската награда за публицистика“, престижна британска книжевна награда воведена во 2024 година, а Наоми Клајн е нејзината историска, прва добитничка. Таа е сестринска награда на познатата „Женска награда за фикција“ (Women’s Prize for Fiction), и се доделува секоја година за најдобра публицистичка книга напишана на англиски јазик од жена од која било националност, објавена во Обединетото Кралство. Наградата вклучува паричен износ од 30.000 фунти и бронзена статуетка наречена „Шарлот“.

Наоми клајн (8 мај 1970, Монтреал) е влијателна канадска новинарка, писателка, режисерка и општествена активистка, позната по нејзините остри критики на корпоративната глобализација, неолиберализмот и капитализмот. Светска слава стекнува со нејзиниот бестселер No Logo (1999/2000), кој стана манифест на антиглобалистичкото движење, по што следат значајните дела Доктрината на шокот (The Shock Doctrine, 2007) — каде го воведува поимот „капитализам на катастрофи“ — и Ова менува сè (This Changes Everything, 2014), посветена на климатската криза. Денес работи како професорка по климатска правда на Универзитетот во Британска Колумбија и колумнистка за The Guardian, а за својот придонес во борбата за климатска и социјална правда ја има добиено „Сиднејската награда за мир“ (2016), како и веќе споменатата „Женска награда за публицистика“ (2024) за книгата Двојник (Doppelganger).