Да запееме на дождот

Историја на филмскиот жанр – МЈУЗИКЛ

Серијалот текстови за историјата на филмскиот жанр започна со „најфилмскиот“ жанр воопшто, вестернот, а продолжи со поглед врз најзначајните остварувања во научната фантастика и воениот филм. Овој пат приказната ја продолжуваме со, според многумина, најромантичниот филмски жанр, мјузиклот

Кога Џин Кели ги изговори клучните зборови „морам да пеам, морам да играм“ за време на Бродвејската музичка секвенција во филмот „Пееме на дождот“ (1952), тој зборуваше во името на целиот тогашен Холивуд. Мјузиклите отсекогаш биле онаа „алка што спојува“
неколку работи во седмата уметност, уште од појавата на првиот звучен филм, „Џез пејачот“ (1927). Овој жанр, што многу подоцна стана тоа, мудро го чекаше своето време за да исплива на површина и да се вброи меѓу омилените на поширокиот филмски аудиториум. Токму „Пееме на дождот“ е неговиот врв, кога кино-публиката лудуваше по
песните и актерите во филмот, по што приказната почна да оди надолу. И разбирливо беше, бидејќи педесеттите години од минатиот век веќе беа пред својот крај, кога онаа поствоена генерација веќе ги задоволи своите филмски потреби, додека новите генерации, кои не беа заинтересирани за ваквиот уметнички израз на големото платно, го чекаа својот момент, што ќе го реализираат веќе во следната декада, во бунтовните шеесетти години.

https://www.youtube.com/watch?v=D1ZYhVpdXbQ

Во раните денови на „сликите што говорат“ пораката на музиката беше недвосмислена. Се работеше за природно надградување на медиумот – гледате луѓето како зборуваат, а сега ги гледате и како играат и пеат. Сепак, за модерно испрофилираното око, раните мјузикли се наивни и без врска, бидејќи форматот е земен директно од театарот, со што раскажувањето на приказната е лимитирано од движењата на камерата, што претежно е неинспиративна. На почетокот на триесеттите години, човекот со име Базби Беркли кај газдите на „Ворнер брадерс“ се здоби со репутација на екстравагантен режисер на масовни сцени, во кои настапуваат стотици танчарки. Во меѓувреме, во РКО легендарниот Фред Астер направи име како кореограф и танчар од висока класа. Заедно со Џинџер Роџерс, тие го воспоставија мјузиклот како синеастичен жанр, што истовремено може да биде и уметнички и нежен. Веќе одамна во легендите е влезена првата филмска аудиција на Фред Астер, кој, прашан од режисерот што знае да прави, едноставно рекол: „Не знам да глумам, не знам да пеам… можеби малку… но знам да
играм“. Сè потоа е историја.

Токму затоа, музичките ѕвезди од триесеттите се меѓу топ-имињата на Холивуд во тоа време, вклучувајќи ги и Руби Келер, Еленор Пауел, Џенет Мекдоналд, Нелсон Еди и момчето-од-соседната-соба, Дик Пауел. А една од ѕвездите на театарската претстава „Бродвејска мелодија“ (1938) беше и младата тинејџерка која исто така остави можеби најдлабок печат во „мјузикл“ жанрот. Џуди Гарланд беше случаен избор на студиото МГМ, откако се откажаа од услугите на фаворизираната Ширли Темпл за улогата во класикот „Волшебникот од Оз“ (1939), но по одигрувањето на улогата, студијата добија големо име за следна кино-експлоатација, а филмските фанови лице кое тешко можеа да го заборават.

Со почнувањето на Втората светска војна, мјузиклот стана важен производ за бегство од суровото секојдневие. Филмовите беа полни со боја, со носталгични црти, одвреме-навреме се случуваа на некој егзотичен остров, со намера бегството да стане цел сама за себе. Во четириесеттите години дојде времето на веќеспоменатиот Џин Кели, кој царуваше на големото платно, заедно со ненадминливата и прекрасна Дорис Деј. И еден од најголемите пејачи на сите времиња, Френк Синатра, исто така својот главен пробив во шоу-бизнисот го направи благодарение на мјузиклите. Генерално, во четириесеттите
и педесеттите филмовите со овој фраер, како и најуспешните наслови „Јужен пацифик“ (1958), „Бакни ме Кејт” (1953), „Момци и кукли“ (1955), „Оклахома“ (1955) и
„Кралот и јас“ (1956) доаѓаа од студиото МГМ, по што жанрот отиде „по ѓаволите“, бидејќи публиката веќе беше заситена и тргна во потрага по нешто ново.

Револуционерните шеесетти години за момент како да го вратија интересот за мјузиклот, меѓутоа, иако се работеше за краток период од „смртта“ на жанрот, камбекот не беше толку моќен за тотално воскреснување на старите добри филмови во кои безгрижно се пее и се игра. „Кан-Кан“ (1960), „Приказни од Западната страна“ (1961) и „Звукот на музиката“ (1965) ги соборија рекордите на кино-благајните, меѓутоа на сите им беше јасно дека се работи за обид со краток здив.

Последните репрезентативни претставници на овој жанр вредни за споменување, што во својата естетика имаа шмек од старите добри мјузикли, се „Слатка милост“ (1969) и „Кабаре“ (1972), кои ја задоволија онаа малобројна носталгична публика жедна за романса, додека во Виетнам паѓаа главите на илјадници голобради момиња.

https://www.youtube.com/watch?v=5QS1l1mSDSo

Обидите во седумдесеттите години, покрај „Кабаре“, кој ја лансираше Лајза Минели во орбитата, повеќе беа исклучоци отколку правило. „Ѕвездата е родена“ (1976) и „Брилијантин“ (1978) само си поиграа со успешната формула на овој филмски жанр, повторно лансирајќи генерациски имиња како Џон Траволта, на пример, кои во меѓувреме комплетно ќе се загубат.

Но, дека не треба да се биде комплетно песимистичен во однос на која било работа во филмската индустрија покажа првата деценија од новиот милениум. Сè повторно
почна малку порано, во 1996 година, кога режисерот Алан Паркер влезе во целосно нетипичен проект за него, насловен „Евита“. Веројатно, освен неговото, доволни беа и имињата на вечно-жедната-за-добра-филмска-улога Мадона и шпанскиот-заводник-со-цел-холивудска-кариера Антонио Бандерас, како и доволната временска дистанца од последниот добар мјузикл, за овој филм да ги разбранува страстите и на жанрот да му даде нова младост. Следуваше „Чикаго“ (2002) на режисерот Роб Маршал, кој толку ги
разлигави постарите членови на Академијата, што му доделија и „Оскар“ за најдобар филм (сиц!), како и, рака на срце, одличниот „Мулен руж“ (2003) на Баз Лурман.

И на крајот, како атипичен претставник, а сепак неизоставен дел од овој жанр, да го споменеме и Канскиот палмононосец од 2001 година, „Танчар во темнината“ на
Ларс фон Трир, чијашто маестрална режија и игра од страна на исландската поп-дива Бјорк ја заокружува приказната за мјузиклот, само потврдувајќи ја тезата дека овој жанр е веќе минато, што само за момент нè потсетува на убавите времиња, кога филмот бил една голема забава преполна со бои, музика, танцување и безгрижност.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *