„Африка во Македонија“ во МРСМ

Една година по изложбата „Духовите на Африка“, во просторот на Музејот на РСМ имаме можност да присуствуваме на уште една концептуална изложба поврзана со „црниот континент“. Овој пат авторите Гоце Наумов и Никос Чаусидис ја продлабочуваат темата, и за прв пат на едно место ја прикажуваат исконската поврзаност помеѓу Македонија и Африка, која започнува во предисторијата и трае до ден-денес.

На изложбата се презентирани повеќе археолошки, етнолошки и уметнички експонати, како и архивски материјали што ги истакнуваат културните, историските, религиските и политичките врски помеѓу овие навидум далечни простори.

Хомо Хајделбергенсис (десно, сопственост на Музејот за човековата еволуција во Бургос)

Сцена со хомо еректуси во лов (сопственост на Природонаучниот музеј „Смитсонијан“ во Вашингтон)

Секако, тука се и неизбежните носии од африканскиот континент со своите силни бои, во конкретниов случај од Кенија, како фино надоврзување на претходната изложба спомената на почетокот од текстот.

Интересно, во рамките на изложбата се претставени и христијански светци со африканско потекло, кои биле почитувани и сликани во македонските цркви. Еден од нив е Св. Варвар за кого се смета дека се замонашил и починал во Пелагонија и кој бил често прикажуван на фреските во црквите кај Сливница, Лесново, Зрзе и Охрид.

Но, она што доминира на изложбата се повеќе африкански ракотворби и фотографии од личните колекции на наши уметници, дипломати, фотографи, светски патници… Меѓу нив фигурираат имињата на Мирослав Масин, Роберт Смилески, Јасмина Никуљска, Петар Јовановски, Кристина Бицева, Билјана Јурукоски, Филип Кондовски и Скопскиот џез фестивал. Но, да одиме по ред.

Петар Јовановски е дипломат кој во периодот од 1979 до 1983 година работно престојувал во Африка, поточно во Брегот на слоновата коска. Тој патувал и во многу други африкански земји, а од неговата приватна колекција има изложени неколку репрезентативни експонати.

Глинена скулптура од Брегот на Слоновата коска (горе)

Камени и дрвени фигури од Мали и Буркина фасо

Во една изложбена витрина се истакнати и неколку удирачки инструменти во сопственост на Тони Китановски и Гоце Наумов. Се работи за инструментите Конга, Џембе, Биримбао и Барабан од канта.

Благодарение на историчарот на уметноста Кристина Бицева, на изложбата можеме во живо да ги видиме препознатливите долгнавести скулптури толку типични за Африка, но врвно изработени, за разлика од репликите кои кутрите Африканци се обидуваат да им ги продадат на туристите во Грција, шпартајќи цел ден горе-долу по плажите.

Тука е и живописниот африкански накит, чија изведба и бои долго време потоа ви остануваат во свеста.

Јасмина Никуљски е професор и преведувач од шпански јазик, а детството го поминала во Нигерија и Перу. Токму нејзините нигериски колекционерски предмети се дел од изложбата „Африка од Македонија“, а меѓу нив има репрезентативни фигури, маски, глави и барутници изработени од дрво и од бронза.

Роберт Смилевски е светски патник чија маркетиншка работа честопати го носела на „црниот континент“, во кој е вљубен, и честопати тоа го пренесувал во своите авантуристички текстови во разни медиуми. На оваа изложба можат да се видат неговите украсени садови и кутии од Коптите, ѓерданите на Масаите, етиопската игра „манкала“ и разни други предмети од неговите патувања.

И на крајот, Мирослав Масин и неговата приказна за Африка преку подарените маски од африкаските пријатели-уметници, со кои се дружел на разните резиденции и патувања во текот на својата кариера.

Засебен дел од изложбата зазема „Африканската керамика во Македонија“, пронајдена на разните археолошки локалитети низ државава, како и африканската грнчарија и накит од римскиот и доцноантичкиот период на овие простори.

Просторот во засебниот дел од галеријата е посветен на македонските фотографи со особена поврзаност со Африка. Со неколку фотографии е претставен Филип Кондовски, земени од неговата изложба насловена „Децата на Африка“ инспирирана од престојот во Нигер.

Неговата колешка со австралиска адреса, Билјана Јуруковски, со големо професионално искуство зад себе, се претставува исто така со неколку исклучителни фотографии од серијалот „Племенска елеганција“, фотографиран во заедницата Сури која живее на границата меѓу Етиопија и Јужен Судан.

А музички, ако Бразил и звуците на Јужна Америка беа во светскиот фокус на почетокот од новиот милениум, Африка го зеде приматот во последниве неколку години, а сето тоа можеме да го слушнеме и во Скопје благодарение на Скопскиот џез фестивал и ОФФест.

И на крајот, мора да се нагласи дека изложбата е реализирана во соработка помеѓу Музеј на Република Северна Македонија и Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, Музеј на град Скопје, Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола и Национална установа Стоби. И најважното од се’, за потребите на изложбата е издаден двојазичен каталог, на македонски и на англиски, кој чини само 200 денари, а претставува вистинско богатство, бидејќи на 170 страни, со илустрации во боја и прекрасни текстови, е објаснета целата замисла на авторите, со што, по посетата на изложбата, сликата и приказната целосно се комплетира.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *