Голема прашина се крена околу снимањето на новиот филм на Дарко Митревски, кој неколку недели со својата екипа ги анимираше жителите на скопските маала, снимајќи сцени во кои претежно Сека Саблиќ на сет глас требаше да вика: „Џангооооооо“. Паметам дека Митревски беше (и остана) еден од ретките филмаџии, кој 15 минути пред закажаниот термин дојде во Телма и пријатно ме изненади со неговата професионалност, која сепак направи воздржаноста кај него да остане до крајот од интервјуто, не дозволувајќи му духовито да се расприкаже како што само тој знае и умее.
Како и да е, разговорот го водевме пролетта 2004 година, кога режисерот соопшти дека нема ништо од учеството во Кан, плановите беа да се стигне до Венеција во септември, а откако и тоа не се реализираше, остана Берлиналето за следниот февруари. Филмот доживеа премиери на неколку фестивали, меѓу кои освои и две награди – Специјалната награда од критичарите на 27. Московски филмски фестивал, како и наградата за најдобар филм во регионот на 7-то издание на Мотовунскиот филмски фестивал. Сепак, за Митревски најважна е публиката, а таа, барем во Македонија, во текот на целата 2005 година ги полнеше киносалите, на негово големо задоволство. Се зборува за бројка од 120 илјади гледачи, вклучувајќи ги и организираните задолжителни посети на проекциите од страна на учениците. Дел од причините за ваквиот резултат наоѓам и во заразната насловна тема на филмот, „Баба Зумбула“, за која беа ‘виновни’ Кирил Џајковски и Влада Дивљан (слава му!), и која, на која страна и да се свртевме, постојано нè прогонуваше од радио и ТВ-станиците.
– Минатата година на локации во Скопје и околината го снимивте „Бал-кан-кан“, во кој продолжуватe да го истражувате и да го прикажуватe лудиот Балкан низ чудните приказни и митови што ги создаваат локалните херои, или антихерои. Кога започна да се одвртува клопчето на оваа „бал-кан-кан“ приказна и до каде стигна во моментов?
Дарко Митревски: „Бал-кан-кан“ како идеја настана кон крајот на 2002 година, и започна како проект што е македонско-италијанско-британски. Постпродукцијата се одвиваше во Рим во текот на декември-јануари-февруари, каде што филмот беше монтиран, сега ни претстои тонска постпродукција и очекуваме до јуни филмот да биде завршен.
– Колку еден филмски автор се обидува да биде допадлив на домашната, но истовремено и на странската публика? Колку локалното може да се изведе да стане и универзално?
Д.М. Филмот е микс од луѓе од различни простори, не само од Македонија и не само од Балканот. Приказна што онака како што е напишана, уште од старт беше осудена на различни луѓе и различни јазици. И од комерцијални причини е секогаш добро кога филмот го дистрибуираш во некоја друга земја, тамошната публика да препознае некој домашен актер. Но, јас се трудев од филмот да ги исфрлиме сите локални вицови што луѓето од другите земји не би ги разбрале. И додека пишував, честопати се прашував – океј, да сум јас Норвежанин, дали би успеал да го разберам овој виц? Од друга страна, пак, ми беше битно филмот да ги задржи локалните бои, квалитетот на тој филм не е да се обезличи од својот балкански мирис, туку напротив, што повеќе зачин да се стави во таа манџа. Мислам дека успеавме да направиме македонско-балкански филм, кој е разбирлив за широк круг публика.
– Судејќи по првенецот „Збогум на 20 век“, кој го реализиравте во соработка со Александар Поповски, милувате да патувате од еден во друг жанр!?
Д.М. „Бал-кан-кан” жанровски многу повеќе се надоврзува на мојот краток филм „Ѓавол во срцето“, кој беше дел од омнибусот „Светло сиво“. Што се однесува до визуелниот начин на раскажување на приказната, повеќе личи на „Збогум на 20 век“. Овој филм е можеби почеток на нешто што би личело на авторска зрелост.
– Сепак, за авторската зрелост најмеродавни се филмските критичари, што значи дека на филмот му претстои зацртан фестивалски живот каде што ќе ги одмери силите со другите актуелни остварувања во моментов…
Д.М. Јас верувам и во фестивали, критики, награди, но најмногу верувам кога публиката доаѓа да го гледа филмот и ги полни салите, и кога таа го кажува финалниот збор. Во таа смисла, ова е комерцијален филм, црна комедија, која при крајот измамува солзи, но завршува со хепиенд. Не беше пресметан ефект во прашање, туку можеби авторот има солзи што сака да ги сподели со публиката, па затоа тоа така испадна на крајот. Јас повеќе сакам на зафркантски начин да ги коментирам работите, наместо со кренат прст да се заканувам некому или да пишувам некакви манифести.
– Еден од моментите за успешна промоција на филмот е неговата филмска музика. За кого се одлучивте?
Д.М. Композитор на музиката е Италијанецот Дарио Марианели, добив музика каква што посакувам, исклучително духовита, која го следи визуелното лудило што се случува во филмот.
– Каков тип херои сакате – Бетмен, Супермен или Индијана Џонс?
Д.М. Кога би требало да избирам меѓу Бетмен, Супермен и Индијана Џонс, би го избрал Индијана Џонс. Мене ми се допаѓаат тој тип суперхерои со мани, кои се индивидуалци, но со мал милион стравови. Таков лик нема во „Бал-кан-кан“, но во него ќе најдете дезертери, шверцери, хистерични баби, нивни ќерки… Јас верувам во малите, обични луѓе, кои во своите животи наоѓаат сила, ако ништо друго, барем да преживеат. Не верувам во Рамбо ликови, јас верувам во Трендафил Каранфилов и во неговиот побратим, Италијанецот Сантино, син на Витомир.
– Каква е фестивалската агенда на филмот до крајот на годината?
Д.М. Бевме во преговори со селекторот на селекцијата насловена „Недела на критиката“ во Кан и тие беа заинтересирани да го вклопат филмот во нивната програма, под услов до средината на април да го завршиме и да им предадеме финална 35мм копија, што ние не сме во можност да го направиме. Она на што сериозно сметаме е да влеземе во некоја од селекциите во Венеција. Засега е извесно дека филмот ќе се прикажува на поранешните ЈУ-простори, исто и во Италија, како и во Британија.
– Ви следи напорен период на промовирање на „Бал-кан-кан“. Дали во меѓувреме подготвувате нешто ново, бидејќи таков е редот на нештата?
Д.М. Имам понуди за екранизација на сценарија што не сум ги напишал. Станува збор за неколку европски копродукции. Останува да видиме што од тоа држи вода и дали нешто ќе снимиме. Иднината ќе покаже.
(Интервјуто е направено во филмскиот магазин „Филмополис“ бр. 25, а транскриптот и воведниот текст е објавен во книгата „ФИЛМ.МКД“)