Неми филмови, расказ

Стрико ми беше единствениот кинооператор на светот. Пушташе неми филмови во нашиот мал град и тоа беше празник, стрико ми да пушти филм од едно собиче во кое никој не влегол освен јас и Ѓуптинот Грашко, јас кој бев премногу млад и направив грешка што не почнав да го учам занаетот од стрико ми, и Грашко, кој се занимаваше со
метафизика и нешто апстрактно, кој гледаше низ филмските ленти и никогаш во нив.

Се сеќавам дека стрико ми ќе ме поткренеше и низ малото стакленце гледавме во големото бело платно и луѓето под нас, сите занесени гледајќи некоја љубовна сцена проследена со аплауз или со воздишки и солзи. Стрико ми потоа ќе ја сменеше лентата, токму на најубавото, и тогаш публиката не беше онаа мила, кротка публика, туку почнуваше да пцуе по стрико ми мислејќи дека намерно им го уништува задоволството, некои дури одеа дотаму што довикуваа дека ќе му ја пресечат главата, како на филм, а стрико ништо не го допираше, само си работеше, намотај лента, одмотај лента, стави ја, извади ја, прегледај дали е оштетена и така натаму. Јас повеќе гледав во луѓето, таму од горе, отколку во филмското платно.

Понекогаш гледав во Грашко, а Грашко не гледаше во ништо, само мрмореше де метафизика де езотерија, само тие два збора. Не знам зошто стрико ми го прибираше и него, изгледа затоа што не го заморуваше, стрико ми беше таков, сакаше само нешта што не го заморуваат и не зборуваат, прибираше животни од улица, мачки, кучиња, желки, кокошки, го прибираа жени, слаби, дебели, убави, паметни, кокошки, се враќаше дома во
ниедно време или никогаш не се врати туку живееше само во киното. А јас само сакав да ги ѕиркам луѓето од горе и понекогаш, преку светлината и прашинките од проекторот, со прстите правев фигури што се појавуваа на платното, но тоа кога немаше никој во киното инаку стрико ми ќе ме погледнеше лошо.

 

 

 

Потоа малку потпораснав, почна нешто да ме интересира околу лентите, изгледа од што стоев горе во собичето и од малото окце толку долго гледав во светот, што не се видов себеси како растам. Децата на моја возраст почнаа да одат кон последните седишта, а напред остана само дебелиот Симке, кој беше газда на една слаткарница и не го собираше назад, си играше со косата на Тања и потоа се бацуваа, па се допираа со носињата.

Во меѓувреме Грашко научи уште еден збор, па повторуваше де метафизика де езотерија де летаргија, а јас научив како се сечат и прелепуваат лентите. Прегледував ленти од филмови што се прикажувале многупати, ги пуштав наутро кога немаше проекции и тогаш сфатив дека стрико ми намерно ги сече лентите. Внимателно ги исекол сите тажни љубовни сцени, сите умирачки и збогувања, само за да ги усреќи ненаметливо мажите и да ги излуди жените, без да каже збор. Сите го сакаа и не знаеја зошто, не знаеја дека едноставно тој е светец заштитник и ги спречува да бидат несреќни. Му се восхитував.

Кога поминаа годините, слегов долу, не стоев веќе во сопчето со проектор и ги оставив стрико ми и Грашко, се измешав меѓу луѓе, се правев важен, иако речиси никој и не ме познаваше, освен Симке затоа што во неговата слаткарница со стрико ми често јадевме тулумби. Почна некој филм, секогаш нем, со убави актерки и колаж од емоции, со бакнувања, со крикови од последните седишта, па еднаш Тања почна да стенка, па сите
гледаа во Симке, па некој ќе го пофалеше, па стрико ми ќе ја пресечеше лентата и знаев дека сигурно следувала бурна расправија по бакнежот или се појавува мажот, секогаш се појавува мажот во една љубовна сцена, а публиката не го знаеше тоа, им беше гајле.

Мене ми стана убаво кога се заљубив, токму во киното. Марија доаѓаше на сите проекции, некогаш го гледаше истиот филм по неколкупати, па ќе ѝ пријдев, ќе ѝ кажев дека со стрико ми заедно сме го бирале филмот и слични глупости што немаа врска, Марија се интересираше за мене или за филмот, сеедно, се држевме за раце, ја поканив на состанок во слаткарницата, ме одби, продолжи да ме држи за раце и да ме убедува дека во киното ќе ни биде најубаво. Сакав да ја носам во сопчето со проекторот, да ја претставам пред стрико ми и пред Грашко, да го прашам Грашко дали љубовта има врска со оние зборови што секогаш си ги мрмори, но нејзе ѝ беше удобно на столчињата во киното и не стануваше. Никогаш не ја видов надвор од салата, додуша и јас поретко излегував, освен
кога стрико ми ќе фатеше некое ретко животно, како на пример ној или фока и ќе требаше да му го почувам, или кога ќе го бркаше некој изневерен маж, не толку редок, па стрико ми мораше да бега и да го барам низ град, во слаткарницата или во сопчето со проектор.

Така еден ден стрико ми фати верверичка, му светеа очите, никогаш не сум го видел таков. Мислев дека од толку филмови веќе ослепел, но не, ја држеше верверичката во раце и ми ја донесе дома, весел, живурнат. Го прашав од каде е, рече дека ја нашол повредена и ќе ја чува во кафез од папагал. Тој ден личеше на куќна слава. Сите дознаа дека стрико ми фатил верверичка, обично луѓето се мотаа пред нашата куќа за да прашаат за проекции, следни филмови или како се викаше тој актерот со мустаќите, а сите носеа мустаќи.

Сѐ што правеше стрико ми беше настан во градот, поголем и од панаѓурот. Па пред нашата куќа дојде попот, па градоначалникот, па претставник од библиотека, една жена со бебе во рацете, за кое подоцна ми рече дека е од стрико ми, Грашко, дебелиот Симке и Тања, и најпосле јас. Само Марија не дојде. Сите сакавме да видиме верверичка во кафез од папагал. Тоа го немаше ни во филмовите. Така, ги испоотворивме очите, ги начуливме
ушите, па стрико ми испушти крик, верверичката избега, а ние се стрчавме кон него. Стрико ми се повлече, на десната рака имаше остатоци од заби, а во неговите очи се изгуби нешто или нешто внатре му умре, се сневесели, омалакса, му дадов вода, а дебелиот Симке ѝ свика на Тања да донесе тулумби.

Другиот ден како да не се случило ништо. Цел град се собра на кино, стрико ми нареди пет проекции едноподруго, работеше без престан, јас ја молев Марија да одиме во последниот ред за да се пофаќаме малку во темницата, па да ми роди дечиња, па дечињата да ни трчкаат низ киното, но таа ми рече дека и вака е убаво, да се држиме за
раце, да се бацуваме ненаметливо и којзнае што, да гледаме во филмот. Тогаш сакав да ѝ откријам дека всушност филмот не е тоа што ние го гледаме, дека не завршил среќно, дека тој со мустаќите се фрлил под воз поради невозвратена љубов, дека ете некој не ја возвратил љубовта и филмот завршил. Бев заљубен. Ретко навратував во сопчето, и
отпрвин не забележав дека стрико ми е променет, како да се смалил и во сѐ гледа отсутно, дури и мене одвај ме препознаваше.

Проекциите почнаа да се емитуваат само дење, а стрико ми ги пушташе филмовите што беа актуелни кога бев дете, луѓето негодуваа, се создаде непријатна атмосфера. Еднаш, меѓу две проекции, во сопчето најдов изгризани филмски ленти, ги следев лентите што водеа до ќошот и го видов стрико ми, помал од порано, стуткан во ќошот, му пораснале заби, подивел.

Еднаш кога лентата заврши на половина филм и не продолжи другата лента, отидов до сопчето за да видам што се случило, но него го немаше. Се вратив долу, сите беа излегле од киното и покажуваа кон едно дрво. Стрико ми се беше качил на дрвото, трчка угоре-удолу, глода. Дебелиот Симке го молеше да слезе и да го пушти филмот затоа што
не било фер сите да очекуваат херојот да ѝ се врати на првата жена, а да не дознаат никогаш, Тања го лажеше со тулумби и му велеше мац-мац, а тој верверичка, попот прскаше со света вода, градоначалникот мавташе со решение за легализиран имот, а стрико ми веќе не беше на овој свет.

Со сиот срам другиот ден застанав зад проекторот, најавив вообичаени проекции, но не бев вешт во отфрлањето на сите тие тажни љубовни сцени, ограбени возови и самоубиства, па луѓето се бунеа, Тања се расплака и се остави со Симке, Симке ја затвори слаткарницата затоа што го заборави рецептот за тулумби, сите жени се вратија кај своите сопрузи, попот престана да верува во Господ, Марија почна да излегува од киното и да се бацува со друг, ништо веќе не беше како порано, а и Грашко набрзо престана да постои.

Денот кога го затворија киното, стоев внатре. На белото платно се проектираше моето детство, па се збогував со него, со себе, со стрико ми, со Марија, со платното. Забележав дека е изгрицкано по страните. Се насмевнав. Изгледа внатре стоев толку долго, што таму ја дочекав староста. Бев речиси постар од киното и тоа набрзо почна да се урива од сите страни, прво отиде сопчето, па дувна ветар и до мене се стркала денешен весник. Во него
прочитав статија дека немите филмови веќе не постојат, дека се појавила модерна болест што ги напаѓала филмските ленти и белите платна и ги оштетувала филмовите засекогаш. Таа чума била забележана низ цела Европа и по Америките, никако не можела да се спречи. Само јас знаев дека тоа беше стрико ми. Тој секогаш го љубеше само она што не зборува и на крајот и самиот стана нем.

Тогаш умрев задоволен, и така умрен почувствував дека мојот стрико конечно си го најде
својот мир, дека е спокоен откако со себе ги зеде сите неми филмови на светот, дека си го зеде и занаетот. Потоа почнаа да се појавуваат филмови со звук, па во боја, но ништо не можеше да се спореди со филмовите на стрико ми, кои беа ослободени од вечноста на смртта и тагата во очите на човекот со мустаќи, светска тага која, за доброто на човештвото, мораше да биде отстранета од филмската лента токму во тој кадар и засекогаш зачувана во топлото срце на мојот стрико.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *