Најпосетена и најфотографирана слика во „Лувр“ дефинитивно е „Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи. Дури и не може да се пристапи до неа од гужвата која ја создаваат Азијатите, кои штракаат на дистанца од неколку метри од неа со своите мобилни и фотоапарати. Но славниот париски музеј крие уште многу вредни дела кои треба да се видат во живо. Едно од нив е „Сплавот Медуза“ на генијалниот Теодор Жерико.
Ако ви се погоди дождлив ден во Париз, тогаш најдобро е да се тупнете во „Лувр“, и така ќе имате совршено време исполнето со убавини. Неколкуте крила кои тематски ќе ве прошетаат низ историјата на уметноста, сепак, се покажа дека во еден ден не е доволно истите комплетно да се поминат. Но, доколку направите добар план и знаете што сакате, тогаш ќе ги прескокнете „неинтересните“ делови и ќе се фокусирате само на она, највредното. Попат, не одолеав да не се сликнам пред славната слика на Ежен Делакроа, „Liberty Leading the people“, како негов омаж на француската револуција.
Токму оваа слика често ја споредуваат со онаа на Теодор Жерико, која е тема на овој текст, пред се’ од композициски аспект, како и подоцнежната Пикасова „Герника“. За жал, пред „Сплавот Медуза“ не се фотографирав како пред сликата на Делакроа, едноставно, не ми одеше да застанам пред неа поради нејзината грандиозна убавина и значењето со кое зрачеше. Еве ја кратката приказна како настанала славната слика, и во кој контекст.
„Медуза“ бил еден од четирите бродови кои во јуни 1816 година испловиле од пристаништето Рошфор кон Сенегал. Но, по одредено време „Медуза“ се одвојува од конвојот и се насукува, никогаш не стигнувајќи до крајната цел. Најпрво решението било да се исфрлат 14-те топови за да се олесни бродот и повторно да исплови, но капетанот се заинаетил, не сакајќи да отфрли „такво артилериско богатство“, и 400 патници со чамците за спасување ги превезол до најблискиот брег. Бидејќи на нив немало доволно место, преостанатите 146 патници биле сместени на сплав направен од даските на бродот, со кој требало да стигнат до брегот тегнети од чамците напред. Но по неколку километри, капетанот проценил дека тие многу ги успоруваат, и наредил да се пресечат јажињата. Така сплавот е препуштен на непредвидливите диви води на океанот. По бурите кои ги преживеале, патниците во себе ги откриле скриение животински нагони, и во борбата за преживување, следат сцени на насилство и канибализам. По 17 денови драма на сплавот, на него сосема случајно наидува бродот „Аргус“ и ги спасува преостанатие 15 патници.
Теодор Жерико темелно го истражил настанот, разговарајќи со дел од преживеаните патници, паметејќи ја бојата на нивната кожа, нивното исплашено лице, а оние, поздравите, дури му направиле и макета од сплавот во природна големина. По 10 месеци истражување, Жерико ја избричил главата, влегол во ателјето и не го напуштил во следните 8 месеци, колку што му биле потребни за да го наслика 7 метри долгото платно. Иако уметникот во текот на подготовките за сликање скицирал голем борј на композиции со разни сцени на насилство, сепак го одбрал моментот кога на хоризонтот се појавила надежта олицетворен во бродот „Аргус“. Сликата често пати била тумачена и низ религиски контекст, а се’ што е останато на неа од стореното насилство е содржано во речиси скриеното сечило на крвавата секира која лежи на подот од сплавот.
Сликата на Жерико премиерно била изложена на Парискиот салон во 1819 година, со наслов „Сцена од бродолом“, избегнувајќи да ја открие темата со која се занимава, бидејќи настанот имал и политички импликации околу одговорноста при поставувањето на еден таков, речиси нестручен капетан, на една таква сериозна експедиција. Една од критиките велела: „Изгледа г-нот Жерико греши, зашто целта на сликарството е да им се обраќа на душата и на очите, а не да ги одбива“. По ова уметникот се разочарал и се двоумел дали да се откаже од големите уметнички дела и да се врати во шталата каде уживал да слика коњи. Сепак, се покажало дека „Сплавот Медуза“ со текот на времето станала слика-претставник на романтизмот, и воопшто, на уметноста, како и едно од првите општествено ангажирани дела. Затоа познатиот француски историчар Жил Мишелет напишал дека веднаш препознал оти Жерико преку сликата сака да му мафне на општеството во кое живее, слично како што бродоломниците мавтаат кон надежта на хоризонтот. Тој во една кратка реченица ја собрал сета срж на сликата, поентирајќи: „Целото наше општество се наоѓа на сплавот „Медуза“.