Преспа како носталгија, реалност и потенцијал

„Немој во Охрид, хаотично е!“ беа советите кои ги слушав од пријателите и оние кои ги читав на социјалните мрежи. Како да се работеше за некој преспански заговор против Охрида града 🙂 Така, единствена алтернатива за летен одмор, кога веќе границите се затворени, остана Преспа. Веднаш се вратија сеќавањата на безгрижните 80-ти години од минатиот век, на Претор, Крани, Асамати… Којзнае како е сега таму преку лето? Но, во предел во кој фигурираат имиња како Подмочани, Дупени, Стење, Змиски остров – мора да е весело.

Релативно бргу најдовме сместување во Претор, во нов апартман, веднаш до езерото. Всушност, утринското кафе го пиевме заедно со кормораните, чапјите и останатите птици кои секое утро се журкаа крај и во езерото. Нема кој да им пречи, во Преспанско нема многу чамци, глисери и останати моторизирани чуда како од другата страна на Галичица, затоа живиот свет се чувствува како препороден, и слободен!.

Ех, Претор. Па овде пред триесет и кусур години научив да пливам! Дури се сеќавам и на еден туристички брод што сообраќаше крај брегот и ги носеше патниците од една до друга плажа. Сега, за жал, не само Претор, туку речиси и цела Преспа е жртва на повлекувањето на езерото, при што плажите станаа мочуришта, без можност да се ужива во нив. Додуша, плажата во Претор си функционира со чадори и лежалки, двата ресторана си работат и беа прилично посетени, меѓутоа, влезот во водата е катастрофален. Тонењето е неминовност, а валканата вода притоа ве одвраќа од понатамошна рекреација во неа.

Исто така, Претор нема продавница за основни намирници. Освен пекарницата, од која наутро земавме убави работи, мораше да возиме лево-десно по неколку километри за да се снабдиме и со вода, која од чешма не е за пиење. Истовремено на плажата гледавме остатоци од некои минати времиња кога сето ова функционирало како што треба, а надреализмот во присутното само го надополни случајот „обид за пловило во вода“, кога едни луѓе најдобронамерно сакаа својот чамец „да го клават в езерото и малку да се провозат“, но заглавија и тие, и Ладата Нива, и тракторот кој потоа требаше да ги извлече. Заглавија луѓево до доцна во ноќта, работејќи и на рефлектори. Салвадор Дали? Хммм.

Најблиската плажа, но и единствена која функционираше како што доликува беше „Цоца“ под селото Сливница. Огромен песочен простор на кој можеше да се држи пристојна дистанца, како да си на плажата во Улцињ (уште еден спомен од детството!). Влезот во водата е долготраен, но таа само малку се заматува, за разлика од Претор. Може да ви прошета и по некоја алга низ нозете, но сето тоа беше подносливо. Над плажата функционира и кампот, како и ресторанот кој целодневно е отворен, и во кој за пристојни цени можеше да се ужива во кафето, сладоледот, но и во скарата и останатата понуда од менито. „Цоца“ највеќе ја посетувавме бидејќи на неа имаше и најубаво зајдисонце, а природата, после еден летен краткотраен дожд, не’ почести и со едно огромно виножито над планината Баба.

Единствена алтернатива на плажата во Сливница е онаа во Дупени. Сместена на влакно од границата со соседна Грција, во месноста „Маркова нога“, оваа плажа исто така нуди огромен простор со изобилство од квалитетен песок, меѓутоа, влезот во езерото на места е дискутабилен, како да пропаѓате во жива кал. Но набргу се навикнувате на ова и се обидувате да не го гледате како проблем. И овде Дупенчани направиле пристојно кафуле/ресторан со пријатна лаунџ музика, каде може низ пијачка и храна да се поминат квалитетни попладневни моменти со семејството и пријателите.

Она што плени кај Дупени е тоа што сте најблизу до Змискиот остров, кој ви се чини како да е достижен и со пливање. Секако, не е така, но дознав дека одредени луѓе можат да ве превезат до таму со чамец, иако Голем остров е дел од Националниот парк „Галичица“, и можеби ќе ни требаше и посебна дозвола за посета. Затоа, оваа желба остана неисполнета, за некоја следна посета на Преспа.

Покрај класично поминато време на релација апартман-плажа-апартман, мора на одморот да му дадете и одредена содржина за да не ви биде здодевно. Името „Преспа“ означува песочна преграда или снежен навев. Таа изобилува со природа, историја и знаменитости кои вреди да се видат. Наоколу постојат споменици на културата и археолошки остатоци од дамнешни времиња, почнувајќи од антиката, кога Преспа ја населувало горномакедонското племе Орести. За време на Римското царство, низ котлината поминувала и познатата „Виа Игнација“, со попатна станица Скританија, подоцна Ресен. Градот во кој е започната Младотурската револуција на 03 јули 1908 година на чело со турскиот офицер Ахмет Нијази Бег беше прв на листата на желби, а што видовме таму, клик на следниот текст.

Сарајот на Нијази бег – дом на Ресенската керамичка колонија

На источната страна од езерото, онаа на која највеќе гравитиравме, посетивме неколку питорескни села кои ни оставија убав впечаток. Неколку километри пред Дупени, во подножјето на планината Баба се прекрасните Љубојно и Брајчино. Љубојно е мало село со тесни сокаци и камени куќи кои го оживуваат духот на минатото. Покрај класичниот мал плоштад на сред село, каде се наоѓа мини маркетот и, веднаш до него, кафеаната во која се собираат локалните мудреци, Љубојно е богато со историја и археолошки наоѓалишта, и ве враќа на прошетка низ времето.

Она што ни остави најголем впечаток се остатоците од првото училиште на мајчин, македонски јазик во Љубојно и Преспа, „Димитар Влахов“, кое е всушност второ училиште во Македонија, отворено на 15 ноември 1944 година. Како и многу значајни објекти кај нас, и овој е оставен на забот на времето, а очигледно е дека се работело за прекрасна градба, која, според најавите, набргу би можела да го добие стариот сјај. Ќе видиме.

Пар километри понатаму се наоѓа селото Брајчино. Возењето низ зелениот појас кој ве опколува навистина релаксира. Архитектурата во Брајчино, за разлика од Љубојно, навистина е повпечатлива. Плоштадчето на сред село има масички и клупи на кои може човек да се одмори, пкрај брзата брајчинска река која шиба под вас. Токму тука се наоѓаат и инфо таблите за рекреативците, на кои се претставени велосипедските и пешачките тури кои можете да си ги приуштите, доколку имате желба за тоа, стигнувајќи дури и до Големо езеро горе, на Пелистер.

Освен селскиот, во Преспа може добро да функционира и манастирскиот туризам. Од големата понуда ние избравме да ги посетиме манастирите во Сливница и во Курбиново. До оној во Сливница се стигнува по еден кривудав пат, кој на две-три места има прекрасни точки за фотографирање на езерото со Змискиот остров во далечина. Инаку, зад островот Голем град, во соседна Албанија има уште еден, помал остров во Преспанското езеро, кој, погодувате, се вика Мал град.

Манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ над селото Сливница е изграден и зографисан во 1607 година, и е опколен со густа борова шума чија креација е прекрасниот планински воздух кој ви ги чисти градите. Во склоп на манастирот има конаци и простор за одмор, кој најчесто го користат љубителите на природата. Во дворот на манастирот има чешма за која се верува дека дава света и лековита вода, која извира од под самата манастирска црква.

Интересно, од Сливничкиот манастир, по планинарска патека за 1ч15м (4км) може да се стигне до оној во Курбиново. Ние сепак се одлучивме за пат дотаму со автомобил, бидејќи сонцето над нас веќе го достигна пладневниот зенит. Манастирот „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново е еден од најстарите во регионот. Сегмент од фреската со Светецот Архангел Гаврил, т.н. „Ангелот од Курбиново“, се наоѓа на банкнотата од 50 денари. Манастирот во овој период е во процес на реставрација и, за жал, беше затворен. Знаев за можноста дека треба да побараме клуч од одреден човек во селото, но не го сторивме тоа.

Освен манастирот, овде е прекрасна и околината, со широк простор пред вас и непрегледни планини на секаде околу вас, а близу се наоѓа и едно соголено дрво (погодено од гром?), кое изгледа како да доаѓа од откачените филмови на Тим Бартон.

Северозападната страна на езерото ни понуди поинаква убавина. Ако судиме попатно, очекувањата требаше да бидат големи, особено доколку сте љубител на цвеќиња и наидете на ваква оаза крај патот, која пријатно не’ изненади.

Изненадувањето продолжи со пријатниот комплекс „Lake view“, фино скоцкан, комбинација од шума и вода, која сепак не беше за капење. И генерално, на оваа страна од езерото нема добри плажи за капење, освен за сончање. Платформата во комплексот „Поглед на езеро“ ни понуди многу убави фотографски моменти, можеби најдобри!

За разлика од тука, славниот камп „Отешево“ се’ уште ја држи сенката под контрола, но под сенката гледаме само рецидиви од едно време кога се’ функционирало под конец. Освен десетина приватни приколки и пар бунгалови во кои семејствата си уживаат во раатот, овој простор ретко кој го посетува. За жал, плажата има голем потенцијал, но како и се’ во Преспа, тоа е само потенцијал кој чека подобри времиња, и ништо повеќе.

Веднаш над кампот „Отешево“, од другата страна на улицата, речиси невидлив, се наоѓа велелепен споменик кренат на местото каде се одржувало Преспанското советување од 2 до 4 август 1943 година. Идејното решение на Јордан Грабул (автор и на „Македониумот“ во Крушево) е реализирано во 1973 година, во чест на ова легендарно случување, на кое присуствувале членовите на ЦК КПМ, како предвесник на подоцнежниот АСНОМ.

Потоа следи вистинска хорор приказна. Најубавиот хотел во минатото на крајбрежјето на Преспанското езеро, хотел „Југославија“, кој потоа беше преименуван во хотел „Европа“ и набргу замре, е вистинска руина. И овде важи констатацијата дека истиот е изграден на атрактивна локација, со прекрасен поглед кон езерото, меѓутоа, транзицијата го изеде и овој крајезерски бисер. Барем да го издаваат како атрактивна локација за снимање на хорор филмови. Еве добра сторија за истражувачките новинари.

Пред да го напуштиме неговиот атар, поминуваме низ капијата над која се надвиснати две подадени раце, како симболично потсетување на некои убави минати времиња.

И на крајот, ова наше заедничко патешествие завршува во Стење. Несуденото „монденско“ место кое пред неколку години доби атрактивна песочна плажа, за жал, не изгледа баш сјајно. Да, плажата е тука, атрактивната платформа исто, луѓето лежат, се сончаат, тераат одмор, дури и се капат, но јас не би го правел тоа во таква валкана вода. Штета! Неасфалтираниот, макадам пат понатаму води до крајната точка на оваа страна, селото Коњско, но сепак се одлучуваме за Галичица.

За да возиме по патот кој води од другата страна на планината плативме 110 денари. Јас го избегнав Коњско за да не ја искршам колата, но истото чувство го имав и овде – дупки еден куп! Се качивме до првиот убав видиковец и уживавме во глетката од оваа страна на езерото. Фино е да се гледаат работите од високо, се чувствуваш моќно и убаво, но реалноста, за жал, ни покажува нешто сосема друго. Сепак, глетката остава без зборови, замолчувате, и уживате одредено време во неа, тргајќи сето останато настрана.

Како и да е, Преспа на свој, автентичен начин, има магија во себе, и кога би имал можност, повторно би ја посетил. Таа ни даде бегство од урбаната џунгла и, секако, МИР – што е вистинска драгоценост во овие кризни времиња. Башка, Змискиот остров ми остана само пуста желба! Ете мотив за повторно навраќање во овој митски простор 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *