Вино и „Шрапнел“ во Новата година

пишува: Благородна Димовска-Буџакоска

Ми беше чест да ја читам книгава, ми беше особено задоволство да се дружам со неа во новогодишната ноќ, бидејќи за мене славењето е тоа, храна ми е пишаниот збор, и јас рано утринава си легнав сита.

Оваа книга е од оние која не вришти на цел глас: види ме колку сум добра па читај ме, види ме колку сум паметна па мораш да ме читаш. Не дека не е добра и паметна, напротив, таа е се’ од тоа и многу повеќе. Но, ме плени со својата скромност и ненаметливост, со својата тивка силина и убавина. Класичен пример каде темата не треба под дифолт да биде бомбастична и звучна за да се создаде книга вредна за почит.

Течат две паралелни приказни навидум недопирливи една со друга, раскажани едната во трето лице, другата со „јас“ во прво лице. Две теми кои се егзенсионално лични, извадени некаде од длабочината на сопственото „јас“.

Едната се осврнува на темата „брак“, интимна исповед за односите меѓу сопружниците, за семејството каде има деца. Со сите падови, станувања, обврски кои на момент оддалечуваат, за на крајот сепак да спојуваат. За кревкоста на љубовта во една заедница која сепак го менува обликот, неминовно и тековно.

Другата пак го опишува односот татко-син, преку кој ги согледуваме недостатоците и на ова денешно општество со сета корумпираност и трулост, наспроти она општество кое се распадна некаде во 90-те прикажано како идеал. Особено ми се допадна таа паралела, но и врската помеѓу машкото дете во случајов со фигурата на таткото, која е многу важна за градење на зрел и нормален маж во иднина. Без патетика, но со голем емотивен набој е отсликан овој однос, маж-дете, родител-возрасен човек.   

Книга во која уживав во сите оние цитати на почетокот од секое поглавје, книжевно поткована со звучни и важни имиња кои и на мене ми се омилени. Книга во која се слуша добра музика, стар добар рок, за мене многу познат. Книга која е многуслона, која низ обични случувања обработува теми од денешницава во која сите се трудиме некако да живееме и да останеме свои и нормални.

И на крајот шрапнелот. Една голема метафора, која ја поврзува книгава во една цврста целина, која ја врзува онака, во тврд повез, за да остане компактна. Раната од дедовиот грб, раната од шрапнел, дел од граната која ја добил како спомен ос Сремскиот фронт, за среќа не фатална… Е тој „шрапнел“ секој од нас го носи во себе, колку и да не е видлив, за другите или за секој од нас, ама тука е, не’ опоменува, некогаш не’ чеша како стара зарасната краста, некогаш не’ пече, некогаш и не го забележуваме, но тука е.

Секој си има свој шрапнел!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *