Музеј на Огист Роден во Париз

Едно од најпријатните места за посета во Градот на светлината е музејот на славниот скулптор Огист Роден, сместен во самото срце на Париз. Неверојатно е каков мир во овој простор може да почувствува човек, знаејќи дека насекаде околу него се простира еден таков динамичен град преполн со туристи. Стигнувањето до музејот е многу едноставно, со линијата број 13 се симнувате на фреквентната метро станица „Varenne“, каде уште на самата платформа ве пречекуваат неколку скулптури од уметникот; потоа, со RER линија „Це“, или пак ако сакате на скопски начин, со автобус, со линиите број 69, 82, 87 и 92 низ задолжителното викање „мајсторе, задња“ на француски јазик 😉

The Thinker, 1904

Франсоа Огист Рене Роден (1840-1917) се смета за основоположник на модерната скулптура. Тој поседувал уникатен пристап при доловувањето на комплексни, турбулентни и длабоко промислени сцени од животот со неговите скулптури изработени од различни материјали. Но, многу од неговите дела биле критикувани како предекоративни и крајно тематски. Роден се тргнал од дотогашното третирање на митологијата преку алегориски скулптури и му отстапил простор на натурализмот, славејќи го индивидуалецот и неговата физичка сила.

The Kiss, 1882
The Cry, 1886
The Man with the Broken nose, 1864
Lover’s hands, 1908

Огист Роден успеал да се соочи со сите предизвици, и веќе во 1900 бил светски познат уметник, изложувајќи дела на Светските изложби заедно со оние на неговите ученици. Една од нив, Камил Клодел, подоцна и негова помошничка, љубовница и креативен ривал, исто така е застапена со нејзини дела во една од собите во музејот.

The Mature age by Camille Claudel, 1898

Музејот на Роден во Париз е отворен во 1919 година. Во негов состав влегува Хотелот Бирон опколен со прекрасна градина во центарот на Париз, како и останатите објекти во околината кои содржат колекција од над 6000 скулптури, 8000 цртежи, 8000 стари фотографии и над 7000 уметнички објекти.

Роден го користел хотелот за негова работа од 1908 година, и на крајот целата своја колекција од скулптури и останати уметнички дела ја подарил на француската држава, која го отворила овој прекрасен музеј токму на местото каде уметникот творел во последните девет години од својот живот.

Роден бил и познат колекционер, знаел навреме да ги намириса новите таленти, и меѓу изложените слики можат да се видат и оние на Ван Гог, Реноар и Моне кои тој ги поседувал во својата колекција.

Portrait of Pere Tangyuy by Vincent van Gogh, 1887
Nude in the sunlight by Renoir
Belle Ille by Claude Monet, 1886

Едно од најатрактивните дела е поставено во градината на комплексот. Се работи за црната верзија на велелепната „Порта на пеколот“, додека нејзината „сестра“, белата верзија, можевме да ја видиме во музејот „Orsay“ претходниот ден. Приказната вели дека ова дело е посвета на „Божествена комедија“ на Данте Алигиери, со многу прецизно изработени фигури кои ги претставуваат ликовите во неговата легендарна поема. Нив ги предводи „Мислителот“, кој многумина сметаат дека е самиот поет Данте, а фигурата го добила името според истоимената скулпура на Микеланџело, на која тој го претставил тогашниот моќник Лоренцо ди Медичи. Портата за прв пат е изложена во 1880 година, а „Мислителот“, кој во меѓувреме како централна и највидлива фигура на портата станал многу популарен, бил изработен како засебна скулптура дури дваесетина години подоцна.

И на крајот од возбудливиот ден преполн со убавини, седнувате на една вкусна „Цезар“ салата и нешто блачко за десерт во симпатичниот ресторан крај малото езерце во срцето на градината. Кога ќе го посетите Париз, морате да ѕирнете во тајните одаи на Роденовиот музеј. Најтопло препорачувам!

@Paris, 2012

One thought on “Музеј на Огист Роден во Париз

  1. Пингување: Ѕвездени моменти во музејот „Орси“ во Париз - Херој на еден ден

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *