Денеска од печат излегува новата поетска збирка „Гранична состојба“ од Лидија Димковска. Се работи за деветтото издание во едицијата „Поеза“ на ИЛИ-ИЛИ, кое се појавува пет години по стихозбирката „Црно на бело“, како прво издание со кое стартуваше споменатата едиција.
Оваа поетска збирка се комплетира во година кога авторката добива дури две меѓународни поетски наради за нејзиното досегашно творештво, и двете како прв(а) македонски(а) поет(еса): наградата „Чаша на бесмртноста” за десетгодишен поетски опус што ја доделува поетскиот фестивал “Лириконфест” од Велење, како и наградата „Наим Фрашери” што ја доделува поетскиот фестивал „Денови на Наим” во Тетово. На тој начин новата поетска збирка „Гранична состојба“ на Лидија Димковска претставува нов лирски меѓник во нејзината поетска ориентација која донесува нови, актуелни и универзални стихови за човекот, неговото постоење и предизвиците со кои се соочува сега и овде, но и во вечноста.
Гоце Смилевски за „Гранична состојба“ потенцираше:
„Песните од новата стихозбирка на Лидија Димковска се директен одговор на горливите прашања кои ги поставува актуелниот миг, и кои се поврзани со егзистенцијалните тегобности, личното и колективното сеќавање, односот на историјата и сегашноста, мигрантството, засилувањето на ксенофобијата, исчезнувањето на хуманоста и солидарноста, неизвесностите на постоењето – сето она што ни го донесе почетокот на векот, или што ние му го донесовме на овој век, од кој истрошивме дваесет и една година. Тие се песни на храброст и непомирливост, на искреност и на бескомпромисност, квалитети кои отсекогаш биле карактеристики на поетиката на Димковска. Од друга страна, наспроти овие одлики-константи, тоа е поетика која низ годините, од првообјавата „Рожби“ пред скоро три децении, па сè до денес, постојано се метаморфозира и развива, и сега е дојдена до степен на потполна отвореност кон фактографското, кон наративното, кон промислување на суштествувањето низ поетското создавање. Согледана во таа развојна низа, „Гранична состојба“ претставува една од кулминативните точки во творечкиот опус на Димковска“.
Лидија Димковска (1971, Скопје) е поетеса, романописка и преведувачка од романски и словенечки на македонски јазик. Објавила шест поетски збирки (Рожби од Исток, Огнот на буквите, Изгризани нокти, Нобел против Нобел, pH неутрална за животот и смртта и Црно на бело), три романи (Скриена камера, Резервен живот и Но-Уи), еден американски дневник (Отаде Л.) и една збирка куси раскази (Кога заминав од Карл Либкнехт) преведени на повеќе од дваесет јазици.
Досега ги добила македонската награда за дебитантско поетско дело „Студентски збор“, два пати наградата за проза „Стале Попов“ на ДПМ, наградата за најдобар превод „Божидар Настев“, германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, романските „Поесис“ и „Тудор Аргези“, европската награда за поезија „Петру Крду“, наградата на Европската Унија за книжевност за романот „Резервен живот“, Специјалното признание „Европско културно наследство“ за најдобар расказ, словенечката награда „Чаша на бесмртноста“ за десетгодишен поетски опус, албанско-македонската награда „Наим Фрашери“ за животно поетско дело…
Плус-минус
Порано мртвите
можев да ги избројам на прсти,
сега се недоброј.
Порано живите
можев да ги бројам пред спиење,
сега ги повторувам.
Помислам ли
дека некој може да умре,
веднаш сум подобра со него.
Колку било лесно
да се биде добар
со потенцијално мртви луѓе!
Но штом се одложи
умирањето,
се одложува и живеењето.
А тогаш
телото го губи времето,
душата го придобива.
Телото го напушта просторот,
душата го населува,
духот го расселува.
Меѓу живите и мртвите
разликата е плус-минус
некој степен во температурата:
едните се оладени,
другите се изгорени,
а сите (н)и живи (н)и мртви.