Изминатиот период се заредија текстови во однос на 30-годишнината од излегувањето на некои култни албуми на почетокот од 90-те (Архангел 1, Nevermind на Нирвана, Blue lines на Масив атак, Пакет аранжман и Шарло…). А само една година порано, или поточно, на 21 август 1990 година, бумот го навести излегувањето на албумот Ritual de lo habitual на Jane’s addiction, кој и по три декади покажува и докажува дека се работи за безвременско издание кое се’ уште функционира беспрекорно.
Jane’s addiction се формирани во 1985 година во Лос анѓелес, и за разлика од нивните колеги од Сиетл и околината, кои ја обележаа последната декада од минатиот век, како да останаа во позадина од музичката приказна, но сепак со еден куп фанови и поддржувачи зад себе. Во 1988 година го издадоа дебито Nothing shocking, разголувајќи го конзумеризмот на раскалашените 80-ти години до најмал детаљ. Многумина синдромот на „втор албум“ го прогласија како вечна дијагноза после која нема враќање назад, а бендот на Пери Фарел и пајташите вистинската афирмација ја доживеа токму со второто албумско остварување, кое го издржа тестот на времето.
Затоа ме израдува поштенската пратка утрово, која освен двојното ЛП излезено лани, по повод 30-годишнината од објавата на албумот, содржеше и ДВД/ЦД од живиот настап на повторно собраниот бенд на 25-годишнината, кога отсвиреа неколку концерти, секако, со комплетните песни од легендарниот Ritual de lo habitual, надополнети со уште пар хитови од другите албуми.
Stop!, Three days, Classic girl и незаборавната Been caught steel како дел од рокенрол наследството на овој калифорниски бенд, кој, како и гранџ бендовите од соседството, создаваше песни за животните црнила и зависности, но за разлика од нив, низ еден California surfin’ позитивен пристап кон нештата. Според најавите, Jane’s повторно ќе застанат на сцената во септември годинава. Иако Пери веќе не е во цветот на младоста, сепак добро се држи, вокалот горе-долу повремено му трокира, но тука е секвенцерот за поддршка на неговиот перформанс, кој и на овие години е енергичен и динамичен до крајност.
Jane’s addiction можеби ќе оставеа многу повеќе музички записи зад себе доколку г-нот Фарел не се зафатеше со организација во 1991 година на еден од највозбудливите музички фестивали во светот, патувачкиот Lollapalooza, кој, by the way, годинава ќе се одржи во Чикаго од 29 јули до 01 август, со Foo fighters како главни ѕвезди. По успехот со Ritual, Пери оформи нов бенд, Porno for pyros, кој издаде два одлични албуми (се сеќавате на хитот Pets, нели). Дури во 2000-те Jane’s повторно се собраа и ги издадоа Strays и Great escape, но остана фактот дека Ritual de lo habitual беше и остана нивниот музички врв, во кој, еве, може да се ужива и по 31 година со истата бунтовност и сласт.