Раскажувач на приказни и добар домаќин, тоа е Зоран. Жилав, мудар, со бистар поглед и малку исончан тен од мајското сонце. Од многуте наредени кајчиња крај вливот на Црн Дрим во Охридското езеро, само тој не наплаќа за најмладите, бидејќи тие се најдрагите гости на неговиот стамен чун, кој го управува веќе седма година по ред.
На еден ден пред 24 мај, Денот на сесловенските просветители, изборот да се посетат изворите во прекрасно средениот комплекс „Свети Наум“ се чини како полн погодок.
„Ќе ни раскажуваш приказни попат, така?“, го прашувам.
„Аааа, тоа додатно се наплаќа“, се шегува Зоран.
„Но зошто да не“, се вклучува госпоѓата од второто семејство со кое заедно ќе правиме баланс на кајчето, тие оттаму, ние од спротивната страна. „Еве, јас сум медицинско лице, а не наплаќам за зборување со пациентите“, констатира.
Зоран се насмевнува, и како добар домаќин ни помага удобно да се сместиме во неговиот дом на вода. На ваквите луѓе им се познава во очите дека сакаат да раскажуваат приказни. Пријатната блага насмевка, сигурниот баритон и рамномерното веслање од следните половина час создадоа незаборавно искуство. Температурата на водата во текот на целата година е 12 степени, и на моменти се затресуваме од пријатното студенило во деловите низ кои минуваме неогреани од сонцето. На неколку места застануваме за да посведочиме на извирањето на водата низ песокта долу. Чудесна глетка.
„Не случајно манастирот е изграден на ова место. Оваа вода исцелува, тоа свети Наум добро го знаел“, суптилно ни ја расплетува мистеријата на ова свето место нашиот водич.
„Славистите велат дека зад псевдонимот Црноризец Храбар се крие Наум Охридски“, велам.
„И јас сите овие години читам и истражувам“, заниша потврдно Зоран со главата, „и се’ повеќе сум уверен дека е така. Тие записи се дел од нашата суштина, а највеќе ми се допаѓа тоа што авторот вели дека треба да се бориме за секој збор, бидејќи нашиот јазик е многу богат и прекрасен“.
И додека ни посочува да го погледнеме местото каде водата е карбонизирана и на дното од изворите се стврднала и блеска на сонцето со својата чисто бела боја, нашиот домаќин накратко ни ги прераскажа главните поенти на писанието „О писменех“, или „За буквите“, текстот кој датира од 10 век, а за чија големина сведочиме од единствениот зачуван препис од 13 век, пронајден на Света Гора.
Главната тема на овој текст на 38 страници е појавата и постоењето на словенската писменост, а идејата — да се докаже оправданоста на постоењето на таа писменост, нејзиното огромно значење, како и одбрана од нападите од тријазичниците (оние што ги сметале за свети само трите јазика: грчки, латински и еврејски).
Текстот се состои од три дела:
1. историско — јазичен дел, со воспитен карактер; во овој дел се изложени трите фази од развојот на писменоста на Словените.
2. полемички — во вид на прашања и одговори; во вториот дел Црноризец полемизира со непријателите по класичниот систем: теза, антитеза, синтеза. Тезата е прашање, антитезата — одговор, а синтезата — заклучок.
3. и заклучок — во кој ја искажува својата љубов и гордост. Во третиот дел е истакната љубовта на словенските писатели кон творците на словенската писменост, нагласувајќи дека не постои некој што не го знае нивното име и дека тие се подготвени да го чуваат, заштитуваат и продолжат нивното дело, како што тоа го прави и авторот на овој текст.
Сето ова Зоран го образложува на негов начин, контекстуализирајќи ја приказната во современоста која ја живееме. Но барем тој не мора да го крие сопственото име, како Калуѓерот Храбар пред илјада години, се смееме. Полека се приближуваме кон крајот на полчасовното патешествие, а заклучокот води кон тоа дека и во вакви времиња-невремиња, треба да се биде Човек, и да се трудиме постојано да го негуваме Доброто во себе.
Веслата се кренати, насмевките широки, се простуваме срдечно со нашиот прекрасен домаќин на чунот, кој уште еднаш потврди дека секое патување е незаборавно доколку имате крај вас и добар раскажувач, човек кој ги сака приказните, но и вистините, и истите знае како да ги (пре)раскаже.
Сега ни остана со полно срце да го посетиме манастирот „Свети Архангел“ од 910 година, изграден на карпата на најјужната точка на Охридското езеро, основан од Климентовиот соработник, свети Наум, чија речиси незабележлива скулптура скромно не’ пречекува на самиот почеток од искачувањето до врвот, онаму каде царуваат пауните. За многу години празникот!