„Понекогаш ми фали онаа проклета Студена војна!“
Оваа реплика од филмот „Миротворец“ (Peacemaker) изговорена од еден американски воен офицер отприлика дава површен пресек на филмовите со слична тематика снимани изминативе педесет години, како на источната, така и на западната страна. Берлинскиот ѕид јасно ги исцртуваше границите: железната завеса тивко се вееше на ветрот, а низ неа дупки колку сакаш, низ кои непречено ве ѕиркаат комарци со шпионски очи. Па следат фрки, бркотници, нарушување на мирниот (?) живот на Земјаните со сателитско снимање, за на крајот и обете страни да останат недопирливи, а атомските инциденти да се сведат на минимум. Чернобил? Мал дел од колачот.
Деведесеттите години се исклучок од ова правило. Во последно време се’ поприсутна е тенденцијата, барем на филмското платно, да екслодира макар една од неколкуте можни (атомски) бомби, за во понатамошното дејство да има некаков заплет и екстра возбудување. Освен филмот за кој пишувам, во оваа класификација спаѓаат и „Денот не независноста“ (Independence day) и „Невозможна мисија“ (Mission Impossible). „Марс напаѓа“ (Mars attack) е сосема друга приказна.
Но, не плашете се! Иако значаен дел од филмот е снимен во Македонија, во охридско и околу вештачкото езеро Глобочица (сцената со камионот на бунтовниците и експлозијата на мостот), не станува збор за несудената нуклеарка во мариовската пустелија. Добро е.
Филмот „Миротворец“ на Мими Ледер е приказна за љубовта, братството и единството, страста, студениот професионализам и новиот светски поредок. Неговите допирни точки со филмското наследство се некаде на трагата помеѓу авантуристичкиот серијал за агентот 007 и глобализмот на г-дин Аркадин на Орсон Велс. Доказ за тоа е почетокот на филмот и сцената со паралелните возови во Украина, па дивото возење низ тесните улици на Виена, и класичниот застој на сообраќајот во центарот на градот, во случајов Њујорк. Доволно. А глобализмот на Велс можеме да го поврземе со Новиот светски поредок во кој индиректно е вклучена и Македонија (не во сценариото, туку при снимањето), а освен кај нас, филмот се снимаше и во Чешка, Австрија, Словачка, Британија, Русија, САД.
Филмското дејствие се заснова на денешната реална политика во која се засегнати неколку жешки региони во светот, каде многу добро се знае кој е непријателот. И многу интересно е што еден ваков голем и скап филмски проект и’ е доделен на режисерка. Ледер е млада филмаџика која под закрилата на создавање на високо профитабилни летни хитови, растеретена од емоционалните фрустрации на национализмот, својот филмски занает го доведува до врвно ниво. Перфекционизам е постигнат во сите акциони сцени (поголемиот дел се снимани од хеликоптер), во монтажата, фотографијата, светлото…
Сепак, и покрај тоа, цело време се има чувство дека несудениот Индијанец од кино платното те гледа право в очи и ти дава до знаење дека си немоќен да направиш било што, освен да бидеш присутен. На црната берза некои народи котираат многу полошо отколку што се мисли.
Сите претходни асоцијативни забелешки во однос на „Миротворец“ не’ донесоа до крајната цел: зградата на ОН (која патем многу личи на онаа на ЕСМ J), треба да експлодира. Уф! На резиденцијата на светскиот мир и стабилност тоа не смее да и’ се случи. Филмот е политика. Политиката е афродизијак кој раѓа тип со мачо карактеристики (Clooney) и ќерка на поштар во врвот на Вашингтон (Kidman), чии стереотипни ликови повторно го враќаат филмското сиже на почетното status quo. Ние победивме, вие изгубивте. Том и Џери.
И после се’, зарем Американците не создаваат војни за да можат да снимаат филмови? Рецептот е добро познат и се вика Apocalypse Now.
Станете Peacemaker, ставете Pacemaker!
@Текстот е објавен во магазинот „Град“ бр. 2, летото 1998 година