„Маклабас“: Интервју со Александар Станковски – Рембрант

Маклабас, игран филм, 35мм, стерео

Независна продукција

Копродукција на територија на РМ: А1 ТВ

Сценарио и режија: Александар Станковски

Улоги: Илија Даскалов, Мирче Доневски, Владо Манчевски, Нора…

Сметаш ли дека „Маклабас“ е еден вид манифест преку кој ги прокламираш своите желби, сфаќања, пороци?

  • Па да. Ова со манифестот навистина е добро. Досега никој не ми поставил такво прашање, а всушност end ефектот со тоа е навистина еден мултимедијален манифест. Не еден литерарен или вербален манифест што модернистите ги правеа на почетокот од веков, туку манифест на една сеопфатна медиска експозиција на еден андреграунд, типичен, скопски андерграунд. Кога велам „скопски андерграунд“, дури ставам извесен тип на сенс на супериорност во однос на другите соседни метрополски андерграундови, затоа што скопскиот е најмешаниот андерграунд на културен план. Скопје, како некаква си провинција која спонтано ги негуваше тие мултикултурни доблести одеднаш почна да се артикулира во тој правец, и за разлика од официјалната политика или политиката воопшто, луѓето се мешаат и соработуваат, така што тоа е навистина еден манифест на еден центар на Балканот во географска и културна смисла. Ова е еден исказ кој е даден во контекст на една фикција, и тој манифест истовремено е и креативен и метафоричен.

Зборуваш за андерграунд проект, но дали во земја како Македонија без некој посилен меинстрим во културата, може да постои нешто како андерграунд?

  • Точно е дека не постои силна меинстрим култура, односно не постои добро фундирана институционална култура. Македонија, како и целиот регион, е во политичка и финансиска криза. Знаеме од старите мудреци дека кога Боговите војуваат, музите молчат. Меѓутоа, тоа не се случува и со андреграундот, зошто сепак има мала дистинкција. Можеби во такви услови тој добива шанса да биде спасен. Е сега, дали тој андерграунд ќе отиде на бојното поле и таму ќе биде гласен, зашто знаеме дека топовското месо секогаш се регрутира од андерграундот, од сите оние понижени и угнетени претставници на општеството. Сепак, може да се каже дека имаме некоја традиција на глобална европска култура, па и светска, зошто сепак ова не е некоја африканска земја. Во последниве 50 години и ние создадовме некои институции кои, иако чкрипат, функционираат како такви, и сепак се мотаат некои пари кои ја фундираат таа национална култура која би можеле да ја видиме како меинстрим култура во една крајно класицистичка смисла. Така, андерграундот тука станува питорескен. Не е тоа оној типичен, урбан андерграунд, туку во себе тој содржи и доста етно елементи. Како прв момент ќе го споменам земјотресот по кој Скопје стана отворен град и мултикултурен мегалополис. Вториот момент е градењето на Скопје, кога беа применени најсовремени урбанистички аспекти, помешани со руралните постоечки елементи, и така се создаде еден спрул, како кај Вилијам Гибсон. И трето, кога дрогата дојде во градот. Дрогата е тука присутна веќе 20 години, а последните 5-10 години доживува алармантна димензија, пред се’ на полето на хорсот, и се создаде извесен тип на амалгамирање, пред се’ на спротивните во политичка смисла етноси, на албанскиот и македонскиот. Вие во сите структури можете да видите извесен анимозитет, но во хероинската култура има совршена соработка меѓу луѓето со различна национална припадност, бидејќи имаат исти интереси: бегство од кризата и пронаоѓање на 1-2 паковки хорс. Иако ова изгледа морбидно и екстремно, тука има некаков примарен зародиш на толеранција, соживот, но и активна взаемна коегзистенција. Во тоа дружење луѓето сфаќаат дека се ОК, дека се луѓе и дека одат кон иста цел. Тоа е апсурдот на една егзистенција и заробеност во едно исто милје.

Приказната во филмот отприлика тече во тој правец?

  • Па тоа е само еден сегмент од приказната. Во тој однос, на пример, имињата се исконструирани. Имате комбинација на муслиманско име со германско презиме или американско презиме со словенско име. Тоа алудира на некоја футурологија што би можела да се случи во едно такво отворено општество како нашето, повторно на планот на андерграундот како таков.

Во филмот често пати се користи фразеологија, како Маусдонија, Скотје… Во таа насока, што означува Маклабас и како дојдовте до тој термин?

  • И тоа е фантазам што фонетски треба да претстави некое силно и заоблено тело, иако Таклабас е име за еден вид понирачки гулаб-летач. Самиот аспект на гулабот како метафора е нешто што има тип на етнопацификација, а пак летањето алудира на некаков фантазам. Во секој случај, произведен е од легендите за Јети и Сасквоч (Бигфут). Јети живее на Тибет и е легенда која опстојува илјадници години, но на Запад е проширена во последнвие 100 години, кога првите експедиции одеа таму и се запознаваа со митологијата на Шерпасите. А Сасквоч е северноамериканска легенда која потекнува од старите Индијанци, тоа е еден примитивен полумајмун-получовек кој живее во шумите на Орегон и Вашингтон. И едноставно, ние сакавме, инспирирани од таа митологија која е веќе глобална, прво да направиме симулиран фејк-документарец кадешто еден научник доаѓа од Њујорк да ја испита таа чудна легенда за тој примитивен човек кој живее во западно-маусдонските планини, и во тој квази-документарец ќе има и мал тим од луѓе што ќе го следат научникот, и на крај ќе имаме матни слики од некој створ кој протрчува низ честарот. Меѓутоа, лека-полека, работите почнаа да се движат со некој чуден стихијски правец, да се шират, да реактираат, и едноставно го зафатија целиот тој алтернативен културен простор, и почнавме да снимаме. Луѓето едноставно сакаа акција – и ја добија!

Збор-два за сценариото на филмот? Колку тоа беше однапред дефинирано, и колку се менуваше во од?

  • Тоа беше првичното сценарио. Потоа, со г-нот Поп Дучев, кој долги години живее во Гетеборг, сакавме да направиме нешто quicky, што би рекле, и така го изградивме примарниот имиџ. Но подоцна, паралелно со снимањето, се развиваше и сценариото, како една интерна интеракција помеѓу мене како координатор, и луѓето од сцената. Така што, го гледам, да речеме, Цане Фантом, или Бут, или Картер, и одеднаш правам сценарио инспириран од ликовите. Значи, не правам класичен кастинг зашто со мојот начин се добива некаква чудна автентичност. Можеби тоа го има веќе кај Фелини, иако се работи за високобуџетни продукции, сепак човекот сфатил каде треба да копа и така тој кореспондирал со тој андерграунд. Кај него секогаш 80% се натуршчици.

Во филмот се појавуваат многу цитати, не во говорниот дел, туку на екранот, испишани како еден вид пароли, како онаа на Кенеди. Која е нивната функција во ова дело?

  • Таа, таа на Кенеди е една од најекспонираните во историјата и веќе поприма банални последици. А останатите се изреки на луѓе кои се чудесни мудреци на андерграундот во Скопје, како веќе споменатиот Христо Поп Дучев, па познатиот Марсовец од Маџар маало, Владо Манчевски, или на еден од најголемите познавачи на СФ идеологијата, Башким Адеми, или изреката на фамозниот Јово Брамс, или Бравс Роговски, „Дрогирајте се за да бидете хај, а не даун!“ Тие поговорки се исчилени од ова милје и ставени се во контекст на приказната како најавувачи, поткрепувачи и иронизатори. Тие во однос на приказната доаѓаат како контрапункт или иронија или сарказам. Тоа филмот го прави постмодерен, а не модерен, зашто ние сме свесни дека тоа е заебанција. Ние не веруваме во тоа како Бретон и компанија. Па дури и тие најверојатно се заебавале кога велеле дека најчист надреалистички чин е кога ќе излезеш надвор и ќе пукаш со пиштол на сите страни.

Тогаш, дали сензибилитетот на „Маклабас“ е надреалистичен со оглед на тоа што целиот филм е колаж и некаква состојба на пред-сон?

  • Сигурно, зашто кога стилски ќе ја согледаме целата уметност, ќе видиме дека ако нешто преживеа од модернизмот и се инкорпорира совршено добро во постмодернизмот, тогаш тоа е надреализмот. Всушност, Маклабас е еден постмодерен конгломерат, едно повеќестилско колажирање на реалноста.

Чекај! Овде станува збор за филмски продукт и треба да бидат запазени одредени филмски елементи!?

  • Точно. Во филмот надреалистичката постапка е само еден од сегментите, инаку конвенцијата на филмот е запазена, во случајов нарацијата. Нарациски контекст, а не чист психички автоматизам, што би било катастрофа. Тоа може да постои во експерименталниот филм или во видео-артот. Но, ние сакавме да лансираме мит. А кога сакате мит или легенда, мора да имате консеквентна и конзистентна приказна. Ние еднакво сублимиравме едно милје и на етничлки, и на митолошки и на современи проблематски нивоа, и ја склопивме таа приказна која нуди извесен тип на митологија.

Добро, да резимираме: Балканот крваво се распадна, настана хаос, а тоа е одлична ситуација за создавање на мит!?

  • Да, одлично, ова допира до еден политички контекст и во еден феномен кој слободно би го нарекол „уметничка стратегија“. Стратегијата е секогаш дел од уметничкото дело. Таа може да се манифестира на неколку нивоа: како чисто духовна дејност која сака да ја одрази естетската или нарациската вистина за една констелација од феномени, или да понудите едно хумано клише кое ќе има академски магнетизам и со тоа ќе направите успешна кариера со делото. Но Маклабас не е тоа. Тој сака да формира еден мит и да одрази една стварност која едноставно постои и од која е инспириран. Е сега, политичкото милје е фантастично. Ова што се случи последниве 10 години на Балканот, колку и да е ужасно, пружи некаква хероика и драма која ретко каде се случува на планетава, особено во последниве 45 години (зборувам за западнава хемисфера, нели). Затоа Маклабас е епски филм, зошто евоцира некаква епскост и зборува за конфликт на разни интереси. Од друга страна, пак, Македонија е како Маклабас, како некаков тип на Феникс кој израснува од балканскиот пепел, кој чека можеби 2500 години. Но, без тие национал-романтизми, можеме на ова да гледаме како на метафорички приказ на она што се случува овде, на Балканот, меѓутоа, со една футуролошка предлошка, а тоа е што амбиентот во кој се случува приказната е поствоен, по хероинските војни. Која е метафората на хероинските војни? Дали е тоа успиеноста на еден режим, на една идеологија која одеднаш велгува во криза поради недостаток на средство за спиење, кое пред се’ може да биде идеолошко, или пак, едноставно, се губи стратешката битност на таа држава. СФРЈ се знаеше дека, поради некои недоречености, крваво ќе се распадне. И во тој контекст е воспоставено тоа метафоричко ниво на приказната.

А што ако во ТВ Дневникот ударна вест биде: македонскиот филм „Маклабас“ доби награда на тој и тој фестивал, а има етикета на алтернативен (андерграунд) проект?

  • Тоа е хипотетичко прашање кое е тешко остварливо поради тоа што ги знам механизмите. Знам дека Маклабас е дури и навредлив за тој тип на западноевропски интелектуалци, затоа што цело време се зеза со тој инертен систем на вредности. Така што не верувам дека тоа ќе се случи зашто уметничката стратегија на филмот е тотално различна од онаа на „Пред дождот“, во секоја смисла, од продукциска, сценариска, презентерска, на сите нивоа. Но кога би се случило тоа, тоа би бил уште еден апсурд со кој би требало да се соочиме. Како и секое суштество во природата, и човекот тежнее кон конформизам. Една таква награда за филмот би значела пари и афирмација, но и за сите нас. И ние, како бунтовници кои се бунат за да добијат што повеќе конформизам, зошто го немаме, бидејќи сме исфрлени на работ од општеството кадешто нема многу пари, би се израдувале. Меѓутоа, тешко дека тоа ќе се случи поради оној принцип на зачувување на доминацијата на филмската, занаетска гилда или еснаф, сошто тие никогаш нема да дозволат, па дури и во европскиот филм, ваков евтин и алтернативен филм да добие некаква афирмација, зашто тоа значи негирање на нивниот статус и забивање на нож во сопствениот грб. Зашто само еден годишен ангажман на, да речеме, директор на фотографија, чини 10 пати повеќе од Маклабас. И затоа мислам дека дури и ќе бидеме одбивани од фестивалите. Се случува понекогаш алтернативни филмови да добијат фестивалски награди, но тоа е многу ретко и пак е искалкулирано за да се види таа демократичност на системот. Тие така го чуваат филмот од пенетрација на ниска продукција која има имиџ на висока, зашто во голема мера се користи дигитална технологија која е многу евтина, и кога ќе се претвори во хемија, во целулоид, ќе се добие ефект кој за тие пари и тоа како поминува. На ниво на документ, Маклабас е многу значаен, зошто во Македонија прв пат се случува андерграундот да ги земе нештата во свои раце, па дури и да комуницира со елитните претставници на културата остварувајќи позитивен контакт. Во случајов, со г-нот Унковски кој беше доволно широкоград да не’ потпомогне, веројатно поради андерграунд искуства од младоста.

Ваквите филмови се правени во 70-те, во времето на Ворхол, Бојс, и тие се типични за небалканската култура. По што е битен „Маклабас“ и што нуди тој за овие простори?

  • Освен некои лажни трикови кои дојдоа од Белград, овој филм е веројатно најавтентичното нешто излезено од овие простори. А друго, што е битно за македонската кинематографија, оставени се настрана социјал-патетичните жанрови, и се нудат сосема нови: трилерот, акцијата, детективската приказна, СФ-от, па дури и еколошкиот фикшн. Освен тоа, се нуди модел на продукција што би бил евтин. На Маклабас не се потрошени повеќе од 120 илјади марки, што е една ужасно минимална цена за еден филм, бидејќи тој е правен претежно волонтерски, што значи дека огромен дел од луѓето воопшто не се платени и тие учествуваа поради некаква си апстрактна акционост. И кога би додале уште 200 илјади кои би биле доволни за исплата на кастингот и пост-продукцијата, повторно се добива ниска цена и останува принципот на арт тероризам, зашто секогаш ќе најдеш луѓе желни да партиципираат. И така дојдовме до тоа дека наместо за 2,5 милиони да снимате филм, за тие пари вие ќе снимите 10 целовечерни филмови, и тоа на целулоид. Значи, десет креативни групации можат да се искажат. Така би се развила една филмска дејност во Македонија во која сите работат нешто, а не некои работат, а други чекаат, што раѓа фрустрации.

@Текстот е објавен во магазинот „Град“ бр. 3, есента 1998 година

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *