Вечерва симболично се простив од Сплит со присуство на проекцијата на култниот филм „2001: Одисеја во вселената“, со што Кинотеката „Златна врата“ го започна одбележувањето на јубилејот „55 години од постоењето“, со проекција на Кјубриковиот филм по повод 50 (и кусур) години од неговата премиера. Ова ми беше прв пат класикот да го гледам на сребрениот екран, во затемнетата сала на кино храмот, во која имаше околу педесетина гледачи, претежно млади луѓе.
Јас, нормално, филмот го проследив специјално седнат во кинотечната Стенли Кјубрик фотелја По тој повод, еве неколку факти поврзани со ова легендарно остварување кои можеби не сте ги знаеле/прочитале во децениите наназад:
– Филмот е снимен според првичната кратка приказна „The Sentinel“ на Артур Кларк од 1948 година, која потоа добила пораскошна верзија. Кјубрик планирал филмот да почне со црно-бел документарен пролог во кој свое учество ќе земат познати научници кои ќе зборуваат од можноста за вонземски живот па се’ до идните меѓуѕвездени комуникации, како контрапункт на вториот, игран дел на филмот, преполн со техниколор. Во игра бил и Карл Саган, кој за секоја минута учество побарал 0,002% од заработката на филмот. Иако биле снимени неколку интервјуа (секако, Саган не бил меѓу нив), на крајот тој доку-пролог сепак не станал дел од финалниот продукт
– Древниот артефакт од непознатата цивилизација на Месечината, кој кога космонаутите ќе го најдат, во допир со сонцето по милион години, ќе почне да испраќа сигнал со висока фреквенција, требало да биде во облик на пирамида, но производителот го одбил Кјубрик со аргумент дека тоа е преголем залак. Алтернативата била прозирен монолит во облик на кутија цигари, како голема плоча, кој на крај не била проѕирен, туку црн, поради зголемување на мистичноста
– Во една од главните, легендарни сцени, кога единствениот преживеан Дејв Боумен ќе почне да ги отстранува сите логички функции на напредниот компјутер ХАЛ 9000, овој почнува да ја пее темата „Daisy bell“ од 1892 година. Зошто? Затоа што кога Артур Кларк бил во лабораториите на ИБМ во 1962 година, при претставувањето на новите достигнувања бил и најдобриот компјутер дотогаш, ИБМ 7094. Меѓу другото, компјутерот на наредба на научникот и испеал една песна, секако, споменатата од погоре, што било прва песна во историјата која ја извел еден компјутер, и затоа истата тема ја пее и ХАЛ во филмот, како еден вид посвета на историјата на компјутерите. Како го добил името ХАЛ сто посто знаете, но еве потсетување – една буква минус од ИБМ
– За дизајнот на сетот во претпоследната сцена (види фотка во прилог), блескавиот сиво-зелен хотелски апартман направен со малку кичест стил со флуоросцентно светло, кој се претпоставува дека се наоѓа од другата страна на ѕвездената врата, логиката била дека недефинираната вонземјанска раса одговорна за црниот монолит се водела од сликите од телевизија според кои го создала ова место во кое Боумен би се чувствувал пријатно кога ќе пристигне на другата страна. Иако оддалечен 100.000 светлосни години од Земјата, всушност, ентериерот би требало да направи тој да се чувствува како дома, затоа и не е вознемирен по патувањето низ ѕвездената порта
– По премирата на филмот долг 162 минути Артур Кларк заминал во солзи прашувајќи се каде погрешил, а Кјубрик нервозен одел таму-ваму низ киното, и по лошите рецензии, го скратил филмот на подносливи 142 минути. По неколку месеци приказната се свртела во корист на филмот и тој почнал да заработува благодарение на публиката под 30 години, која била воодушевена од длабочината и темпото на филмот. Сето останато е историја
Ова се само неколку занимливости поврзани со филмот земени од книгата „Space Odyssey: Stanley Kubrick, Arthur C. Clarke and the Making of a masterpiece“ на Мајкл Бенсон, филм за кој многумина велат дека е можеби и најврвниот пропаганден филм на сите времиња, затоа што се појавил неколку месеци пред официјалното стапнување на човекот на Месечината, во годината на „летото на љубовта“, кога војната во Виетнам земала се’ поголем замав и не и’ се гледал крајот. Од синестетски аспект, пак, веројатно не треба да се трошат зборови – и по 50 години, ова е вистинско ремек дело!!!