Балкан експрес спаѓа меѓу најинтересните бендови во моментов на македонската алтернативна сцена, но баш и не се утепаа од работа и имаат многу малку снимки. Како и да е, со нив ја започнуваме малата серија на „рокенрол интервјуа“.
Лутаме по сонливите сокаци на една „стара дама“. Неопходна ни е самотија, можеби мала купка во некој амам. Крововите храбро го издржуваат нашиот од без од, страв без страв, здив без здив… Тогаш пред нас се појавува чајџилницата САМ! „Еј, САМ, имаш малку време за нас?“ Влегуваме во горниот предел со музика во ушите и конечно се опуштаме.
– Ние сме најдобри, супериорни, нашата музика есенцијално не’ обликува. Ние…
Изненадени сме: каков настап!
– Господа, преселете се на нашава страна, вклучете го диктафонот и снимете ги вашите хипер-визии. Ќе ви користи.
Да, се согласија.
Игор: Јас и Јанко се запознавме многу случајно на одмор во Дојран. Во дискотеката „Златен брег“, и јас мислев дека Јанко е женско. Доста чудно изгледаше, онака, андерграунд, а јас како мал доста бев нафуран на тоа. Паднавме во муабет. Јас свирам бас, реков, јас бубњеви, и ај да правиме бенд. Една вечер седнавме да правиме песни. Ја направивме „Пат“, испадна добро и сфативме дека уствари тоа оди така. Прво се врзавме за контекстот на текстовите, а од тука и за Скопје. Тоа ни е околината, јеби га. Да не е Скопје не би изгледале вака. Скопје има нешто што другите градови го немаат… а тоа е СЛОБОДА.
М: ???
И: Слобода, на изразување, знаеш. Го нема секој град тоа.
M: Кажете нешто повеќе за името Балкан експрес, бидејќи имаше некои забелешки дека не е сјајно…
И: Балкан експрес не е многу сврзано, знаеш, со онаа наша квази градска култура на Мизар и Архангел, На Запад групата не би се викала Балкан Експрес, туку Балкан експрЕс, што значи нешто сасвим друго. Нас името ни кажува од каде сме, знаеш, а тоа „експрес“ кажува дека сме побрзи од другите.
М: Влијанија? Нешто што би издвоиле од Македонија?
И: Јас сум врзан за Боб Марли. Не како музика, ама и како музика… него… религијата. Нивната религија со нашата, на Јамајка и на Македонија, иста е. Православци сме и ние и тие, само што имаме различни убедувања за Дрвото на животот (одушевување од верните фанови од околните маси). Од Македонија можеби би ги издвоиле Лола В. Штајн, они успеаја да не’ нафураат… знаеш, имаме ние некоја амбиентална жичка, имаме и етно, ама не наше, него индиско, тоа е скроз друга приказна… и Анастасија, она што денес го работи.
М: Која релација еј: Индија, Јамајка, Македонија!?!
И: Ние сме за топло, знаеш. (повторно воодушевување!)
М: Чувме дека екстравагантниот менаџер Манде успеа да ве грабне, што со него?
И: И јас очекувам да ни се даде онолку колку што ние даваме.
M: Некои посебни очекувања?
И: Досега не сме реализирале никаков носач на звук, малку сме желни за тоа. Мислам на самостоен албум, и мислам дека сме подобри од многу групи кои веќе имаат реализирано носачи на звук.
М: ОК, меѓу цел тој куп гитаристи и вокалисти, како стигнавте до Жана?
И: претходно размислувавме за женски вокал, како би изгледало. Прво како придружен вокал, па после ќе требаше и машки вокал, па испадна многу луѓе, и на крајот на Јанко му текна дека еден женски вокал би свршил работа.
М: А како ја најдовте Жана? По оглас, во стилот – млад бенд бара вокал…
И: Преку другари. Ја најдовме после еден концерт на Харе Кришна, Нитијананда, не знам точно, и ја начекавме баш на пеење.
М: Жана пееше на концертот?
Ј: Не, туку од страна, онака, си пееше.
И: И испадна дека Жана има навистина убав глас.
М: Како успеа Балкан експрес да се справи со сите замки што ги нуди оваа застоена неблагодарна средина секогаш повеќе спремна да осуди отколку да прифати?
И: Јас и Јанко одлично функционираме. Добро ни е нам. Проблемите се јавуваат кога доаѓа до вкрстување на две или повеќе размислувања. И понекогаш се случува да паузираме по неколку дена поради одредени конфликти. А понекогаш се случува континуирано да свириме добри месец дена и сега као… чекај, што правиме? Зошто го правиме ова? Не знаеш ни следната свирка кај ќе ти биде, не знаеш ни воопшто дали ќе ја биде. Главно тие кризи минуваат и се’ испаѓа како што треба.
Ј: Бевме на полуфинале во Битола и си поминавме супер. Битолчани не’ пречекаа феноменално. Ни дадоа вечера на сите рок бендови, што се немало случено претходно. Сите бевме собрани. Даваа некои кокошки, компири, сешто… торти, колачи и по литро ракија за бенд. До нас имаше свадба, онака, супер атмосфера, со музика… Битолчани не’ носеа по некои кафичи, па го фаќавме возот каубојски за дома.
И: Во Екран за нас излезе критика: Ако некој предничи во вежбање, тоа се они – Балкан експрес, што е класично за бендови што свират хеви метал, но баш и не.
Ј: А за текстовите, кога ни викаа, пишувајте текстови што ќе ги разберат сите, нешто ко Џафер, „Сонце за три светови“. Никеја се решија да снимаат за Поп Рок Фест. И тогаш јас по некоја случајност бев во Никеја. Донесовме разглас и пошто тогаш беше некоја сума од 50 марки по ствар, рековме ајде ќе платиме сите и ќе снимиме. Отидовме еден ден и снимивме не знам колку песни и Никеја ни вика ние ќе ги однесеме во Екран. Како треба? Па вака, така, примероци едно-друго, и ние добро. Никеја однесе, а ние чекавме. Помина рокот, па го продолжија уште две недели, ние си седевме, па уште две недели, па рековме дај да им ги дадеме снимките, и онака ги имаме по дома. И пошто јас учам во Капиштец, Шиљо ми вика дај однеси ги пошто ти е уз пат. Влегвувам у Екран. И она, завршено више, не можат да се носат снимки. Викам, дајте ми телефон на Грета. Ми даваат, а јас – Ало, снимки овде. Какви снимки, вика. Доцните три месеца. А ја викам, па добро, ај за џабе не сум доаѓал. Добро, ај качи се горе. Одам горе, и ги давам снимките, она ги пушта и вика, каква е оваа снимка? Тоа на ништо не личеше, но не’ примија. Затоа сите беа изненадени како звучевме во живо, и така добивме награда од публиката. А за финалето, на еден од групите му беше роденден, и не’ частеше така, доста. Се качивме горе и прво ни се искина жица од гитарата, па трчај по друга гитара, па нему му се исклучи басот од појачалото, па на Марин му се озвади микрофонот (еден од претходните пејачи), беше хаос. Имавме барем најдобар сценски настап, а на НОМА радио стигнавме дури на 6 место, заедно со Ластовица и др.
М: Сами гласавте?
J: Не, не’ мрзеше. Требаше да се купуваат некои Екрани, да се пополнуваат ливчиња и сл. После ова следеше концертот во Куманово. Сепак најзначајно нешто што потегна менаџери, снимање, ваму-таму, е настапот на Стрип енд саунд фестивалот. Всушност, ние не бевме којзнае колку задоволни од свирката, мислам, она, кога се симињавме по скали. Али после тоа гледаме, онака, ненормална реакција на луѓе, па Тоше после тоа вика, вие сте одлични. Ние се гледаме и се чудиме. И се’ после тоа се случи брзо, менаџери, радија…
@Текстот со почетна литерарна стилизација обележана во курзив е објавен во „Маргина“ бр. 23-25 од јануари-март 1996 година. Интервјуто со Игор и Јанко (Жана беше настината) го водеа Елеонора Стојановиќ – Нора и мојата маленкост. Во овој темат во часописот се вклучени уште два текста, оној за „Нашински звук“ и за бендот Scar Wash, кои исто така можат да се прочитаат на сајтов, како придонес кон македонската музичка сцена во 90-те години на 20 век.