Нашински звук

Од сеопфатното лудило кое веќе долго време лебди над градот-црв, се обидовме да најдеме спас и позитивна енергија надвор од него, на периферијата, „каде дивите пци верно го чуваат духот на тишината“. И додека црвениот бус за Драчево со број 41, шраф по шраф, ја зголемува својата брзина, во неговиот миризлив и од провев одвеан багажник двете електро-глави на Вампира и Лудвиг со нетрпение го очекуваа оној момент на мостот кога нивните внатрешни органи барем за момент ќе ги променат своите места, на тој начин постигнувајќи хај-прашина во мозокот. In-Out, Input-Output… Спој во колата за комуникација. Репрограмирање, молам.

Лудвиг, Лудвиг, влегуваме во подземјето – ме протресе охрабрувачкиот глас на Вампира.

Студиото е звучно изолирано, ушите ни се полни со тампони, но љубезните домаќини комфорно не’ сместуваат во 4×4 малечкиот простор и не понудуваат со звук, Нашински звук. Гладни за информации, бараме да се изгасат светлата и да се вклучи микрофонот, но сето тоа се одолговлекува и така низ создадениот меѓупростор поминуваат имињата на рокенрол-персоните, потписници на првиот касетен проект на куќата, „Година 1“: Зоран Михаилов – Дедо, Grow – Trying, Decadence – P.S., Brain hole – Fear, Scar Wash – Impact, String forces – I have a touch, Балкан експрес – Ајде да летаме, Никеја – Црно темно сонце, Seth – Отпишаните, Earl Gray – Today I…

Се наоѓаме токму во центарот, оската составена од: Зоран Михаилов, Сашо Трендафилов, Дориан Јовановиќ, Миле Бошњаковски, Ѓорѓи Лозановски и Васил Чулев, кои потоа се расплинуваат во помали фракции кадешто преку музиката комуницираат со останатиот свет отаде вратата.

– Ве бомбардираме со информации – се закануваат – но ќе ве избомбардираме и со нов материјал во следните месеци. Никеја со нов албум, Earl Gray со EP, String Forces со албум…

Го прифативме предизвикот и како позитивна потврда на сето тоа чувме микрофонска фонија и се’ започна (или продолжи) токму од тука:

M: Може сега? Туп, туп, туп (во микрофонот). Е па добро. Сале, ај…

Доријан: Питање број један.

Сале: Е па ништо, Зоки нели, Зоки, како беше, Зоки добил… па, Доријан знае.

Доријан: Зоки на концертот на Пинк Флојд добил визија дека мора да направи студио што ќе се вика „Нашински звук“. А знакот е всушност народњачки, балкански орнамент. Самиот знак не е ништо посебно, само му ставивме крукче и дрт, фрт, мрт… „Нашински звук“ всушност како идеја постои од поодамна, а како почетоци на реализација некаде околу две години, кога Зоки почна да снима мали групи онака, слободно, дојдеш, снимиш и носиш. Ѓоле дал идеја сето тоа да се стави на компилација и почнале да бараат начин како да го остварат тоа. Имало тука разни варијанти, А1, Сорос и сл. Зоки не’ собра нас, неколку души, и така почна филмот. Прво бевме Зоки, јас, Ѓоле, Чуле и Васиќ. И така некое време, па наеднаш Васиќ доби некои свои идеи, Чуле отиде во Италија, Ѓоле во Загреб… и одеднаш никој не остана, во еден момент останавме да висиме само јас и Зоки, поточно, само јас, е тогаш Миле предложи некои работи, па се појави и Сале, и конечно успеавме да направиме една промотивна компилација, четири групи, четири песни, што беше отпечатена и поделена на неколку новинари. И така.

M: Колку што разбравме, „Нашински звук“ главно не доби никаква институционална поддршка, или?

Д: Од никого.

С: Само од фризерскиот салон Underground кој е институција (се смее).

M: Добро, а немавте некое посебно барање од спонзорот, делење чешли со касети или така нешто?

Д: Не, никакви.

С: Они се во наш табор.

М: Деновиве во Скопје се појавија рекетари. Имаше и на вести. Дали можеби добивте некоја закана од конкурентите?

С: Еј, тоа да се случи тогаш ќе знаеме дека сме успеале. Ќе ни го изрекетираат студиото, замисли… Ха-ха-ха…

M: А за имиџот на куќава ќе остане само знакчево, или мислите да правите и екцеси, као, се качувате на зграда на плоштад и ги гаѓате луѓето со синглици, додека долу се делат летоци…

С: Радије би јас да ставиме едно знакче што ќе ротира во три димензии во боја на Интернет.

Д: Вирус што ќе го освои светот.

M: Како сте задоволни од промоцијата?

Д: Та-тааам…

С: Ние го направивме своето, а тие што дојдоа – дојдоа.

M: Колку медиумите го покрија ова случување? Успеаја ли да дојдат на местото на злосторството?

Д: Имаше по некој.

С: Имаше напис и во „Вечер“, онака, репортерски.

Д: Во написот и трач да не избациле? Го виделе Сале со…

М: Сите очекуваа дека ќе има свирка, претставување на групите…

Д: Просторот во „Менада“ е мал за да свират десет групи. Тоа би било стварно кркљанац. А концертот што го планираме ќе се одржи во МКЦ. Од големиот избор на простори во Скопје. Може да се избере МКЦ или МКЦ.

С: Имаме ние и Универзална сала, и СРЦ Кале…

Д: …и МКЦ.

М: Што да ве прашаме сега? Дај да го видиме концептот.

Д: Како ги бомбардираме со одговори, ај ние во меѓувреме да смислиме некоја песна.

С: Не, некое друго прашање. Еве, јас ќе те прашам тебе: А Дориан, што мислиш за… а бе кажи што ти лежи на душа!

Д: Добро Сале, дали си изреволтиран од ситуацијата овде?

С: Не сум. Ако си револтиран, само ќе се нервираш и ќе си бесен и ништо нема да направиш.

Д: Не, не во таа смисла…

С: А бе дека не чини, не чини. Затоа постои „Нашински звук“.

М: Најважно за млада куќа како вашата е да контактира со други независни куќи во странство. Како стоите со тоа?

Д: Ќе оди нешто за Белград… веројатно и за Белгија. Не знам како оди врската… Еден од К103 што го знаеме, па некој негов другар се знае со некого од Белгија кој исто така има мала независна куќа што сака да соработува…

С: А бе имаше еден тип од Австралија, се сеќаваш, што беше во Будимпешта. Само, уште не сум му пишал.

M: Добро, ајде она вечно прашање: што мислите за состојбата на македонската рокенрол сцена?

Д: Ќе збориш?

С: Ај ти.

Д: А што мислиш ти?

M: Затоа што веќе подолг период зборуваме за почетоци, нема континуитет, се доаѓа до една точка и сето тоа некаде се расплинува. На овие бендови им требаат луѓе како вас, и обратно. Фали сврзно ткиво што ќе го повлече сето тоа.

Д: Има основа за сцена, а уствари ја нема. Зборуваме за оваа сцена, а не за онаа другата. Бендови има, работат, некои од нив се многу добри…

С: Освен Мизар кога се појавија и неколку сателит групи наоколу… не знам. Знаеш, и мал бев тогаш.

Д: Сега сцената би била поразновидна, клинциве се движат во разни правци и кога би се правеле мали концерти… Фали простор.

М: Ете, пак сме кај „Менада“.

С: Мене еден другар и кажа за некој простор со посебна програма за секоја вечер.

М: Бидејќи имавте прилика да се најдете од другата страна, како бенд кој зависел од луѓе на чие место сте сега вие, какво искуство имате од таквата соработка?

Д: Како-како? Чекај-чекај?

М: Се работи за промена на улоги. Како вие…

Д: Аха, кога сме биле во Сет, некој бил на некое место кај што сме сега ние? Прво, битно е што сите сме музичари и се бавиме со музика.

С: И не само што се бавиме со музика, туку и свириме! (Дориан се врти и почнува да го удира по глава)

Д: ЏШ, ЏШ, ЏШ… Варени сипаници… Трррррр…

M: Дали верувате во…

С: Дали верувате во постмортален живот…

Д: Постмортален? Каков бе постмортален живот?

С: Не, дали верувате во реинкарнација?

М: Добро, дали верувате во реинкарнираниот сон на Америка? Македонската верзија на збогатување преку ноќ!?

Д: Поентата е да се има огромна нула – константа. Што и да се случи, нула да остане. Онда е ОК (манијачки се смее).

М: А сега нешто за крај, „нешто ко епитаф, бидејќи секое медиско експонирање е ко мала смрт, некој чуден оргазам, некое далечно ехо…“ (А бе, Бузони!)

С: Чекај, вака: Една ластовичка со пари не се купува (умира од смеење). Како беше она? Динар по динар – погача, и око за око – тешко на оној што го нема. Кој мисли – зло не пее. И благодарност на Веле.

М: ???

@Текстот е објавен во „Маргина“ бр. 23-25 од јануари-март 1996 година. Зад псевдонимите Вампира и Лудвиг се кријат Елеонора Стојановиќ – Нора и мојата маленкост. Во овој темат во часописот се вклучени уште две интервјуа, со бендовите Балкан експрес и Scar Wash, кои исто така можат да се прочитаат на сајтов, како придонес кон македонската музичка сцена во 90-те години на 20 век.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *