„На пат кон училиште“ на Озгур Доган и Орхан Ескиној
Првото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје повторно го врати во фокусот малку подзаборавениот жанр во нашата кинематографија, толку успешен во минатото. Навистина беше прекрасно да се биде дел од непретенциозната атмосфера во преубавиот Куршумли ан, под отворено небо, што од друга страна, го отвора прашањето за отворање на вистинско и наменско летно кино во метрополата. Но за таа тема во друга прилика, бидејќи во следните редови ќе се обидам да ги пренесам чувствата кои ги предизвика победникот на фестивалот, турскиот документарен филм „На пат кон дома“, кој ја доби наградата „Млад кромид“ за најдобар деби филм од тричленото жири, во кое покрај мојата маленкост тука беа и колегите од Србија и Хрватска. Конкуренцијата беше навистина жестока и изборот ни беше тежок, но по креативната дискусија и аргументие ставени на маса, ова остварување на крајот не’ освои со своето големо срце.
„Во источна Турција живеат меѓу 12 и 15 милиони Курди“, ја започнуваат својата приказна двајцата млади режисери за исто така младиот учител од Денизли, кој има задача во една пустелија да ги образува децата од прво до четврто одделение, пред се’, учејќи ги да читаат и пишуваат, секако, на турски јазик. Иако уште на почетокот сфаќа дека се наоѓа далеку од комфорната цивилизација во која израснал (и со која останува во контакт единствено преку мобилниот телефон), учителот воопшто не се обесхрабрува туку ја заокружува својата мисија до крајот на учебната година, сатисфакција која не би ја менувал за ништо друго на светот.
Оваа приказна во многу нешта потсетува на доживувањата на нашите баби и дедовци во минатото, кои им верувале на нивните учители и низ љубопитство и работа го стекнувале своето прво образование. Слично како и учителот во филмот, и даскалите во минатото станувале интегрален дел од местото во кое учителствувале, по одредено време стопувајќи се со мештаните. Фокусираноста е главниот момент во целата приказна, како во образованието, така и при самото снимање на овој филм кој ги разнежнува срцата. Одличната фотографија, духовитоста и луцидноста кои се провлекуваат низ филмот се посакуваните додатни елементи кои го прават комплетен, нешта кои прават ние, како гледачи, безрезервно да веруваме во ликовите на големото платно, уживајќи во нивната искреност и природност пред објективот на камерата. А тоа е и повеќе од доволно за еден одличен документарен филм.
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 22 јуни 2010 година.