Една од најзначајните фигури на европскиот авторски филм во изминативе декади е Кшиштоф Кишловски, режисерот што во културно наследство ни ги остави фантастичниот „Декалог“ од неговата рана, полска фаза, и трилогијата „Три бои“ работена во Франција. Неговата прерана смрт во 1996 година, на 55-годишна возраст, го спречија и понатаму да ни ги раскажува своите прекрасни приказни на големиот екран. Едно од неговите последни сценарија, дел од новата (нереализирана) трилогија, која освен актуелниот „Рај“ требаше да ги содржи и Дантеовите „Пекол“ и „Чистилиште“, за жал, остана недовршено. Меѓутоа, неговиот добар пријател и долгогодишен соработник, сценаристот Кшиштоф Пишевич, седна и ја доврши креативата.
По многу натегања и недоумици, германско-американските продуценти, меѓу кои фигурираат и имињата на Ентони Мингела и Сидни Полак, решија режисерската палка за овој проект , најавуван како „несудениот следен филм на големиот Кишловски“, да му ја доверат на Том Тиквер. Оваа одлука се чини оправдана од две причини: режисерот доаѓа од Германија, во што, најверојатно, пресудна улога одиграле вложените средства од таа земја, но, за да не биде спорно, Тиквер сепак важи за едно од најталентираните млади филмски имиња со неколку добри филмови зад себе, меѓу кои и мега-популарниот првенец „Трчај, Лола, трчај“. Токму поради приказната во споменатиот филм, која со филозофијата „љубовници во бегство“ има многу допирни точки и со сценариото на Кишловски и Пишевич, името на Тиквер се наметнало како единствено логично решение.
Дејството на филмот се случува во Италија, со воведни сцени што се одигруваат во Торино, кадешто англиската учителка Филипа (Кејт Бланшет), додека се’ уште трае најавната шпица, подготвува бомба, ја остава во канцеларијата на бизнисменот кого го обвинува за мамење, им се јавува на карабињерите, и… експлозија!!! За жал, како и во сите случаи на модерен тероризам, колатералната штета е неминовна: во инцидентот ќе настрада родител со две деца, откако чистачката ја тресе корпата во ѓубрето и бомбата ја става во лифтот.
За време на истрагата, полицискиот стенограф Филипо (Џовани Рибизи) се согласува да биде преведувач, откако Филипа одбива да зборува италијански. Уверен во потребата на нејзината погубна акција, тој се вљубува во неа и одлучува да и’ организира бегство. Другиот дел од филмот претставува сонлива одисеја низ живописната земја, низ која љубовниците се обидуваат да ја спасат својата чест, уживајќи во моментите на заедништво.
Вечна мистерија ќе остане прашањето како ќе изгледал овој филм доколку го режираше Кишловски, но факт е дека Пишевич и Тиквер се труделе морално и спиритуално да се доближат до неговите филмски начела. Се чини дека потполно успеале во тоа, пред се’, поради малите детали од необичните човекови искуства, кои филмот го прават послоевит и побогат. Исто така, и покрај непријатната ситуација во која се наоѓаат, импонира смиреноста на главните (анти)херои во втората половина од филмот, во атмосфера што незабележливо ве опушта водејќи ве до крајната разврска на приказната. Ваквиот концепт наликува на прекрасниот филм „Двојниот живот на Вероника“ (1991) на Кишловски, со тоа што овде Филипа и Филипо имаат слични имиња, ги бричат главите и носат бели маици и син џинс. Без да ни понудат одговор, филммејкерите ни велат дека двете загубени души конечно, макар а момент, се пронашле себеси.
Интернационалната актерска екипа во овој филм е на највисоко можно ниво. Австралијката Бланшет брилјира, со што уште еднаш докажува дека засега е една од најнеискористените актерки на карактерни ролји во филмскиот свет. Италијанецот Рибизи, пак, е како создаден за улогата, истовремено давајќи и’ на приказната нежност, цврстина и храброст, во соработка со акерите во помалите улоги, кои исто така се крајно професионални.
„Рај“ почнува и завршува со виртуелни и реални референци на лет со хеликоптер, поставувајќи го прашањето колку една личност може високо да полета. Иако ваквата стапица може да наведе на размислување дека сиот филм, а и реалниот живот, се само една добро симулирана ситуација, сепак овој филмски проект цели подлабоко, покажувајќи како машинеријата може да ги ограничи луѓето да стигнат до повисоки спиритуални височини. Ваквото чувство кое се провлекува во текот на целото дејство ги остава можностите отворени, дали „Рај“ е несупешен обид, или вистинско ремек-дело. Гледајте го филмот и проценете самите, или, оставете времето да покаже.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 2 септември 2003 година.