Небулозен филм направен со „тешка“ рака

Во Холивуд ништо ново: приказната со масовните стрип-екранизации продолжува како резултат од недостигот на добри сценарија и издржани стории. Овој пат сме сведоци на една малку поинаква приказна која претставува одлична идеја, но само во рамките на стрипот, а не и на големото платно. Токму затоа во првиот дел од текстот поголем простор ќе му отстапиме на Алан Мур, човекот чие стрип-сценарио излуде многумина, и заедно со цртежите на неговиот соработник и пријател Кевин О’Нил, ги принудија филмските продуценти да водат борба помеѓу себе околу прашањето кој побргу ќе го купи тоа „шарено“ парче хартија за да го пренесе на сребреното платно.

Ако се вратиме малку наназад во времето, кога стриповите воопшто не постоеле, ќе се најдеме во светот на литерарните форми кои продуцираа херои, имиња кои и денес си имаат свои фанови и заземаат култно место во умовите на многу генерации ширум светот. Тие се пра-почетокот на феноменот на поп-културата и без нив денешниот еклектичен свет не би бил таков каков што е. Одиме по ред: Роберт Луис Стивенсон и неговиот д-р Џекил и мистер Хајд, Жил Верн и капетан Немо, Х. Велс и Невидливиот човек, Хагард и Алан Квотермејн, Брем стокер и Дракула, и, поважно за оваа приказна, Мина Мареј-Харкер, потоа, за задоволство на помладата публика, Том Соер, додуша, малку потпораснат, но со истите детски манири, итн.

19 век беше вистинско време за визионерство, но и нашите современици не заостануваат многу во креативноста. Алан Мур е еден од нив. Собирајќи ги неговите литерарни херои од детството под еден покрив, тој и’ оддава една голема посвета на викторијанската литература, воедно создавајќи еден од најинтелигентните, најмрачните и најзабавните стрипови на денешницата: „Лигата на несекојдневни господа“.

Навлегувајќи во надреалниот свет на литературата, малку зачинувајќи и изобличувајќи го, Мур создаде интересна приказна во која гореспоменатите херои се на дното од животот, не се веќе „ин“, и дури не се веќе во милост на законот. Алан Квотермејн, предвесникот на Индијана Џонс и Лара Крофт, сега е зависник од опиум, Невидливиот човек е фатен како тероризирал училиште за девојки, а Мина по (не)реализираната љубов со грофот Дракула, срамежливо си го крие вратчето. Ваквата поставеност на нештата провоцира бидејќи суперхероите не се завиткани во тесни трикоа, туку се слоевити, и на нивното лице се гледа сиот багаж на времето. Цилиндри, кочии, темни улички, фантастичен технолошки напредок – фин флешбек во романтичните времиња кога иднината се чинеше бескрајно заводлива.

„Доброто ќе се бори против злото“ е слоганот на екранизираниот стрип, кој почнува со еден долг вовед за соодветно да се претстават протагонистите и нивните карактеристики, истовремено откривајќи ја и нивната причина за заедничко дејствување – спречување на нова светска војна. Ваквата базична приказна е лесна за варење, и очекувајќи голема забава на платното, го добиваме сосема спротивното. Во биографијата на режисерот Стив Норингтон ќе забележите дека ова е само трет негов филм, додека негова главна преокупација се специјалните ефекти. Токму таквиот бекграунд, и покрај одличната појдовна идеја, го прави филмот малку небулозен, бидејќи тој е режиран со „тешка“ рака, терајќи не’ на моменти ликовите да ги сфаќаме пресериозно, што тера на одбивност. Освен тоа, ефектите и експлозиите во текот на филмот се пренагласени, или подобро, прегласни, што ја отежнуваат дури и работата на монтажерот, кој во неколку сцени прави основни грешки, обидувајќи се да не’ излаже.

Во таква ситуација, Шон Конери го преокупира екранот, и едноставно неговата вообичаено добра глума го вади филмот од „неподносливата леснотија на постоењето“. Стјуарт Таунзенд, Пета Вилсон и Шејн Вест, и покрај младешката енергија, се негови недостојни „ривали“. Како и да е, филмот ја исполнува својата цел: беше летен блокбастер, ги полнеше салите низ светот, а за останатото – кому му е гајле.

@Текстот е објавен во „Дневник“ на 10 септември 2003 година.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *