Дваесет години по трејдмарк улогата во „Блејдранер“, актерот Харисон Форд повторно се враќа на големото платно во улога на полицаец, но не како истребувач на роботи, туку како холивудски џандар кој треба да ги разреши убиствата во овој, за многу загубени души, град на соништата. Но одговорот на загатката лежи во тоа што Гавилан, ликот што тој го толкува, е вистинска иронија на сето она што во сите години наназад претставуваше Декард за голем број на фанови. Тој е едноставен „холивудски“ полицаец со три разводи зад себе, со куп долгови врз грбот, обидувајќи се сето тоа да го надополни со работа во областа на недвижностите. Но и таму не му оди баш сјајно. Ова го потврдува одличниот потег на Форд кога ја прифатил оваа улога, бидејќи зборува за неговиот либерален став кон филмскиот занает, бидејќи не секој актер би прифатил да се иронизира самиот себе.
„Холивудски полицајци“ е комплетен проект на Рон Шелтон, кој освен како режисер, се јавива и како продуцент и ко-сценарист на филмот. Интелигентната идеја за, на некој начин, делумно воскреснување од правта на подостарената актерска ѕвезда чија кариера одеше во надолна линија, се чини наполно прифатлива и, секако, исплатлива. Сместувајќи ја приказната во Холивуд и погодувајќи го вкусот на поголемиот дел од гледачите, Шелтон знаел дека обидот не смее да биде уште едно промашување во неговата кариера. Но тој не се задоволил само со тоа. Уште една обична полициска приказна би била вистинско разочарување за заситената филмска публика. Затоа, во манир на искусен филмаџија, тој си поигрува со вештачкиот мит за Холивуд, прикажувајќи ја (навидум) неговата лоша страна, во која владеат зависта, трката по заработувачка и проѕирниот гламур.
Миксајќи ги жанровите како акцијата, комедијата и детективскиот филм, режисерот во сценариото вметнува и многу актуелни настани, како превирањата и убиствата во хип-хоп индустријата, што е и главниот мотив на полициската истрага во филмот. Притоа, Шелтон премногу не морализирал, ниту пак се правел паметен, и го снимил филмот со едноставен и допадлив филмски јазик, задржувајќи се на градењето на ликовите, прикажувајќи ги нивните човечки недостатоци од поведрата страна. Токму хуморот, кој во многу ситуации засмева до солзи, е најсилната страна на овој филм.
Актерот Џош Хартнет, кој има само 25 години, одлично се носи покрај стариот волк, не дозволуцајќи му целосно да доминира на филмското платно, Раскошниот талент и сигурноста кој ја покажува веројатно нема да остане незабележана од останатите режисери. Според досега напишаното, се наметнува заклучокот дека „Холивудски полицајци“, покрај останатото, е актерски филм, во кој ликовите се максимално добро изградени, дозволувајќи им и на актерите во останатите улоги за момент да блеснат, меѓу кои би ги споменал имињата на уште еден ветеран, Мартин Ландау, како и помладите актерки Лена Олин и Лолита Давидович.
@Текстот е објавен во „Дневник“ на 13 октомври 2003 година.