На неодамна завршениот Трибека филм фестивал во Њујорк, после четириесет и пет години, на сцената заедно седнаа творците на легендарниот „Кум“ (The Godfather): режисерот Френсис Форд Копола и актерите Роберт де Ниро, Ал Пачино, Роберт Дивал, Дајан Китон и Џејмс Кан. Освен носталгичното потсетување на 70-те и 80-те, времето кога се оформи култната трилогија, пред преполната сала се зборуваше и за (не)можноста да се сними и четврто продолжение.
А само пред неколку години како гром од ведро небо се појави информацијата за снимањето на четвртиот дел од “Кум” серијалот. Студиото “Парамаунт” (Paramount), сопственик на правата на делото на писателот Марио Пузо, на конференција за новинарите свечено објави дека и официјално започнале подготовките за снимање на нов дел од неповторливата сага за семејството Корлеоне, која отсекогаш котирала високо меѓу филмаџиите, критичарите и љубителите на Седмата уметност. Сепак, не одеше баш се глатко во однос на екранизација на книгата “Фамилијата Корлеоне” (The Family Corleone), бидејќи познатото холивудско студио и синот на Марио Пузо долго водеа правна битка за правата врз романот, за на крај договорот да гласи дека заработката од прикажувањето на филмот ќе биде поделена пријателски, на половина. Последната книга е напишана од Ед Фалко, и всушност претставува prequel на случувањата од првиот дел. Според американските критичари, Фалко верно го пренесува стилот на Пузо, и во новата приказна го опишува карактерот и потеклото на Лука Браси, а почетокот на книгата е сместен во 1933 година, кога Сони и Мајкл Корлеоне сè уште се деца, додека Вито Корлеоне е студент, кого го чека улога на советник во италијанско-американското мафијашко семејство. На крајот, за жал, не дојде до уште една екранизација на приказната за сицилијанската фамилија Корлеоне и нејзините бескомпромисни правила на игра, и тешко дека и во иднина истата ќе се случи.
Марио Пузо во далечната 1969 година ја објави книгата “Кум”, и таа веднаш стана бестселер. Таквиот развој на настаните бараше брза реакција, и само по три години романот беше пренесен на големото платно. Интересно, прво му било понудено на италијанскиот режисер Серџо Леоне да го режира филмот, но овој ја одбил понудата како неинтересна. Сфаќајќи ја грешката, неколку години подоцна сними своја варијанта со “Беше еднаш во Америка” (Once upon a time in America), приказна за едно еврејско-американско семејство, која исто така остави траен белег во светската кинематографија. Бизарно, но изборот водел кон Ф.Ф. Копола бидејќи тој му бил должен на Парамаунт 400 илјади долари поради прекорачување на буџетот на научно-фантастичниот филм на Џорџ Лукас, “Ти-Ејџ-Икс-1138” (THX-1138), кој го продуцирал токму тој, а на ваква одлука инсистирал пред се неговиот пријател и соработник Џорџ Лукас. Сепак, Копола во 1970 година доби Оскар за сценарио за филмот “Патон” (Patton), и тоа ветувало квалитетен краен продукт кој ќе ги задоволи сите.
Но, проблемите штотуку требало да се разрешат, особено околу кастингот на филмот. Студиото сакало Лоренс Оливие да биде носител на главната ролја, но Копола инсистирал тоа да биде Марлон Брандо. Во Парамаунт не сакале да чујат за него, сметајќи дека ќе треба да одвојат дебел хонорар, а во исто време нема да бидат сигурни во неговата професионалност поради претходните каприци на снимањата, стравувајќи и за можно одолговлекување на скапата продукција. Сепак, Брандо на пробите ги воодушевил сите, и договорот бил потпишан. Втората главна ролја, онаа на Мајкл Корлеоне, повторно создала турбуленции на релација студио-режисер. Парамаунт ги сакале Роберт Редфорд или Рајан О’Нил, додека Копола барал непознат актер, кој го пронашол во Ал Пачино, кој пред тоа нема забележителни филмски ролји. Интересно, за улогата бил заинтересиран и Елвис Присли, но Кралот не се појавил на аудицијата. И покрај незапаметената конкуренција и заинтересираност за улогите, ѕвездениот кастинг го заокружуваат Роберт де Ниро, Роберт Дивал, Џејмс Кан, Дајан Китон, и ќерката на режисерот, Софија, која денес е исто така успешна и наградувана филмаџика. Снимањето на филмот, пак, траело 77 денови (шест помалку од предвиденото), и се одвивало на локации во Њујорк, Лос Анџелес и во две сицилијански гратчиња, Savoci и Forzi d’Agro.
“Кум” претставува директен и насилен поглед врз мафијашката династија, каде организираниот криминал претставува вистинска ноќна мора за прокламираниот слободен американски начин на живеење. Жанровски, филмот е популарна мелодрама со корени во гангстерските филмови од 30-те години на минатиот век, зачинети со нов, трагичен реализам, со што беа поставени темелите на еден сосема нов жанр во филмската историја, кој многумина подоцна се обидоа успешно, или помалку успешно, да го копираат или надградат. Од куриозитетите поврзани со ова култно остварување, на почетокот од филмот, една од најшокантните сцени, онаа со отсечената коњска глава во креветот на еден од ликовите, по премиерата предизвикала вистински бунт кај заштитниците на правата на животните. Сепак, не дошло до судска тужба поради тоа што Копола објаснил дека животното не е убиено за потребите на филмот, туку главата ја добил од едно претпријатие за прозиводство на храна за кучиња (сиц!).
Сè на сè, високо стилизираната драма од епски пропорции, мастерписот кој две години подоцна доживеа продолжение едноставно насловено “Кум 2” (The Godfather 2), а во 1990 година стана и трилогија со “Кум 3” (The Godfather 3), ги освои срцата на сите филмофили, за што рамноправно придонесе и незаборавната музика на композиторот Нино Рота. Филмот на доделувањето на Оскарите во 1972 година доби три златни статуетки, и тоа за најдобар филм, најдобар актер (Брандо), и најдобро сценарио (Копола и Пузо), а од страна на Американскиот филмски институт, пак, “Кум” е рангиран на второто место на вечната листа на највлијателни остварувања, веднаш зад “Граѓанинот Кејн” (Citizen Kane) на Орсон Велс.
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)