Кон концертот на „Dead can dance“, 23.05.2022, Македонска филхармонија
Приказната сакаше 26 години по концертот во Будимпешта, култните Dead can dance повторно да ги гледам во мојот роден град. „Spiritchaser“ во 1996 година беше албумот после кој вечното дуо Лиза Жерар и Брендан Пери одлучија да тргнат по нов музички пат, издавајќи неколку соло проекти со еднаков квалитет како и оние кои ги креираа со матичниот бенд. И ако тогаш се возев по 20 автобуски часови во еден правец до унгарската метропола само за да ги гледам „смртниците кои танцуваат“ на двочасовен спектакл на отворено, најавата од минатото лето дека бендот по реоформувањето ќе гостува во Скопје многу ме израдува. Веднаш реагирав и земав билети за магичната вечер која ќе се случи дури по осум месеци, што ми беше прв пат да се одлучам на ваков потег, следејќи ги светските трендови. И да, Скопје на 23 (и на 24 мај) беше дел од светот, бидејќи на најдобар можен начин, со овации и воодушевување, ја пречека музичката атракција која на актуелната годинашна турнеја маѓепса многу свои поклоници на Стариот континент.
Секако дека гостувањето на бендот во очи (и на самиот ден) на чествувањето на сесловенските просветители кај нас е случајност (пар денови пред тоа се случи и концертот во Солун), но некогаш во тие мали (а всушност големи) коинциденции и совпаѓања лежи убавината на овој свет. Светите солунски браќа Кирил и Методиј ни ја подарија глаголицата со која се описмени целиот словенски народ, а токму универзалниот јазик, но оној на музиката, е најсилното оружје и на Dead can dance со кој тие му се обраќаат на денешниот, модерен свет, така поврзувајќи се со Другиот, непознатиот, црпејќи инспирација од уметноста на длабоките и мистични времиња распослани низ сите меридијани. Резултатот на крајот беше севселенски, бидејќи одушевувањето после концертот беше видливо на сите лица кои пред македонската филхармонија ги споделуваа своите впечатоци од настапот на групата.
Ненајавено, во вечерната музичка приказна не’ воведе шкотската музичарка Астрид Вилијамсон, која на акустична гитара и на клавијатури изведе неколку прекрасни теми од нејзината соло кариера, кои претставуваа одлична увертира во концертот на вечерашните херои. И сосема очекувано, барем за мене, концертот на Dead can dance започна со воведната тема од антологискиот албум „Into the labyrinth“ (1993), еден од камен-темелниците во првите години од постоењето на „Стотројка“. „Yulunga (Spirit dance)“ ја навести ритуалната моќ на двочасовниот концертен перформанс на осумчлениот бенд, кој не не’ остави да здивнеме ниту за момент.
Релативно бргу, уште во првиот дел од концертот, бендот од овој албум изведе уште два незаборавни бисери, „The Ubiquitous Mr Lovegrove “ и „The Carnival Is Over“, и јас почнав да размислувам за заминување. Ќе бидам искрен, отсекогаш повеќе сум ги сакал темите кои вокално ги интерпретира г-нот Пери, а ова се двете песни кои заедно со него ги испеав на сет глас во филхармониската сала. Почнав да снимам со кутриот телефон, но по кратко време решив да исклучам и да се внесам во магијата која се случуваше во живо на сцената.
Заклучно со темата „Опиум“ од повратничкиот албум „Anastasis“ (2012), Пери ги задоволи сите естетски критериуми за изведба во живо. И генерално, Dead can dance мудро и суптилно не’ прошетаа низ целата своја музичка кариера. Уживавме во звуците на „Mesmerism“, „Sanvean“, „Bacchantes“, „Bailar“, „Avatar“… но, токму со „Opium“ тие всушност се најдоа на вистинска географска територија, потврдувајќи го вечниот мит за квалитетот на овој лек на овие простори уште од дамнина.
Сепак, вистинската ѕвезда на вечерта и носител на концертот беше заносната Лиза Жерар. Жената, едноставно, како да не е од ова време, како да е телепортирана од некои минати времиња носејќи ја својата волшебна аура околу себе, претворајќи ја во најавтентичниот глас кој може да се чуе на светската музичка сцена во изминатите четири декади. Нејзиниот алт со огромна сила и понатаму функционира беспрекорно, совршено изведувајќи ја надалеку познатата „глосолалија“, или „ехолалија“, како што гласи и насловот на песната од славниот албум „The Seprent’s Egg“ (1988), така создавајќи свој автентичен репетитивен јазик кој функцинора и при изведба на приспивна песна, и при интерпретација на аранжмански моќна и сложена композиција. Изведбата на антологиската „Cantara“ само го потврди овој одамна познат факт.
Да, групата и понатаму ги изведува своите клучни песни од 80-те години на минатиот век, првата декада од нивното постоење, кога и почнавме да навлегуваме во нивниот свет на неоткриени музички тајни. Токму затоа и ме израдува изведбата на темата „Host of Seraphim“, која во 90-те беше и една од носечките теми на прекрасниот филм „Baraka“ на режисерот Рон Фрике.
И кога концертот заврши, публиката полуде. Како во тој момент сите да сфатија дека присуствувавме на феноменално шоу кое не’ одведе до бескрајот, и назад. Dead can dance се во полна форма на оваа турнеја, која беше одложена поради пандемијата. И покрај видливите знаци на товарот на годините врз грбот, Жерар и Пери и нивните музички сопатници ни подарија незаборавен концерт за кој уште долго ќе се зборува низ скопската чаршија. Во таа чест, кога по бурните реакции се вратија на сцената, тие не’ почестија со темата „Children of the sun“, чувствувајќи ја вибрацијата која доаѓаше од присутните во салата.
И на крајот, уште две „дед кен денс колачиња“. Откако на платното зад нив се појави едно огромно прекрасно глуварче, Лиза со силни емоции ја испеа темата „Wind that shake the Barley“. Означувачката песна на ирскиот отпор против британската империја Жерар ја испеа придружувана од кавалот на Роберт Пери, братот на Брендан, така освежувајќи и збогатувајќи ја оваа легендарна тема оригинално изведена во а-капела.
За заокружување на впечатокот, повторно тема од албумот „Змијско јајце“, можеби нивното најдобро остварување од првиот период на постоење. Заносната „Severance“ Брендан Пери ја испеа од длабочината на своето срце, и на најдобар можен начин ја финишираше оваа прекрасна скопска концертна вечер.
О да, задоволството на лицата на музичките магови од сцената беше сосема видливо на крајот. Лиза ни прати безброј бакнежи, а Брендан отворено ни кажа дека сме прекрасна публика. Ами како! До некое следно видување.
Бонус: некаде на средина од концертот, имаше еден момент кога Лиза го повика Брендан да му каже нешто среде сцена, помеѓу изведба на две песни. Одеднаш публиката замолче, и сите очекуваа барем малку да наслушнат што таа ќе му каже. Но Лиза беше доволно тивка, и за тишината која ние ја создадовме, ни возврати со насмевка. Ова дефинитивно беше најволшебниот момент на концертот 🙂