Секогаш кога по повод некој јубилеј се прават избори на најдобри филмови во историјата на кинематографијата, во кои учествуваат битни филмаџии со своите мислења, „Граѓанинот Кејн” на Орсон Велс во многу случаи е на самиот врв, или пак во групата „Топ 5 филмови на сите времиња“. Првенецот на Велс скрши многу правила во филмскиот јазик, но измисли и неколку нови, кои подоцна сесрдно ги прифатија и ги употребуваа во своите филмови останатите филмаџии од неговата генерација.
Во време кога „играта” на/со сопствениците на влијателните медиуми кај нас и во светот сè повеќе станува жешка и бескомпромисна (бидејќи оној што ги контролира медиумите го контролира и светот), како никогаш досега се ре-актуелизираше приказната за американскиот медијски моќник од првата половина на минатиот век, Вилијам Рандолф Хирст, чија животна сторија послужи како инспирација за снимањето на дебитантскиот филм “Граѓанинот Кејн” на Орсон Велс во годината во која САД и официјално стана дел од Втората светска војна.
Накратко, за оние што сè уште не го гледале филмот (доколку сè уште има такви!?), репортерот Џери Томпсон (игран од Вилијам Оленд), го разголува животот на мултимилионерот Кејн (маестрално одигран од самиот Велс), сопственикот на неколку влијателни медиуми и претседателски кандидат, преку пет различни искази на неговите блиски, нормално, сето тоа прикажано преку дотогаш не баш често користените флешбекови во филмската уметност. Тој прво ја посетува библиотеката на неговиот пријател, преку која се навраќа во детството на Кејн, кога тој бил напуштен од неговите родители. Потоа следат приказните на неговиот лојален асистент, па на бизнис-партнерот, како и на неговата сопруга, која во пијана состојба му кажува многу сочни детали за животот на могулот. На крајот, репортерот се соочува со приказната за смртта на Кејн, која е обвиткана со вел на мистерија благодарение на магичниот финален збор “Роузбад”.
Интересно, „Граѓанинот Кејн” во времето на неговиот кино-прикажувачки живот не бил баш успешен филмски проект, губејќи 160 илјади долари на благајните ширум САД, но за тоа си постои и добра причина. Имено, медиумската кариера на Орсон Велс започнува три години порано, кога во 1938 година успева да ја исплаши половина Америка со драмата „Војна на световите”, кога преку радио-брановите успеал да исценира напад на вонземјани, кој вознемирил многумина граѓани, мислејќи дека тоа навистина се случува. По тој спектакуларен влез, големите филмски студија му нудат потпис на талентираното момче, кое се нафаќа да ја реализира идејата за екранизација на животот на еден мултимилионер. Заедно со Херман Манкиевич, братот на познатиот режисер Џозеф, Велс пишува сценарио од кое боли глава, особено онаа на споменатиот моќник Хирст, кој пред таа да биде снимена успеал да ја прочита и, секако, се препознал во неа. По многуте закани и сопки, Велс и неговата РКО компанија сепак успеваат да го завршат филмот, притоа задржувајќи ја креативната и уметничка контрола врз приказната. Резултатот бил маестрален, но, и покрај тоа, филмот се’ уште не може да ја види светлината на кино-проекторот, бидејќи Хирст и понатаму инсистирал филмот да не се прикажува, односно, да се уништи оригиналот, за што на Велс му нудел милионски суми. За среќа, 25-годишниот филмаџија им одолеал на искушенијата, но со оваа негова упорност и тврдоглавост ќе си има проблеми во текот на целата кариера, неретко не можејќи да заврши одредени филмови токму поради завршниот збор во монтажата со која сакал токму тој да раководи.
Друг интересен детаљ поврзан со овој класик е насловот на филмот кој претрпел многу трансформации, не поради реакциите на нашиот јужен сосед, туку во зависност од тоа на кое ниво на развој се наоѓало пишувањето на сценариото. Работниот наслов на почетокот гласел „Американец”, потоа мутирал во „Џон Американецот”, за подоцна насловот на филмот едноставно да гласи „САД”. Сепак, приказната се заокружува со називот кој денес сите го препознаваме како колективно филмско наследство од историјата на Седмата уметност.
Од технички аспект, пак, филмот на Велс ги содржи сите тајни на филмската уметност дотогаш употребувани на големото платно, но тој измислува и неколку нови, меѓу кои особено се издвојува „длабокиот фокус” на директорот на фотографија Грег Толенд. Остриот контраст меѓу светлата и сенките прават овој филм многумина да го прогласат за визуелно ремек-дело токму на Толанд, но иновативната режија на почетникот Велс е онаа која го прави ова остварување возбудливо во секоја следна сцена. И не само тоа, младиот Орсон во своето прво остварување на големото платно јасно го искажува својот мулти-талент, кој потоа ќе го потврди и во своите следни наслови, како „Величенствените Амберсонови” (1942), „Дамата од Шангај” (1948), „Допир на злото” (1958), „Процес” (1963)…
Филмот на Велс во 1941 година доби дури девет номинации за Оскар, и тоа за најдобар филм, режисер, актер, кинематографер, монтажер, филмска музика, дизајн на звук и најдобра сценографија, но го доби единствено Оскарот за најдобро оригинално сценарио, кој отиде во рацете на Орсон Велс и ко-сценаристот Херман Манкиевич. Ваквиот развој на настаните се смета за најнеправеден во историјата на доделувањето на престижните награди, но сепак дебитантот Велс не можеше достојно да му парира на легендарниот Џон Форд, чиј филм „Колку зелена беше мојата долина” доби поголем дел од Оскарите.
И пред самиот крај, збор-два за славниот израз “Роузбад” (Rosebud). Ова е најславниот збор во филмската историја. Тој истовремено објаснува сè, но и не кажува ништо. Едноставно, батлерот на самиот крај од филмот вели дека слушнал како Кејн го изговара зборот, но медиумскиот магнат умира сам, а на одблесокот од стаклото на чашата гледаме како во собата влегува медицинска сестра!?! Озборувачите пак информираа дека се работи за интерна шега на ко-сценаристот Манкиевич, кој бил пријател на љубовницата на Хирст, Мерион Дејвис, која му кажала дека медиумскиот магнат така сакал да го ословува најинтимниот дел од нејзиното тело.
Поради сите овие нешта, повеќето добри познавачи на филмската историја “Граѓанинот Кејн” го сметаат за најдобриот американски филм од звучниот период наваму, кој истовремено може да биде и забавен, за разлика од останатите остварувања од неговиот жанр. Архетипската приказна за економскиот барон можеби, доколку некој ви го раскажува филмот во кратки црти, ќе ви зазвучи прозаично, но да се гледа овој филм, и потоа повторно да му се навраќате на истиот, претставува вистинско магично филмофилско искуство.
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“ и на kritika.mk)