Разгледница од Голи оток

Освен пишувањето и дружбите со прекрасните домаќини, времето на писателската резиденција во Пазин го пополнував со квалитетни прошетки низ Истра. Шетајќи низ центарот на симпатичниот истарски град, еден ден наидов на плакат на кој пишуваше дека туристичката агенција крај која поминував секој ден организира еднодневна посета на Голи оток. Не се премислував многу и веднаш го уплатив аранжманот кај сопственичката Ингрид, која најави дека ќе биде наш водич. Супер, помислив, конечно ќе можам во живо да ја видам и почувствувам приказната за најконтроверзниот остров во минатото, чија слава и значење единстено можеби ја засенува Вис. Но, за разлика од него, Голи оток и ден-денес како референца неретко се употребува во секојдневието и во политичките дебати на овие простори, метафорична сенка која веројатно никогаш нема да можеме да ја надраснеме.

По тричасовно возење со автобус, пристигнавме до појдовната точка, малото пристанишно место Св. Јурај, каде не’ чекаше бродот кој ќе не’ однесе до крајната дестинација. Љубезниот капетан ни објасни дека го купил неодамна, и дека е произведен пред 118 години, во 1904 година.

Со него, како што се пофали, хрватската фудбалска генерација од 1998 година на чело со Бобан, Шукер и останатите, влегла во Задар на големото славје, по освојувањето на третото место на Светското фудбалско првенство во Франција. „Гусарскиот“ брод тргнува на својот пат со четириесетина туристи, а синот на капетанот ни дели чашка домашна ракија за подобро доживување.

Пред нас е островот „Првиќ“, а таму некаде, иако изгледа близу, сепак во далечина се наѕира Голи оток. Над нас од северната страна се надвил моќниот Велебит, според кој е наречен и каналот по кој пловиме. Иако сончево, сепак, појавата на бура овде е константна, но тоа не ни пречи.

Десно од Првиќ е најголемиот остров во Кварнерскиот залив, Крк, а во далечина се гледа една од неговите атрактивни ували „Башка“. Меѓу Првиќ и Крк се наоѓа преминот наречен „Сењска врата“ (во близина е градот Сењ), опасен премин во кој во минатото потонале многу бродови поради бранувањето на морето.

Поминуваме крај Првиќ и зад него се појавува островот Свети Гргур, кој исто така ќе го посетиме како бонус материјал во овој текст на крајот. Во далечина се гледа и Раб со славната „Рајска плажа“, но Голи оток од лево со своитe стражарници веќе ни го привлекува вниманието и не’ повикува во своите прегратки.  

Нашиот брод влегува во малото пристаниште каде не’ пречекува таблата „Добредојдовте“, а набргу се појавува и туристичкото вовче кое ве води на 20-30 минутна прошетка низ главните пунктови на островот. Но, нашата група беше подготвена тоа да го стори пеш и да впие што повеќе впечатоци од виденото.

Голи оток, или како што го нарекуваат „Хрватски Алкатраз“, е еден од најпознатите и најзлогласните затвори во Европа по Втората светска војна, отворен во 1948 година, а затворен во 1988 година. Иако и за време на Првата светска војна на островот накратко биле интернирани руски затвореници, најстрашаната историја на островот се случувала од 1948 до 1956 година за време на „Информбирото“, кога овде се затворани и мачени политичките затвореници, противниците на тогашниот Титов комунистички режим, односно, следбениците на Сталиновиот режим.

Низ голоостровскиот пекол, според некои статистики, поминале преку 16 илјади осуденици (меѓу кои поради исцрпеност и болести починале околу 400), а во еден момент имало максимално и 3500 затвореници. На Голи оток биле применувани страшни казнувања со цел осуденикот да ги изгуби својите особеност и идентитет. Истовремено осудениците се принудувани на тешка работа во каменоломите и погоните.

При доаѓањето на првите осуденици (09.07.1949) островот бил сосема гол, а го пошумиле и изградиле, со текот на годините, самите тие. Силната бура во зимските месеци, како и неиздржливата топлина во летните месеци, само им ја отежнувале и онака тешката судбина што ги снашла. Кога режимот малку попушта, островскиот затвор и е предаден на Хрватска,  и од 1958 година почуваат да примаат и други видови криминалци. Поради тајната со која била обвиена работата на овој остров, строгиот надзор, силните морски струи и оддалеченоста од брегот, од Голи оток речиси било невозможно да се побегне. Од 1989 година управувањето со Голи оток и’ е препуштено на општина Раб, која го уредува за туристички посети, но во времето на воените дејствија во 90-те, тој комлетно е девастиран и препуштен на проапаѓање. 

Водичот приказната ја започнува со фактот дека првите стотина затвореници донесени овде само биле фрлани од бродот врз голите карпи, и многумина од нив притоа испокршиле раце, нозе… Иако ни најави дека лево од нас, над пристанишниот ресторан каде на крајот ќе ручаме, се наоѓа првата зграда изградена на островот, сепак, турата ќе ја започнеме по патеката угоре, каде се наоѓаат работилниците во кои осудениците практикувале различни занаети.

Индустриските погони се изградени се за време на Информбирото, но дури подоцна доаѓаат во функција. Сите осуденици имале свое работно време од 8 часови дневно, кое го поминувале работејќи во еден од трите погони, во зависност од нивните психофизички способности. За прекувремена работа или работа над нормата биле наградувани, па дури и платени.

Дрвен погон – во него се изработувал мебел за извоз (Америка и Мексико). Осудениците се дообразувале за идредени занаети и произведувале високо квалитетни столови и маси.

Метален погон – тука се произведувале разни метални производи како подготовка за металната индустрија (тракторски шасии, алки за цевки, делови за бродоизградба…)

Камен погон – во него се произведувале високо квалитетни камени плочки и бетонски блокови. Каменот се вадел од неколкуте островски каменоломи богати со боксит, и се обработувал за овие потреби.

За време на Информбирото постоело и бродоградилиште во кое за неколку години се изградени три брода со носивост од 110 тона. Ги носеле имињата „1 мај“, „13 мај“ и „25 мај“. Подоцна служело како ремонтно бродоградилиште.

Патот продолжува до врвот на брдото, каде има доста пошумени места. Приказната вели дека секој осуденик засадувал стебленце, над кое потоа, во текот на летниот период, цел ден стоел над него за да му држи сенка, за да не се исуши. Таа „кружна грижа“ за зеленилото по неколку години резултирала со мало зазеленување на островот, особено околу изградените објекти, иако остатокот, особено онаму каде што нема објекти, туку само стражарници, кои се вкупно околу 100 на број, е сосема гол.

Желбата била токму овој пат кој водел од пристаништето кон врвот од островот да биде засаден со дрворед, но тоа не се случило затоа што Тито никогаш не го посетил островот, тоа го сторил само Ранковиќ.

Пред да дојдеме до следниот објект, од десната страна забележуваме огромен простор уреден со камен, наречен „Цистерна“, од едноставна причина што тоа навистино било цистерна која поради благиот пад ја собирало сета дождовница која во текот на годината ќе паднела на островот. Недостатокот од питка вода бил главниот проблем, додека островот имал спроведено струја со кабли преку морето од соседните острови. Во близина на „Цистерна“ имало и фарма за свињи кои служеле, секако, за исхрана на „островјаните“ во тие луди времиња. 

По овој дел се спуштаме малку надолу и стигнуваме до приемно-отпусниот дел наречен „Карантена“, изграден е за време на Информбирото (1951). Сите осуденици во оваа зграда морале да поминат еден месец од доаѓањето за да се запознаат со куќниот ред и правилата на однесување, и нешто пократко пред заминувањето.

Тука добивале матичен број, ја оставале цивилната и ја земале затворската облека. При прегледот им се востановувале психофизичките способности според кои потоа се распоредувале на работните места. Покрај Карантена била и болницата за осуденици и службеници, во која се правеле и операции. Болницата содржела и рентгенски апарат.

Пред влезот во „Карантена“ водичот ни ја покажува празната јама, наречена „Петрова дупка“, можеби најзлогласното место во затворот. Во неа на времето имало барака, во која осудениците биле измачувани, морале да стојат цел ден на нозе, а ноќта да ја поминат виснати со главата над дупката за измет. Низ неа се смета дека поминале околу 200 осуденици. Друг начин на тортура доколку затвореникот нешто бојкотира е ставање на жица околу него, и тој така шетал низ кругот, и кога останатите осуденици ќе го пресретнеле, морале да го тепаат, ако не, чуварите ќе ги тепале нив.

На Голи оток нема гробница. Се смета дека за време на отслужувањето на затворските казни починале околу 400 осуденици, чии тела биле закопувани на околните острови. Најголемиот број на евидентните документи се загубени, а оние што останале можат да се отворат дури по 70 години од затворањето на затворот, односно, во 2056 година.

Следи минување крај еден типичен крш од карпи, и трасираната патека не води удолу лево, кон озлогласениот затвор во затвор, Одделот 102. Изграден е со цел засилен надзор над проблематичните осуденици кои на било кој начин го кршеле куќниот ред. Додека останатите осуденици на островот донекаде имале слобода на движење, во Одделот 102 движењето било ограничено на едночасовна прошетка дневно и тоа во круг од 50м2.

Во приземјето се наоѓаат 20 самици, а на катот е стационар за околу 50 осуденици. Зад Одделот 102 се наоѓале болница и училиште (изградени по 1958 година) во кој престапниците можеле да се школуваат за различни занаети, диплома која потоа им била важечка и во цивилниот, граѓански живот.

Излегуваме од „Стодвојка“ со лош вкус во устата, и продолжуваме да се симнуваме удолу по стазата, каде се наѕира едно прекрасно заливче, многу поубаво од пристанишното. Одејќи натаму забележувам огромен комплекс од левата страна, под планината, кој бил изграден по 1958 година, кога почнале да се примаат различни видови криминалци, па капацитетот на затворот морал да се прошири.

Стигнувам до следната дестинација која претсвувала Рапортна зграда. Изградена е за време на Информбирото (1950 година) и во неа најпрво на катот престојувале стражарите, додека во приземјето имало самици. Подоцна тука се наоѓала матичната евиденција, материјалната служба (логистика) за осигурување на храната, пијалоците и сите други работи, а во поново време во неа престојувале одгледувачите кај кои осудениците оделе на разговор.

Секоја група на осуденици имала свој, засебен одгледувач кој ја следел нивната работа и однесувањето, истовремено помагајќи им доколку се пожалеле на некој проблем. Но она што најмногу воодушевува е супер бистрата вода на морето и навистина прекрасната плажа во која најверојатно уживале овие, споменатите, кои престојувале во рапортната зграда. Милина. Инаку, осудениците за време на Информбирото смееле да се капат два пати годишно во морето, но само во зима.

И тогаш забележувам дека сонцето веќе силно пече, а на повидок има само отворено море, но не и некоја зграда, до која следи 20-минутно пешачење. Пределот е полн со разни ниски растенија, се наведнувам и земам еден кактус како сувенир. Го ставам во хартија која ми се најде при рака и го складирам во ранецот. Во наредните денови секогаш кога ќе посегнев по нешто во ранецот, цело време на рацете добивав по неколку боцки, како постетување на посетата на Голи оток. Башка, кактусот кој го земав налкува на фигура од човек. Симболика!

Конечно стигнувам до пошумен дел од островот, набргу сфаќајќи дека сум пред самиот крај, односно, дека сум го направил предвиденото туристичко крукче кое завршува пред пристаништето од кое дојдовме. Најпрво долу забележувам една зграда која е непристапна за посета, а потоа и извиканиот „Хотел“, најубавиот објект на островот, залегнат во сенката на високите борови.

Управната зграда е изградена за време на Информбирото (1950 година) од камени блокови клесани исклучиво рачно од страна на затворениците. Била најубава и најуредена зграда на островот, и затоа осудениците ја нарекувале „хотел“. Во неа било сместено раководството на затворот, референтите и управата. Веднаш до неа се наоѓа берберницата и продавницата за раководителите на затворот. Аха, значи првиот објект што го видов бил тоа. Во ред.

Внатрешноста на „хотелот“ оддава раскош, а управителот кој престојувал во него секогаш бил полковник од УДБА. Според статистиката, највеќе осуденици од 1948 до 1956 година имало од Србија, потоа, следела Црна Гора, па Хрватска, Македонија…

Веќе сме на појдовната точка во пристаништето, но пред да одиме на ручек, го истражив и горниот дел над ресторанот, каде се наоѓа првата зграда изградена на островот во 1949 година, која осудениците ја нарекувале „Камена“. До изградбата на „Хотелот“ овде била сместена првата управа на затворот. По преселбата, во оваа зграда биле сместени полицајците.

По завршувањето на Информбирото, оваа зграда е наменета за посетителите на осудениците. Секој од нив, доколку добро се однесувал, имал право на една посета месечно и тоа од страна само на најблиското семејство. Посетите траеле од два часа до два дена, во зависност од владеењето на осуденикот (извршување на работните задачи, послушност…) Зградата има прекрасна тераса која гледа кон пристаништето и на која најверојатно се случувале посетите. Баш убаво.

Малку погоре се наоѓа зградата изградена во 1951 година, а поради патеката за куглање наменета исклучиво за чуварите е наречена „Куглана“. Креативно, нели 🙂 Но освен куглањето, во неа се одржувале разни прослави, банкети и забави.

Подоцна зградата се користела како кино, за прикажување на политички документарни филмови за чуварите и осудениците, или, со еден збор, за индоктринација. Во неа и денес се прикажува еден 12-минутен документарец за тоа како некогаш изгледале зградите на состровот пред да добијат ваква, девастирачка визура, а има и скромен музеј кој изобилува со автентични предмети и некои други нешта.

Конечно, по три и кусур часа, се спуштам во ресторанот и ја земам заслужената порција со прекрасно подготвена скуша.

Имаме уште малку време, и решавам да се вратам во „Хотелот“, бидејќи добивам фикс идеја. Имено, иако „Црно семе“, снимен според истоимениот роман на Ташко Георгиевски, ја раскажува приказната за Македонците кои се однесени на островски затвор во Егејското море на почетокот на граѓанската војна во 1946 година, јас филмот на Кирил Ценевски од 1971 година отсекогаш сум го гледал и како алузија на случувањата на Голи оток во истиот период. Затоа наградите во Пула и во Москва имаат уште поголема тежина. Тоа е филмот кој отсекогаш најмногу сум го ценел во македонската кинематографија, и решив да ја искористам шансата, наоѓајќи се на Голи оток, да снимам една кратка сцена и барем за момент да влезам во „филмот“ на великанот Дарко Дамески. Се надевам нема да ми забележите 🙂

Океј, бидна, си го направив ќеифот 😉 Но, тоа не е се’! Иако ова не е „Топ шоп“, сепак аранжманот продолжува, и следи најавената посета на островот св. Гргур, на кој се наоѓал женскиот затвор. Ингрид забележува дека по ручекот сме малку клапнати, и кога по четириесетина минути стигнавме во пристаништето на другиот остров, таа ни препорачува да одиме да се искапеме, доколку немаме сила да ја продолжиме денешната „приказна за затворите од минатото“. За жал, немав „купаќи“, и отидов да откријам што тоа правеле овде престапничките во минатото.

Свети Гргур е оддалечен 4 километри од Голи оток, и се наоѓа меѓу Раб и Крк. Денес, но и во минатото, претежно бил ненаселен од луѓе, а на него доминираат прекрасните елени-лопатари кои ги има во голем број, и кои имавме можност да ги фотографираме недалеку оттука.

Исто како и Голи оток, и Свети Гргур од 1948 до 1988 година бил затвор, односно, казнено-поправен дом за жени. Но, за разлика од Голи оток, овде забележувам многу повеќе зеленило и концентрираност на објектите во кои престојувале осуденичките.

Поминувам низ зелената долина додека од обете страни зујат пчелите, и попатно од обете страни ги гледам исто така разрушените објекти кои некогаш служеле како затвор. Без додатни објаснувања (водичот седна да пие кафе), снимам набрзина и се враќам и јас малку да здивнам.

Јбт, си велам, колку убаво пристаниште, колку убави плажи наоколу, зошто островов го користеле за затвор? Од друга страна, пак, фактот дека во Јадранот има 1143 острови ме побива во старт. Нејсе. Сепак, сето ова премногу ми дојде. Можеби Свети Гргур треба да се посети засебно, во друг ден, па на крајот да се бувнеш на некоја од околните плажи и да ја дочекаш ноќта, гледајќи во зајдисонцето. Како и да е, ова беше една возбудлива авантура, која се надевам дека фино ја пренесов и на овие страници 😉

На враќање, го заобиколуваме Гргур и повторно во далечина се појавува Голи оток. Имам можност да ја видам целата негова распосланост во морето, и оддалеку ми изгледа како фигура на човек легната во водата, со глава, тело, екстремитети, загледан во небото, како да бара помош оттаму.

Од овие мисли ме оттргнува Владо Калембер, чија „Вино на уснама“ ме враќа во реалноста. Журката на бродот со далматински хитови е веќе на ниво, а јас почнувам да размислувам за следната дестинација 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *