Изложба „Новиот бран во Белград – Пакет аранжман 1981-2021“ во Загреб

Трамвајот со број 6 за десетина минути ме донесе од централната автобуска станица до предворјето на Музејот на современа уметност во Нов Загреб, каде деновиве може да се види изложбата насловена „Новиот бран во Белград – Пакет аранжман 1981-2021“. Автори на изложбата се Зорица Којиќ и Драган Амброзиќ, и таа содржи дела на фотографите Горанка Матиќ, Горан Вејвода, Бранислав Рашиќ и Бранко Гавриќ, кој е автор и на обвивката на славниот албум на новата генерација белградски бендови, после кој ништо не беше исто. Односно, на музичката сцена во поранешна Југославија се гледаше како на период пред и по излегувањеот на култниот „Пакет аранжман“.

Приказната започна минатата година со реиздавањето на албумот од страна на Кроација рекордс по повод 40-годишниот јубилеј. Парадоксот беше тој што издавачката куќа од Загреб имаше подобар „нос“ за белградската сцена, и на некој начин, со поставувањето на оваа изложба во главниот град на Хрватска, приказната по четири децении како да се врати „дома“. Во тој пакет на реизданија влегоа и албумите „Бистрији…“ на Шарло акробата и истоимените дебија на Хаустор и Електрични оргазам, за што пишував токму на овие страници.

Јубилејот беше прославен со изложбата која долго време можеше да се види во матичниот Белград во текот на минатата година, а овие денови таа се пресели и во репрезентативното издание на Музејот на современа уметност во Нов Загреб, кој навистина воодушевува со својот изглед.

Просторот наменет за изложбата е еден полукат/мезанин на средината од холот, кој сепак делува малку неугледно, но од друга страна, пак, целата оваа приказна се појавила на сцената сосема неформално, за многу бргу потоа да претставува главен момент околу кој ќе се врти се’ во 80-те години на минатиот век. Најавена со графит кој ве води нагоре по скалите, изложбата е пресек низ фотографии на она што белградскиот Нов бран го подготвувал како пресвртница во музиката на овие простори.

Во воведот ги наведов фотографите чии дела се претставени на изложбата, и некако ми се чинеше логично во овој напис да ги претставам фотографиите на бендовите во засебни поглавја. Започнуваме со Идоли, чиј деби албум „Одбраната и последните денови“ токму деновиве го реиздаде Кроација рекордс, исто така по повод 40 години од излегувањето.

Следниот фокус е врз бендот Шарло акробата кој, за жал, издаде еден генијален албум и потоа згасна. Но, од него се создадоа Катарина II, а потоа Екатарина велика на Милан Младеновиќ, како и Дисциплина кичме на Која. ВД се шалташе од еден во друг бенд. На фотографиите можеме да ги видиме на нивните легендарни настапи во СКЦ, но и на специјални фото-сесии по повод излегувањето на „Пакет аранжман“, но и на нивниот деби албум. Во внатрешниот буклет на ЛП-то можат да се видат дел од овие фотки претставени на изложбата во Загреб.

И третите пулени од тогашната нова белградска сцена, Електрични оргазам, за кои времето покажа дека останаа единствените репрезенти што се’ уште концертираат и денес, а летово можат да се видат и чујат на многу фестивали во регионов, но и на самостојни свирки кои најчесто се распродадени. Гиле и компанија отсекогаш имале автентичен артизам, што може да се забележи и на самите фотографии.

Освен овие фотографии фокусирани врз трите бенда, носители на музиката во „Пакет аранжман“, на изложбата можат да се видат и фотки на кои фигурираат останатите луѓе поврзани со сцената, како Беби Дол, публиката во СКЦ во 1981, Дејан Кнез од Лајбах фатен како ги гледал свирките додека служел војска во ЈНА, Енцо Лесиќ – сопственикот на првото приватно студио во Југославија без чија поддршка оваа приказна не би се случила, и секако, претставниците на медиумите, исто така, многу важен дел од целата машинерија.  

Се’ на се’, посетата на оваа возбудлива изложба е вредна поради навраќањето на едно време кое потоа никогаш не се повтори на овие простори (со чесни повремени индивидуални проблесоци). Новиот бран беше и остана светла точка на музичката сцена во поранешна Југославија кој, еве, и по четири децении, знае да предизвика бранувања со содржините и пораките што ги нуди. Реизданијата на плочите и оваа тематска изложба се дел од нив.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *