Димитар Кондовски – одовде до вечноста!

Ликовниот настан на годината несомнено се случи во Даут пашиниот амам! На 05 мај беше отворена ретроспективната изложба на генијот Димитар Кондовски (1927-1993), кој триесет години по неговото заминување повторно ја воодушеви домашната јавност со делата кои ги остави зад себе. Немаше човек кој по посетата на изложбата не го изрази своето воодушевување. Токму затоа, траењето на истата, иако најавено до крајот на јули, на задоволство на многумина, продолжи и следните два месеци (август и септември). Така на дланка го добивме светогледот на еден од најголемите македонски сликари во 20 век, чии дела не’ однесоа одовде до вечноста.

„Димитар Кондовски е еден од малкумината македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност. Ретроспективната изложба ги опфаќа сите периоди од неговата творечка дејност. Целта на оваа изложба е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот“, се вели во каталогот кон изложбата.

За подлабоко навлегување во уметничката визија на Кондовски, задолжителна лектира е поседувањето на монографијата во која кураторот Емил Алексиев има напишано импозантен текст за сите творечки фази на уметникот, длабоко проникнувајќи во неговото авторско кредо.

За проучувачите на современата уметност, секако дека г-нот Алексиев преку деталниот осврт ја доловува суштината на сликарството на Кондовски, но јас во овој текст збогатен со фотографии би сакал да направам мој поглед кон совршеното, а она што беше претставено низ целиот галериски простор на објектот беше токму тоа – совршенство!

Автопортрет, 1947
Автопортрет, 1948

Сликањето на автопортрети е вообичаена практика на сите славни сликари. Следејќи го созревањето и неминовното стареење, и Кондовски го следи својот биолошки развој како индивидуа, истакнувајќи ја во своите автропортрети и внатрешната духовна состојба во моментот кога се соочува со себеси во огледалото. Почнувајќи од 1947 година, па се’ до неговото заминување од овој свет, Кондовски совршено ги следи промените на својата фигура претставувајќи ја на сопствените слики, притоа отворено покажувајќи ни дека сме обични смртници и случајни минувачи низ овој свет.

Автопортрет со шпанска инфлуенца, 1955
Автопортрет, 1965
Автопортрет, 1975

Највпечатлив меѓу сите нив е оној насликан една година пред смртта, слика која оддава духовна длабочина на уметникот кој во себе ги впил сите животни вистини. Доволно е малку подолго да се задржите на неговиот продорен поглед, и се’ ќе ви стане јасно, барем за миг.

Автопортрет, 1992

Најпопуларниот „автопортрет“ на Кондовски дефинитивно е оној во друштво на неколку знаменити личности, сликата пред која позираа безброј посетители и потоа фотката ја објавуваа на социјалните мрежи. И навистина, „Сеирџии“ од 1990 година, на која крај сликарот седат Никола Карев и Гоце Делчев, придружени од едно девојче со невин и бистар поглед на светот околу неа, е вонвременско дело. Протагонистите како да ни велат дека љубопитно не’ гледаат што правиме на прагот од независноста на нашата држава, но нивните сериозни ликови како да оддаваат загриженост, предвидувајќи транзициона неизвеснот. Сликарот не бил далеку од вистината, на која и’ погледнал директно в очи. Она што мене ме плени кај оваа слика е нејзината непосредност и директна комуникација со посетителот, надополнета со безбројните графити на ѕидот. Тие сеирџиски не’ посматраат – ние сеирџиски ги гледаме = сеирџиска постмодерна до крајност!

Сеирџии, 1990

А кога сме веќе кај сеирџиството, нашето национално обележје, Кондовски како простор за негово практикување го слика балконот на старата куќа во една од неговите најубави слики, како и прозорецот зад чии завеси се кријат љубопитни лица кои сакаат да знаат што се случува надвор, на улицата.

Прозорец, 1961
Балкон, 1959

Страста кон тутунот е уште едно обележје во сликите на Кондовски. Секако дека вообичаената слика што за еден уметник-сликар ја имаме во главата е мноштво чад во неговото ателје, додека тој се обидува да ги скроти визиите во својата глава со потезите на четката врз платното пред него. Кондовски не се срами да ја прикаже својата слатка зависност, и на неколку слики, почнувајќи од неговиот колосален автопортрет, можеме да го забележиме слаткиот детаљ – цигарата меѓу неговите прсти, како и типот на тутун што го практикувал за чистење на белите дробови – овековечувајќи ги славните „МТ“ и „Филтер Југославија“ за вјек и веков.

Автопортрет, 1987

Кога веќе ги истакнуваме деталите на сликите, токму тој момент е величествен кај Димитар Кондовски: чувството за мал детаљ, кој во многу случаи ја засенува големината на целата слика. Неговиот деталистички перфекционизам е изразен во многу дела, само треба да си дадете време, широко да ги отворите сетилата и да сфатите дека она што сте го чуле многу пати во животот е чиста вистина – да, „ѓаволот лежи во деталите“. Тоа најдобро може да се забележи на портретот на Ана Липша Тофовиќ, каде деталите на најдобар начин ја опишуваат оперската примадона – од нејзината внатрешна духовна состојба, преку кројот на фустанот, накитот, задолжителното цвеќе на клавирот, па се’ до шамивчето на подот.

Портрет на оперската примадона Ана Липша Тофовиќ, 1974

Љубовта кон човековото битие и потребата значајните личности од домашната сцена да ги овековечи на своите платна, совршено свесен за контекстот и времето во кое живее, кај Кондовски е видлив во безбројните портрети кои ги има насликано во текот на својата кариера, почнувајќи од собирачот на народни умотворби Марко Цепенков, па се’ до националната големина Блаже Конески. Тука некаде, меѓу нив, ќе се соочите и со длабокиот поглед од прекрасниот портрет на Фјодор М. Достоевски.

Марко Цепенков, 1987
Крсте Петков Мисирков, 1987
Блаже Конески, 1987
Никола Мартиноски 1972/74
Портрет на артистот Кирил Ќортошев, 1959
Портрет на артистот Петре Прличко, 1956
Ф. М. Достоевски, 1991

И покрај доминатноста на многуте очи кои ве следат во текот на посетата на изложбата, сепак, централен дел од неа заземаат многубројните полиптиси создадени во различни периоди од творештвото на Кондовски. Меѓу нив највеќе ми се допаднаа оние на кои се претставени четирите годишни времиња, како врв на својата воспоставена естетика во 1990 година, претставувајќи ги циклусите низ кои во животот поминуваме сите ние, без разлика на бојата на кожата, полот, возраста…

Пролет
Лето
Есен
Зима

За момент оваа колоритна импресивност пред вашите очи ја прекинува доминатниот портрет на Свети Јован Крстител, кој со својата неизбежна појава засилена со дречливата црвена боја ќе ве остави занемени, докажувајќи колку ликовната уметност може да биде сугестивна и моќна.

Свети Јован Крстител, 1987

Најнакрај, би сакал да го изразам големото задоволство што оваа ретроспектива се одвиваше во прекрасниот објект на Даут пашиниот амам. Комбинацијата на неколкувековниот простор со модернистичките слики на Кондовски е вистинска добитна комбинација. Акустиката е совршена, погледот изострен, а доживувањето на посетителот – безвременско!

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *