(Поговор кон збирката раскази „Двојна експозиција“ од Игор Анѓелков, Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2022)
пишува: Ана Мартиноска
„Човек мора да ги надмине сопствените суети за да го достигне невозможното во филозофијата и уметноста.“ (Анѓелков, 2022: 82)
Меѓу најновата книга раскази „Двојна експозиција“ (2022) на Игор Анѓелков и неговата дебитантската книга од истиот жанр „Кротки приказни” (2006) стои временска дистанца од шеснаесет години, во која авторот беше насочен кон пишување романи („Крај-пат“, „Фото синтеза“ и „Шрапнел“) и публицистика од областа на филмската критика („Филм.мкд“, „Филмски град“ и „Филмотопија“). Враќањето кон кусата прозна форма на расказот со која почнува неговата официјална книжевна библиографија (но и неофицијалната бидејќи својата нулта, самиздат книга раскази „Четири“ ја објавил во 1996 година под псевдонимот Ангел Горски) нè тера да ја промислиме оваа жанровска одлука на Анѓелков и да се обидеме да ги разбереме неговите актуелни авторски избори и во корелација со неговите први творби. Имено, во рецензијата за „Кротки раскази“ писателот и научен истражувач Гоце Смилевски велеше дека „Градејќи ги композициски своите кратки раскази со нагласено чувство за елиптично раскажување, при што најчесто сопоставува две дејствија кои се надоврзуваат едно на друго, а помеѓу нив постои временски интервал кој предизвикал важни промени за кои читателот ќе биде свесен дури во втората половина (во најголем дел при самото финализирање) на расказот, Анѓелков покажува судир во рамките на еден, на прв поглед, ист свет, со што постигнува особен ефект – во секој расказ не’ води кон конкретна поента, при што поентирањето кај него секогаш има и карактер на изненадување за читателот.“ (Смилевски, 2006). Овој пат, покрај тоа што и самиот наслов на збирката навестува слична двојна експозиција, ваквата композиција на двојност е видлива и во структурата на збирката, во која расказите се поделени на шест целини со по два раскази (Невиност, Љубов, Бизар, Афион, Статус и Смрт), при што секоја целина следи една животна фаза, од раѓањето кон смртта. Секоја од тие фази е прикажана со двоен пристап, но покрај тоа и во секој расказ поединечно имаме извесна двојна гледна точка, понекогаш постигната со спротивставеност на различни ликови, а во други случаи со помош на временската дистанца од која се води нарацијата. Мешањето на минатото и сегашноста не се само две неутрални позиции од кои се раскажува приказната, ами имаат функција и на доказ дека времето неумолно нè меле, иако некои нешта засекогаш остануваат непроменети.
Особено допадлива е дихотомијата на личното кое се испреплетува со колективното, создавајќи ефектен впечаток на реалистични раскази, на приказни што се (како) извадени од стварноста, автобиографски или не, сеедно. Сите приказни, од првата до последната, веројатно се доживеани во и околу книжарницата како подеднакво конкретен и имагинарен хронотоп, но дури и ако/кога авторската имагинација вмешува прсти, тие се и натаму лесно податливи за емоционална и секаква друга идентификација. Без напор можеме да ги замислиме сите овие стории, длабоко свесни дека ликовите од страниците меѓу кориците се само варијации на оние од животот. Авторот опишува ситуации кои ги препознаваме, ликови кои ни личат на некои што ги знаеме, околности на какви сме биле сведоци и муабети кои и ние сме ги слушнале. Кога велам ние, мислам првенствено на некоја генерациска припадност, на сите оние поколенија кои фатија дел и од минатиот и од новиот никако-недовоспоставен систем, со сé добро и лошо што носи секој од нив, на сите нас кои сме се бореле во тие чудни, предолги транзициони времиња да се пронајдеме или да не се изгубиме себеси. Во тој контекст, овие раскази се логично надоврзување и на последниот роман на Анѓелков „Шрапнел“ кој своевремено го одредивме како генерациски роман во кој „непретенциозноста на неговиот стил (кој) едновремено успева да биде и длабок, и ангажиран, и актуелен, и компактен во изразот, и искрен до коска…“ (Мартиноска, 2021: 23).
И расказите од „Двојна експозиција“ се подеднакво непретенциозни во пристапот, барем навидум во насока на кроткоста и обичноста на неговото писмо сфатени како врвен комплимент од блажеконески тип, без оглед на тоа дека нарацијата всушност често крие комплексни и повеќеслојни нијанси. Анѓелков со манир на зрел и искусен писател успева да ја вметне својата поента во израз доволно концизен за да се потврди како квалитет на краткиот расказ, но не претерано збиен, туку во прецизна мера натопен со описи и дигресии кои се освежувачки и додаваат текстура на напишаното без притоа да ја обременат основната наративна нишка. Тоа само го потврдува она што критиката го одбележа уште од почеток на неговата кариера, дека овој автор пишува „зрела проза, суверена во концептот, опстојна во реализацијата, со мерка натопенета во автобиографско и спонтано исушена од патос, од предозираност, од пренапишаност.“ (Ќорвезироска, 2006). Конечно, двојноста на писмото на Анѓелков можеме да ја лоцираме и во шармот на локалната обоеност на севкупната атмосфера во расказите, која едновремено непобитно алудира и на универзалноста на ликовите и настаните.
Најочигледната општост во збирката е пандемијата како сетинг во кој изникнуваат сите приказни на Анѓелков, црната чума на денешнината со немерливо влијание врз целата наша цивилизација, па разбирливо „инспиративна“ и за авторот. Во своите раскази тој се обидува да го наслика градот на духови, да ги испочитува жртвите од ковид, да ги прикаже личните борби со болеста, но и со депресивните мисли кои ги носи времето-невреме во кое живееме. Така, низ расказите се провлекуваат и војната во Украина и неминовните реминисценции за Чернобил, и бегалците од Босна и комуните во Лион, и миграцијата расфрлена по нафтени платформи во Норвешка и низ сите други далечни краишта од светот. Во нив се вметнати носталгичните описи на Краш експрес во млеко, црешовото дрво, игрите со другарите или петобрзинецот како средство за освојување на првата симпатија, се мешаат срамежливоста на тинејџ годините и желбата за тотална слобода, тажните љубовни приказни и сексуалните експрименти како бегство од самите себе, канцелариските пацови од фондациите за култура, сиромаштијата и стокецот или чувствителната тема на дете со Даунов синдром и бремето кое го носат неговите родители.
Во еден од моите лични фаворити – расказот „Чизма“, авторот вешто ги демистифицира академската и уметничка средина и „уверувањата“ на уметниците заробени меѓу платената агенда и вистинскиот фокус, им се потсмева на приватните факултети кои никнуваат ко печурки по дожд и виртуозно се мајтапи со анегдоталниот начин за постигнување на инстант успех преку незгодата со расечената црвена чизма, која од опсесија и алатка за брза популарност прераснува во уметничка инсталација со иронична порака. Почетните реченици на расказот „Таа го љубеше феминизмот. Навистина, не беше толку екстремна колку што би можело да се биде, но беше жестока во моментите кога ѝ одговараше тоа. Едни велеа дека само си тера платена агенда, други, пак, дека таа навистина верува во она што го прави, а вистината, како и секогаш, веројатно беше некаде помеѓу.“ (Анѓелков, 2022: 66) се извонредно илустративни за урбаниот стил на авторот, кој со ненакитен говор постигнува уверлив впечаток на писмо кое е сериозно осмислено, редуцирано до вистинската мера и ефектно во својата неусилена искреност.
Како во овој расказ за чизмата „како метафора за многу нешта што Зоја знаеше и умееше како да ги поврзе меѓу себе, секако, не заборавајќи на нејзиното животно кредо – феминизмот“ (Анѓелков, 2022: 72) кој ги илустрира големата амбиција за високи дострели и стремеж за слава, во фокусот и на секоја од останатите приказни лежи едно централно животно прашање, типично за возраста и биолошко-социолошката фаза на ликовите кои се портретираат. Нивниот спектар се движи од оние општоважечки мотиви како првата вистинска љубов, повторувањето на историјата, значењето на формалното насроти неформалното образование, амбициите и задоволството од постигнатото во животот, преку мајсторството во филозофијата, поезијата или филмот испреплетени со урбаниот блуз, фантомот на слободата, Витгештајн и бистрите деца од маалото, па сè до ултимативната дилема што останува по смртта.
Немам двојба дека овие теми вака бегло нафрлени во овој осврт и останатите тука неспоменати имаат примамлива моќ да ја заскокоткаат публиката и да не ја остават индиферентна, токму спротивното. Иако не секогаш видливо на прв поглед, расказите на Анѓелков се ангажирани и отвораат актуелни и суштински прашања, како додатна вредност на новата македонска проза. Верувам дека тие ќе ги поттикнат читателите на длабокомислечки и себеспознајни моменти, што впрочем е ултимативната цел на добрата литература. Покрај естетското задоволство таа треба да понуди нова перспектива, да поттикне критичка мисла и, да го парафразирам Френсис Скот Фицџералд, да ни понуди утеха дека нашите копнежи се универзални, дека ние луѓето не сме осамени и изолирани едни од други, туку дека припаѓаме – на група истомисленици, добронамерници, сострадалници, вљубеници…
Токму тоа (не)возможно чувство на припаѓање е идеалниот опис на моето читателско доживување на автентичниот и маестрално оформен прозен израз на Игор Анѓелков во збирката раскази „Двојна експозиција“.
Користена литература:
Мартиноска Ана, „Прецизна вивисекција на генерацијата родена во ’70 и некоја“, во Книжевноста низ критичка визура, Скопје: Институт за македонска литература, 2021, стр. 19-24
Смилевски Гоце, Рецензија, „Кротки приказни“, објавена на
блогот „Херој на еден ден“, 2006, https://herojnaedenden.mk/%d1%80%d0%b5%d1%86%d0%b5%d0%bd
%d0%b7%d0%b8%d1%98%d0%b0-%d0%ba%d1%80%d0%be%d1%82%d0%
ba%d0%b8-%d0%bf%d1%80%d0%b8%d0%ba%d0%b0%d0%b7%d0%bd%
d0%b8/ Пристапено на 20.07.2022
Ќорвезироска Оливера, „Кротки приказни“, промоција, објавена на блогот „Херој на еден ден“, 2006, https://herojnaedenden.mk/krotki-prikazni-promocija/ Пристапено на 20.07.2022