Седум години по првенецот „Три дена во септември“, режисерот Даријан Пејовски ни го „подарува“ својот втор долгометражен игран филм едноставно насловен „Мими“. Снимен на модерен начин низ скопските улици, мудро избегнувајќи го споменичното шаренило и нагласувајќи го урбаното наследство на градот по фаталниот земјотрес, филмот ни ја раскажува приказната за психологијата на провинцијата наспроти метрополата (не штедејќи ја ниту едната ниту другата како начин на светоглед во животот), на крајот протнувајќи и нотка на универзалност преку мајчинството како чувство кое токму во овие „модерни“ времиња е ставено на испит.

Не случајно почетокот на текстот го нагласува деби остварувањето на Пејовски на кое се надоврзува актуелниот филм, затоа што и обата наслова се реализирани на сличен начин, следејќи ја естетиката на психолошката драма (можеби и на трилерот), нешто што кај режисерот како наклонетост може да се види и во неговите кратки остварувања. И, уште поважно, и во обата филма главни (анти)хероини се два силни женски лика, кои се обидуваат да ја прилагодат својата психа на светот кој ги опкружува, детерминира, и на некој начин, моделира. Но, ако во деби филмот таа доза на мистериозност и не-до-крај разголеност на карактерите ја оправдуваше неговата жанровска ориентираност, во „Мими“ црно-белата поставеност на нештата и праволиниската нарација ја прават приказната и ја банализираат улогата на филмската уметност, ускратувајќи ја нејзината моќ за поинаков поглед врз нештата.
„Слатка си, ќе се снајдеш“, и’ вели поранешната келнерка со манекенска убавина Сара (Тамара Ристоска) на студентката Мими (Наталија Теодосиевска), која по траумата поради изгубеното бебе, се обидува да го надмине клишето дека судбината на девојките од внатрешноста е рано да се омажат, да родат деца и без борба да и’ се препуштат на здодевната инерција на животот. Со таа реплика авторот на филмот ја конкретизира „филозофијата на паланката“ која по триесет транзициски години стана единствената прифатлива мантра во целото општество. Но, животот е отворена солуција која може и да ве изненади. На тој начин добиваме скопска варијанта на „Обучена да убие“ на де Палма, со таа разлика што овде патологијата е прикажана како не(до)разјаснета вселена, дури и за самиот автор.

Сценариото навлегува во психологијата на една деликатна тема, чепнувајќи ги нејзините потенцијали, создавајќи ликови кај кои одвреме-навреме се случуваат изненадувања и своевиден шок, што треба да води кон нивна конечна трансформација. На крајот останува отворено она главно и клучно прашање кое веројатно и’ се вртка и на Мими низ главата: Која сум јас? Дали сум јас – јас, или тоа е некој друг? Колку моите желби и потреби се само мои, или се наметнати од конктекстот во кој егзистирам? итн.
Навистина живееме во површни времиња, и намерата на сценаристот и режисер била да се прикаже токму таа незадлабоченост во меѓучовечките односи, каде на непозната девојка и’ доверувате да ви го чува бебето, не претпоставувајќи дека ќе го разбудите емотивниот „монструм“ во неа, или пак, премисата дека треба да се омажиш за богат дечко е нешто што и понатаму го „вози“ светот напред. Кризата на идентитетот е сложена матрица која филмската уметност ги има сите механизми за нејзинот разобличување. „Мими“ бил на добар пат да го стори токму тоа.

И на крајот, она што како еротски набој скриен зад аголот го гледавме и почувствувавме кај Јана и Марика во превенцот, надополнето со темата „Фам фатал“ на Леб и сол, го гледаме и во овој филм, но на едно поинакво ниво. Приказната, која претендира на универзалност, до неа стигнува преку локален наративен предизвик, што секако, не мора да значи дека тоа е лошо, затоа што новите пост-пандемиски генерации треба да размислуваат и на вакви теми, необременети со стапицата на размислувањата за историјата и идентитетот присутни како во секојдневието, така и во минатото на македонската кинематографија. Можеби на тој начин мувлосаните цевки кои постојано капат конечно ќе бидат заменети со нови, а во базенот конечно ќе биде ставена нова, филтрирана вода во која ќе созерцуваат и Маја од „Сестри“ на Дина Дума, и Марго од „Северен пол“ на Марија Апчевска.
