Осамени животни излегуваат надвор, во ноќта: дилери, курви, осаменици, зависници… Ова е само дел од впечатоците со кои Тревис Бикл, њујоршкиот таксист, во 1976 година го потресе светот во легендарниот „Таксист“, филм кој предизвика многу полемики и поделени мислења, филм кој широко ја отвори вратата на седмата уметност за два автора со сличен сензибилитет: Мартин Скорсезе и Пол Шредер. Овој пат ќе го величаме делото на Шредер, кој, по потписот на сценариото на споменатиот култен филм, стана еден од најценетите автори во светот. Не залудно Џон Милиус рекол: „Не ги почитувам многу денешните сценаристи. Но пред Пол Шредер длабоко се поклонувам“.
Сценаристот и режисер во последниве две декади имаше различен прием кај публиката и критичарите. Тој уште еднаш соработуваше со Скорсезе во „Разјарениот бик“ (1980), што само го зацврсти на претходно доделениот трон, а потоа и самиот реши да ги режира сопствените приказни, во многу наврати збогатени со автобиографски елементи. „Американскиот жиголо“ (1980), „Луѓе мачки“ (1982) и „Мишима“ (1985) се филмовите кои во минатата декада го потврдија квалитетот на Шредер и во неговата втора занаетска опсесија, режирањето. И покрај просечните остварувања што следеа (Светлината на денот, Пети Харст и Опуштеноста на странците), тој во 90-те се враќа со неговиот авторски бисер во кариерата, „Light sleeper“ (1993). Овој филм го прикажува Шредер во вистинско светло и на своја територија, односно, во светот на мрачните велеградски улици, по кој чекорат урбани осаменици што не можат да побегнат од својата судбина. Така „Таксист“ си доби и свој легитимен наследник. Меланхоличен, сензибилен, интелектуален, високо морален, провокативен и длабоко религиозен, тоа е авторот Пол Шредер.
По долгогодишната взаемна желба со Ник Нолти, Шредер минатата година се врати на филмското платно со адаптација на романот на Расел Бенкс од 1989 година насловен „Болка“ (во нашите видеотеки ова дело се појави на почетокот од оваа година со наслов „На работ на разумот“ на солден пират, за чудо!). Интересно е што Шредер прво мислел дека Нолти е веќе стар за улогата што требало да ја игра, но Ник го убедил дека денешниот мејк-ап прави чуда. Шминката е само дел од одличниот перформанс што Нолти го нуди во филмот. Тој го игра полицаецот Вејд во еден мал град во Њу Хемпшир, кадешто се случува едно чудно убиство кое од корен ги менува работите. Во навидум моралната идила во која сите се познаваат меѓу себе, трпеливо и на суптилен начин, преку секојдневните мали проблеми што ги мачат луѓето (Вејд во текот на целиот филм го боли забот), Шредер во двочасовната драма успева да изгради силни карактери чиј главен поглед кон животот, сепак, е песимизмот.
Вејд е уште еден лик од многуте студии за некоордираните американски херои што Шредер милува да ги разголи. Тој е ингениозно шармантен и веднаш го освојува гледачот, особено по ситуацијата кога ја остава незадоволната ќерка за да ја земе неговата поранешна жена, а тој оди да се провози со пријателите и да испуши некоја миризлива цигара.
Она што највеќе фасцинира во „Болка“ е храброста на режисерот да кнфронтира два актера од различни холивудски ери: веќе опишаниот Ник Нолти, и вечниот вестерн-алкохолик Џејмс Кобурн. Неговата специфична изведба на Глен, таткото на Вејд, создава нов архетип на насилен татко во филмот, за што заслужено доби Оскар за споредна улога оваа година од Академијата.
Интерсно е и тоа што „Болка“ на моменти многу наликува на „Фарго“ (1996)мна браќата Коен. Дејствието има блага нагорна линија, ентериерот е снежен и белилото удира в глава, но за разлика од многуте европски автори кои на ваква приказна би и’ дале некаков уметнички штим, приказната на Шредер е уверлива и животна, без манипулации. Сепак, и Шредер признава дека негов идол од кого многу научил е европскиот, поточно францускиот режисер Роберт Бресон.
Заклучок: ако ви се допаднал „Фарго“, ќе ви се допадне и „Болка“. Шредер веќе работи на нов филм со работен наслов „Forever mine“, а за стариот пријател Скорсезе го адаптираше романот „Bringin out the dead“. Во следниот период не’ очекуваат уште многу убави изненадувања од старите филмски волци!
@Текстот е објавен во „Утрински весник“ на 20 август 1999 година.