– Јас во оваа држава никогаш не сум бил млад.
– Го делам истото чувство.
– Веројатно и јас!
…резигнирано завршува еден дамнешен разговор со пријателите, кафе-муабет чија констатација, по гледањето на филмот “Џган”, претставува соодветна увертира за она што сценаристот и режисер Вардан Тозија сака да раскаже во своето прво долгометражно филмско остварување. “Маргинализираните луѓе се горлива маса, тие се стигматизирани и предмет на предрасуди. Разговаравме и со институции и, за жал, не дојдовме до решение каде е проблемот. Сметам дека има системски проблем, и не се тие ранливи туку ние ги направивме ранливи со нашиот однос. Токму затоа и премисата на филмот е дека насилството раѓа насилство”, изјави Тозија на конференцијата за новинарите, и неговата неколку години развивана приказна им ја подари на гледачите за истите сами да расудуваат и да донесат сопствени заклучоци.
На трагата на предупредувањето во култниот роман “Младина без Бог” на Еден фон Хорват од далечната 1937 година, кој зборува за опасностите од креирањето на сериско производство на малограѓанска нација, чин кој води кон дехуманизација и институционално злосторство, Тозија избира да проговори преку групата штитеници од Домот за деца без родители, чија единствена перспектива е да се биде и остане “пацов”. Фино балансирајќи меѓу можноста за излез од ситуацијата преку љубовта (Чавка – Дениз Абдула) и неможноста да се најде било каков крај по убиството на едно невино момче во наместената полициска fight-club игра со голи тупаници (Филип – Мартин Ѓоргоски), авторот на филмот токму низ дуализмот на нештата ни ги предочува сите општествени аномалии од кои сите ние сме дел во последниве пар транзициони декади. Насобраниот гнев мора некаде да излезе, да се појави, да експлодира, и токму затоа во една од завршните сцени Горан (Никола Ристановски), поранешен штитеник кој добро ја познава психологијата на овие деца, на директорот на институцијата (Горан Стојановски) му вели (парафразирам): Не можеш да ги уништиш сите… (макар) еден ќе остане… и ќе се врати по тебе… гнидо! За мене филмот се заокружи токму во овој момент, иако авторот понатаму ни понуди (можеби) очекувана разрешница.
При реализацијата на еден ваков специфичен филм, особено ако се работи за деби, работата добива на тежина доколку се знае дека поголемиот дел од младите актери се натуршчици (кастингот траел исцрпувачки девет месеци). Тозија умее да извлече емоција на лицето на главниот антихерој и честопати само со неа, без зборови, и ги решава поголемиот дел од сцените, што на моменти претставува мал недостаток, бидејќи многу подобро ги гради карактерите на другите ликови низ епизоди кои ја надополнуваат сликата, и со самото тоа и го збогатуваат филмското дејствие. Од друга страна, Тозија брилјира во протнувањето на скопскиот сленг на еден мек, речиси незабележителен начин до нашите уши, за разлика од македонските филмови од минатото, кога сличната постапка потоа се претвораше во паролаштво. За локациите и да не зборуваме, Скопје никогаш не изгледало поурбано на платното. Да споменеме и дека својот дел од работата одлично го завршиле и останатиот дел од филмската екипа, особено директорот на фотографија, мајсторот Влатко Самоиловски, и пред се шминката и маските на Горан Игњатовски, кои се прилично веродостојни и уверливи.
Уште би сакал да ја потенцирам и пристојната, но сугестивната кампања за филмот, која едно утро осамна на градските билборди само со еден и единствен збор, насловот на филмот, ЏГАН. Алузијата на многу нешта на која ќе ве натера овој израз во овие турбулентни времиња во кои живееме е безгранична, само дадете и’ шанса на фантазијата. И иако “изговорот” е дека толку пари се имало за таков вид на промоција, сепак, крајниот ефект кај луѓето постигнува повеќе од очекуваното, од можноста некој од нив со флаерите да им упати порака на бескрупулозните надредени алчни за пари, до ситуацијата во која граѓанинот се плаши за сопствениот живот од можноста да биде под присмотра доколку го добие флаерот во сопственото поштенско сандаче.
И на крајот, она што е најважно, младата генерација македонски филмаџии е полна со адреналин, со глад за раскажување на современи приказни кои занаетски знаат да ги артикуилираат на сребрениот екран. Следствено на тоа, дали веќе (можеме да) зборуваме за толку долго посакуваниот new wave во домашната кинематографија? Па, зошто да не!
(Текстот е објавен во книгата „Филмски град“)