На денешен ден пред триесет и осум години не’ напушти еден од најзначајните филмски режисери во минатиот век, Андреј Тарковски. Зад себе остави седум филмови, седум ремек-дела кои и ден-денес се задолжителна филмска лектира на многу универзитети ширум светот.
Тарковски не сними многу остварувања, но сите што ги сними се антологиски. Во таа насока е анегдотата која произлегла од средбата со рускиот писател Борис Пастернак. Малкумина знаат дека тој практикувал окултизам, и кога се сретнал со Тарковски, веднаш му рекол, или подобро, „му предвидел“, дека ќе сними седум филмови во животот. „Само седум?“, по малку разочарано рекол режисерот. „Да, но сите ќе бидат добри филмови“, го утешил „стариот пес“ Пастернак.
Полскиот режисер Кшиштоф Кишловски, пак, неизмерно го почитувал Андреј Тарковски. Во една прилика изјавил:
„Андреј Тарковски беше еден од најголемите режисери во последните децении од 20 век. Тој е мртов, како и многумина добри синеасти. Но, вистината е дека повеќето од нив се мртви затоа што престанаа да снимаат филмови. Тие попатно неповратно изгубија нешто за кое мечтаеја целиот свој живот. За жал, Тарковски почина порано од очекуваното поради сознанието дека нема да може да продолжи да живее и да го прави она што најмногу го сакаше – да снима филмови“.
Да се потсетиме на неговите ремек-дела: „Ивановото детство“ (1962), „Андреј Рубљов“ (1966), „Соларис“ (1972), „Огледало“ и „Сталкер“ (1979), „Носталгија“ (1983) и „Жртва“ (1986). Сите се гледани по неколку пати, па затоа, за време на претстојните празници решив повторно да ја препрочитам книгата според која Тарковски го сними своето, според многумина, епохално дело, и едно од најзначајните во филмската историја.
Русија во 15 век; генијалниот иконописец Рубљов трпеливо слика фрески. Него и неговиот другар Теофан ги вознемирува тагата поради маката што ја доживува народот и поради божјата рамнодушност кон човековата судбина. Со помош на предавничките велможи, Татарите палат и жарат низ земјата. Спасувајќи една девојка што Татарите сакаат да ја силуваат, Рубљов убива. За да се искупи за гревот, тој го напушта сликањето и почнува да лие огромно ѕвоно,чиј звук како да е сочинет од вресокот на стотици напатени души.
Филмот на Андреј Тарковски снимен според истоименото дело на Владимир Прибитков е релизиран во 1966 година за „Мосфилм“. Во 1969 година ја доби наградата „ФИПРЕСЦИ“ на филмскиот фестивал во Кан. Критичарите го воспеваа филмот: „Дело на гениј, достојно на еден Ејзенштајн“, „Ремек-дело што воодушевув со своето мајсторство“, „Рубљов во себе носи порака со универзална надеж“, „Филмот на Тарковски е химна за Русија“…
Филмот со успех се прикажувал на „ФЕСТ“ во Белград во 1973 година, каде ја добил наградата од публиката и критичарите. Истата година, во издание на „БИГЗ“, е објавена истоимената книга на Прибитков, во популарната едиција „ФЕСТ романи“. Ова не е класичен роман, туку документаристичка проза во која малку познатиот руски писател се осврнува на темниот среден век во неговата земја, верно опишувајќи ја политичко-општествената состојба после неколку години истражувања низ архивите. Насетувам дека претстојат возбудливи читателски празнични денови 😉