Седам на балконот и мрцкам од шопската салата која како мелем ми требаше после интензивно поминатото време на работа. По нестручното кастрење на дрворедот минатата есен од страна на „Паркови и зеленило“, погледот ми е директно насочен кон контејнерите на улицата. Еден млад момак на 35-40 годишна возраст дојде со моторчето со огромната „направи-сам“ приколка позади, која е двојно поголема од неговото превозно средство, го отвори контејнерот за пластика и од него почна да вади шишиња кои сограѓаните уредно ги селектирале и ги фрлиле на означеното место. Боцнувам домат и краставица наросени со увозно сиренце и ја следам ситуацијата. Момчето полни една голема кеса, пластичните шишиња ги претура во големата платнена приколка на неговиот мотоцикл паркиран среде улица, и се враќа по нова тура. Пред следното боцкање во чинијата пред мене, отворам ФБ на телефонот (модерни времиња, „сурфаш“ за време на ручек) и ми излегува рекламата за концертот на „Архангел“ и „Ареа“ во петок во Битола. Со денови не можам да ја избегнам оваа реклама. Јас, од „висока“ балконска позиција, го следам момчето и неговата борба со контејнерите, истовремено примајќи информација за концертот на „Архангел“ и „Ареа“ во Битола!? Какво време да се биде жив, и да се посведочат овие контрасти!
Сосема природно во главата ми се наметна прашањето: колку „Архангел“ е релевантен во моментов за да се присуствува на тој концерт, неколку денови најавуван преку механизмот „спонзорирано“ на социјалните мрежи? Но, што сум јас? Ангел од повисок ред за да судам за вакви работи? Има место за сите во овој полуден свет. Боцнувам нова тура шопска додека момакот долу продолжува да го празни контејнерот. И сеќавањата навираат.
1995 година (или 1996 беше? Старост!). Битола. Неколку другари се качуваме на воз и одиме на југот да ги гледаме „Архангел“. Тие се’ уште ја тераат приказната со „Двојката“ и концертираат кога и каде можат. Сите „смрдиме“ на „Архангел“. Им ги знаеме песните напамет. До збор. Балканот се’ уште е жежок котел кој се гледа преку нишан. Само „оазата на мирот“, додека се случува легалниот транзициски грабеж, овозможува каква-таква „културна“ живеачка. Но дождот е немилосрден, концертот во „Хераклеја“ се одложува, а возот во три и петнаесет по полноќ кон Скопје е редовен. Од денешна перспектива, кој би рекол!? Воз, па и редовен!?!
Речиси триесет години подоцна, во истата таа Битола ограбена од градоначалниците и силувана од разни култур-трегери, на ракометното игралиште е најавен концертот на „Архангел“ и „Ареа“ во рамките на манифестацијата „Битола отворен град“. Ги читам коментарите под настанот кој оди како „спонзорирано“ и гледам гнев кон фронтменот на бендот. Вообичаена ситуација: „се продал“, „го дал газот под кирија“ итн. Слика и прилика на нашето општество. Но го нема главното прашање: Колку песните на бендот се релевантни за времето во кое живееме? И ве молам само немојте да гњавите со коментари од типот „Нато-Мато“ и слично. Обично тие што се „возат“ на оваа приказна ништо не направиле за сопствената држава. Едноставно, не Ви доликува. Некои веројатно би прашале и: „Па кој бенд, човеку? Тоа не е „Архангел“, тоа е еден човек, а тој не е „Архангел“. И што да им се одговори? Дека не се во право? Дека работата е „take the money and run“? И дека и волкот е сит, и овците се на број!? Момчето ја истура и втората полна вреќа со пластични шишиња во импровизираната мото-приколка.
„Те сакам на македонски“ гласи слоганот на настанот. Организаторите ветуваат добра забава за сите генерации. „Архангел“ е најавен како „култен бенд предводен од легендарниот Ристо Вртев“. Понатаму, текстот вели дека на концертот ќе настапи македонскиот рок бенд со најмногу хитови „Ареа“, како и „битолскиот продуцент и DJ ILE THE HAIR“, во една авторска и урбана вечер на македонската музика“. Најпрво, „Архангел“ во полна постава уште кон крајот на 90-те ни ја „продадоа“ приказната дека „македонски подобро звучи“. Кога музите те напуштиле одамна и немаш што ново да додадеш, тогаш одиш на проверена идеја стара две ипол децении. Доколку во тој славен период, кога си на врвот, организаторот ти понудел како „предгрупа“ да ти свири бенд која пред тоа победи на ценетиот „Поп-Рок фест“, во многу силна конкуренција, како единствена поп-група во „Хард-рок“, секако дека со резигнација би одбил. Но времињата се менуваат. Урбано е кога ти е топло. На газето.
Шопската салата е при крај, момакот веќе е навален до половина во контејнерот и ги извлекува последните пластични шишиња за да може да заработи некој денар плус на отпад, а рекламата никако да се изгуби од екранот, повторно поставувајќи го клучното прашање: „Колку се релевантни песните на „Архангел“ три и кусур децении од нивното создавање?“ Моќта на пророчките стихови како во меѓувреме да спласна, затоа што самата реалност стана многу повеќе „монтипајтоновска“ од самите предвидувања во песните. Поврзаноста со „Русија“ низ гротлото инспиративни ликови, по актулената војна, како да ја загуби поентата. Интимните „странствувања“ во темите, со појавата на социјалните мрежи, како да се смешка излезена од филмовите на Чарли Чаплин. Дали и понатаму треба да се биде на сцената, или како Џони Штулиќ, да се остане „вечното мало надркано дете“ што мрчи по се’ и сешто до крајност? Има ли пилот во авионот?
Неодамна во македонската филхармонија се одржа концерт и на проектот „Мизар“. Да, некогашните бендови денес се нарекуваат „проекти“. Неколкумина пријатели на кои им верувам поради нивната долга концертна километража, јасно и гласно кажаа дека не се задоволни од она што го виделе и чуле. „Добро, велам, еден куп бендови на светската музичка сцена , и после толку години, концертираат и се веселат, нема ништо лошо во тоа“. „Да, но знаеш, овде е поинаку, овде се’ се знае“. Аха, си велам, значи патиме од тој провинциски комплекс на малечкост, на на-ти-го-дај-ми-го, на „дворски игри“. ОК, ништо ново.
Но можеби, покрај клучното прашање, ете случајно, стигнавме и до клучниот збор: „Ново“!? Што има ново да понуди култниот бенд? Од друга страна, пак, во средина каде нема ни „м“ од музичка индустрија, и по три-ипол-децениско творештво се’ што ти останува е да се фатиш за сламка која, и покрај финансиската поддршка, ќе наплатиш билет од десет евра, „само за да ти биде топло на газето“. Жално и за контекстот во кој живееме и за уметникот чии потенцијали се залудно потрошени… освен кога не се. Осамен на врвот, не ти преостанува ништо друго освен да го распродадеш она што со години си го градел, се’ додека можеш.
Момакот конечно го испразнува контејнерот, се качува на моторциклот со импровизирана приколка, и го прави последниот престап – врти неочекувано налево, пресекувајќи полна линија, притоа добивајќи неколку опомени од возилата чии возачи легнуваат на сирените, но тој сега е на вистинската патека, и вози кон отпадот каде за пластичните шишиња ќе добие соодветна дневница. Ја носам празната чинија во садоперот, конечно го гасам екранот на мобилниот телефон и ги средувам мислите во главата. Сфаќам дека навистина не ми е пријатно што ја земам оваа улога на набљудувач, observer, но некој мора и тоа да го прави. Во фолдерите на компјутерот го наоѓам последниот, снимен, но необјавен албум на човекот-бенд кој го добив „под рака“, и легнувам малку да дремнам. Сепак е попладне, а велат дека попладневната дремка е добра за здравјето. Со ваква музика, којзнае!? И онака ова е разговор без смисла.