Минатиот месец во Струмица беше отворена новата Градска галерија, во која на симболичен начин беше одбележан големиот јубилеј „100 години струмичка ликовна уметност“ со изложба на дела на автори од локалната уметничка сцена. Еден месец пред тоа, здружението за култура „Транзен“ ја издаде истоимената монографија во која прави пресек на творештвото на најзначајните претставници од овој град во изминатите десет декади. Сето ова е дел од годинашната програма на манифестацијата „Струмица, град на културата 2021“, која и покрај пандемиските услови, изнедри квалитетни случувања.
Вчера, сосема ненајавено, ја добив на подарок токму споменатата монографија, со посвета од драгиот Никола Пијанманов, чии последни зборови ми се чинеа сосема соодветни за наслов на овој текст. Афоризмот „Уметноста е вечна, a животот краток“ на Хипократ е суптилен сублимат на многу нешта, на чија филозофска длабочина подоцнасе надоврза Фјодор М. Достоевски со својата констатација дека „убавината ќе го спаси светот“.
Внимателно обмислена, прекрасно дизајнирана и темелно разработена, оваа монографија е пресек на сите возбудливи нешта на струмичката ликовна сцена, тргнувајќи еден век претходно, па се’ до ден денешен. Воведниот текст на уредникот Пијанманов, насловен „100 години творечка самотија“, започнува на следниот начин:
„Пред да си го поставам прашањето, дали во еден град, едно место, простор ограничен, може во континуитет да функционира ликовната уметност без прекини и отсечки, морав да си го поставам прашањето: зошто се твори, зошто се прават слики, скулптури, цртежи, графики, се реализираат изложби…“
Заклучувајќи дека можеби и не вреди со оглед на тоа дека нема да се случат големи општествени придвижувања, сепак, Пијанманов поентира дека „вреди нешто друго: во тој процес самите уметници се промениле додека ги твореле своите дела… самите уметници станале големи луѓе, темели на кои ќе се изгради невидливата зграда на цивилизацијата!“.
Историчарот на уметност Марјан Минов, пак, во сеопфатниот текст со наслов „Столетие уметност“ ни ги дава сите неопходни информации за поблиско запознавање со случувањата на струмичката ликовна сцена од почетокот на 20 век па се’ до актуелната 2021 година. Сепак, влезот во лепезата од квалитетни автори започнува еден век порано со претставување на Григориј Пецанов и неговата работа како фрескоживописец на околните манастири во текот на 19 век, заокружувајќи ја својата богата оставштина со иконописот во Струмичката катедрала „Свети Кирил и Методиј“, во соработка со Гаврил Атанасов и Димитар Папрадишки.
Приказната продолжува со авторот на еден од најубавите портрети во монографијата, оној на старецот од 1938 година на, Атанас Мучев, сликите на кои доминира убавината на неизбежниот манастир Вељуса и неговата околина на Стојан Пачов, прекрасните „ластовички“ и „корења“ на Георги Божинов – Фаника, скулптурите во јавен простор на Ристо Станковски, „бескрајните визии“ на младиот Ѓорѓи Динев…
Секој ликовен автор во монографијата е претставен со соодветен биографски текст, со што се гледа професионалниот пристап на авторите на ова значајно издание, во кое може да прочитаме и за засебните уметнички делувања во рамките на една група, како она на „Пресек“ формирана во 2016 година. Во нејзини рамки делуваат Ване Костуранов, Никола Пијанманов, Марјан Ѕингаров и Љупка Галазка Василев, кои со својот манифест ги доловуваат своите погледи на светот, и секако и пред се’, низ својата уметност.
Фасцинацијата од „куќите“ на Ване Костуранов се’ уште е присутна во моето секојдневие благодарение на сликите кои ме милуваат во домашниот дневен престој, додека за опчинетоста од сликите на Никола Пијанманов сум пишувал секогаш кога сум бил во можност да присуствувам на некоја негова изложба.
Кога ќе ги сублимирам нештата, токму струмичката ликовна сцена е најактивна во годините наназад, и единствена покажа ум и начин на делување во овие не баш среќни времиња за уметноста кај нас. Со оваа монографија тие ја крунисуваат својата работа и видливост на кревкиот македонски уметнички простор, на кој му треба свежина, нова енергија и реобмислување. Струмичките уметници се на добар пат да го сторат токму тоа. Процесот е во тек, бидете актиевн дел од него.