Репортажа: PIN MUSIC 2021

Скопје деновиве живее интензивно на музички план. Во организација на „Пасворд продукција“, почнувајќи од 2012 година, PIN MUSIC Conference and Showcase прерасна во важен регионален музички настан на кој луѓето од музичката фела разменуваат искуства за одење чекор напред, но сепак најважното е она што истите тие, а и публиката, во вечерните термини можат да го видат во живо на сцената, каде со години наназад настапуваат интересни музички имиња од европските сцени, зачинети со актуелните бендови од домашната, македонска музичка сцена. Судејќи според првата вечер на 26 ноември, и оваа година не е исклучок, бидејќи на четирите стејџа во МКЦ можевме да проследиме еден куп возбудлива музика. Одиме по ред.

Иако закажан како тридневен настан, сепак првата фестивалска вечер беше откажана поради деновите на жалост во нашата држава, па настапите на Antonie и на Драган и Ратко Даутовски во четврточниот термин, за жал, беа откажани.  

Петокот беше идеален ден за добра музика. Слободниот влез сепак требаше да се завери со земање на гратис билет, па по покажувањето на вакциналниот картон да влезеш во рајот на МКЦ. Вечерта ја стартував во салата на киното „Фросина“ со настапот на нашата „Зарина Првасевда“. Како и нејзиното име, таа од прва не’ фрли во „севда(х)“ придружувана од неколку одлични музичари, за загревање во оваа ноемвриска вечер, во која сепак барав нешто друго, музички поинакво. Но, барем сфатив каков тип на музика можам да очекувам на овој стејџ.

Во последно време многу се зборува за „Луфтханза“. Нашите момци ставиле име на познат бренд, кој од се’ срце посакувам финансиски да ја пoддржи нивната музика 🙂 Тројцата гитаристи, ритам секцијата и вокалот се интересни појави кои имаат голем број на фанови во публиката, кои врескаат уште при препознавањето на на првите ноти, а потоа и пеејќи ги нивните теми. „Играј, олабави се!“ ни порачуваат во воведот на свирката, и навестуваат на каков бран „се возат“. Во одела и вратоврски, тие наликуваат на модерните брит бендови од последниве пар декади, а и музички не се далеку од нив. Само напред!

Во истиот термин во МКЦ Клуб ресторанот настапуваат Баскијците VULK. Тркнувам да ги ѕирнам, и наидувам на настап кој измамува воодушевување кај присутните. Како и борбата во нивната покраина за независност, и нивниот звук изобилува со цврсти гитарски основи комбинирани со енергичен настап на фронтменот. Сепак, од „патриотски причини“ се враќам да ги догледам Луфтханза во „Денсинг“ салата 🙂

Во меѓувреме во „Фросина“ започнал настапот на Романците Balkan Taksim. За разлика од Зарина и пријателите, кои етно музиката ја практикуваа на класичен начин, во случајов се работи за фјужн на трип-хоп и електроника како база управувана од ди-џејот, на која со инструмент и вокал се надоврзува Саша Ливиу Стојановичи. Музиката мами за ѕенѕање, но овде сепак мораме да седиме во удобните фотелји.

Затоа се одлучувам да ѕирнам во „Денсинг“ салата, каде настапуваат Gipsy Groove. Е овде можеш малку и да се протресеш, бидејќи нивната музика е базирана на ска, реге и добар грув, а и вокалистот беше добро расположен и имаше одлична комуникација со публиката при обидот да ја анимира.

Истовремено долу во ресторанот, сам, на акустична гитара, настапуваше симпатичниот Чех Thom Artway. Добитникот на чешкиот пандан на Греми наградата во 2018 година си поигра со класичната фолк-поп форма и не’ опушти пред она што следеше, жестокиот настап на ѕвездите на вечерта, „Репетитор“.

Но, пред тоа задолжително мораше да се провери настапот на Дина Јашари и другарите. Попатно застанувам крај скалите кои водат до ве-цето во МКЦ, каде баш долу се случуваше најнеобичната свирка оваа вечер. Полјаците cinemon решиле својата музика на публиката да и’ ја претстават токму од оваа платформа, и тоа беше навистина возбудливо, особено за оние на кои им се вршеше нужда, а не можеа да го сторат тоа и мораа да почекаат додека бендот не заврши 🙂 🙂 🙂

Дина Јашари веќе ја започнала својата приказна во „Фросина“. Младата музичарка во подем и вечерва го покажа својот несомнен талент создавајќи сензитивна музичка слика со прекрасна интерпретација на нејзините авторски теми. Се’ ми се чини дека Дина ја чека блескава музичка иднина, бидејќи добро знае што прави и што сака. Во тоа се уверив и летово по настапот на плажата „Оревче“ 😉

И конечно, врвот на првата ПИН музичка вечер, настапот на Белграѓаните „Репетитор“, дефинитивно највозбудливото нешто од новиот бран српски и балкански рок појави. Класичното трио сочинето од гитара, бас и тапани ја „урна“ сцената во МКЦ, на задоволство на присутните кои ја исполнија „Денсинг“ салата во најголем број таа вечер. Борис Властелица е вистинска ѕвезда, енергична, сјајна, која одлично комуницира со публиката, а не се срами да се поткачи и малку погоре на конструкцијата на бината и оттаму да не’ растури со суперсонични гитарски гараж звуци.

Ништо помалку енергични не се и двете девојки Милена и Ана-марија, кои барабар со него ги пеат песните на бендот, составени од кратки текстови, кои совршено функцинираат како сублиминални пароли затскриени со сеприсутниот звук. „Ние сме роба со грешка“, „Јас немам многу пријатели и не ми треба никој“ се хитовите на новото време, во кое младиот човек е максимално отуѓен. Впрочем, како и во последните пар декади (ако не и повеќе).

Базирајќи се претежно на темите од последниот албум „ Prazan prostor među nama koji može i da ne postoji “, кој лани од многу релевантни фактори беше прогласен за „Албум на годината 2020“ во регионот, „Репетитор“ со својот настап ме убедија да се симнам долу во холот и да им ја купам плочата, која ќе и’ прави друштво на „Gde ćeš“, нивниот албум од 2016 година, кој го утепувам  од вртење кога сакам да ослободам малку енергија од себе.

Иако имаше уште две имиња за настап, на мене веќе ми беше сосема доволно, бидејќи „Репетитор“ го достигнаа врвот на задоволството, после кој ми треба фино закрепнување. До следниот фестивалски рапорт 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *