Avadarxi Quartet во МКЦ

Значи, дечкиве работат и не се зафркаваат!!! По одличната трио сесија на „Светлост“ во „Шортбас“ пред десетина дена за која пишував на линкот https://herojnaedenden.mk/iskra-svetlost-vo-mracnite-lavirinti/#more-2897, синоќа во Галеријата при МКЦ се случи еден прекрасен интимен концерт на „Авадарши квартет“ (ако добро го транскрибирам името на оваа „чудно именувана“ формација). Сепак, работата не е во името, туку во нивното претставување пред малубројната, но избрана публика која одвои време да го посети настанот на кој квартетот го промовираше својот албум насловен „(Waiting at the) Turnstiles“.

Изборот на просторот, Галеријата од десната страна од влезот на МКЦ, која е се’, само не акустична за ваков вид на свирка, претставуваше голем прашалник како сето тоа ќе звучи, но по концертот, констатацијата дека доколку си одличен музичар и знаеш што сакаш со својот звук, па истиот можеш да го пласираш на волшебен начин во било кој простор, испадна сосема издржана. Едноставно, момците ни презентираа музика за филм на Вим Вендерс кој отсекогаш сакал да го сними, но не успеал во замислата. Барем на мене сето тоа ми звучеше така, благодарение на нежниот звук на кларинетот на Спировски, кој на моменти наликуваше на најдобрите денови на Таксидомун, хармониката на Јордан Костов која повремено е тивка, а во останатиот дел прилично сугестивна, сето тоа поддржано од воиграноста на контрабасот на Омерагиќ и тапаните на Грујо, кои постојано се бркаат со звукот на другите инструменти, па на моменти ќе се најдат и сето тоа ќе добие прекрасна хармонија, за потоа повторно да замине секој во својата зацртана насока, до некоја следна звучна средба.

Според најавата за настанот, албумот „(Waiting at the) Turnstiles“ претставува запис на еден спонтан композиторско-импровизаторски процес, кој звучно се наоѓа на тромеѓето на креативниот џез, современата класична музика и амбиенталната бучава. Снимката е направена на 11 јануари 2019, во салата „Фросина“ од страна на Ален Хаџи-Стефанов, кој успешно ги доловува сите тонски суптилности како на инструментите така и на собата кадешто се снимени, со што овој албум покрај музичкото, нуди и едно поинакво звучно-акустично искуство. Сето тоа синоќа беше на одличен начин пренесено и во живо пред вкупно 33 посетители, пророчка бројка која во религиски контекст ги означува годините на Исус кога е распнат на крстот, а во музички, се надевам, 33 сведоци на раѓањето на една музичка група која во годините што претстојат ќе има уште многу што да каже на музичката сцена кај нас и во регионот.

Avadarxi Quartet е група формирана во 2019 година, како своевидно продолжение на истоимениот ансамбл. За разлика од Avadarxi Ensemble, кој беше посветен на изведување композиции од авторскиот опус на Јордан Костов, музиката на квартетот се состои во најголем дел од слободно импровизирана атематска или монотематска музика. Составена е од искусни музичари, кои зад себе имаат преку 30 албумски изданија со артисти како Fighting Windmills, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Molokai, Баклава, Ensemble Moderne, Avadarxi Ensemble, Andreas Günther, Peter van de Loht, Roman Stoylar…

Avadarxi Quartet се: Нинослав Спировски (кларинет/сопран и тенор саксофон), Јордан Костов (хармоника), Дамјан Грујо (тапани / удиралки) и Дени Омерагиќ (контрабас/електроника). Секако, учеството на Спировски и Омерагиќ во уште една музичка инкарнација на потентната џез сцена кај нас е за поздравување, со што овие момци на најдобар можен начин го покажуваат трудот кој го вложиле во своето музичко усовршување во изминатите години, труд кој конечно излегува на виделина и на суд пред публиката.

Овој настан помина медиумски скромно, и интересно, билетот чинеше само 100 денари. Јас би го ставил да чини многу повеќе, бидејќи ваков тип на свирки фалат на повеќе различни сцени низ градот, затоа што само на тој начин ќе имаме шаренило од можности од кои на крајот ќе изнедри квалитетот. За сите оние што не беа, а сакаат да го преслушаат ова прекрасно остварување на Avadarxi quartet, aлбумот од неодамна е достапен за преслушување и купување преку Bandcamp платформата на King Gong, на следниот линк:

https://kinggong.bandcamp.com/album/waiting-at-the-turnstiles?fbclid=IwAR0m5G2FxGuo5ek1NZ4mMTrUXgBeVzoOSRhszolHwuqsw_h4uJyNAGpsugU

Фрлете некоја „лова“, не бидете циции, и уживајте 😉

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *