Можноста на еден роман

Во првиот дел од „Шрапнел“, двата гласа разменуваат ракописи на кои работат во моментот, но нивната финализација е крајно неизвесна. Еве еден од нив како романескен потенцијал со интересна идеја, која можеби еден од ликовите ќе ја реализира во иднина. Засега текстот се чува во фиока. 

Маската на непознатата девојка, работен наслвов
(краток синопсис, мои забелешки)

Скопје, почеток на  јули 1963 година.

По неколку не толку уверливи описи на општествено-социјалниот контекст во кој се наоѓа главниот град на Социјалистичка Република Македонија (токму во 1963 година го добива ова име, дотогаш е Народна Република Македонија), заклучокот на Ангел е дека Скопје во шеесеттите не е ниту касаба ниту европски град со сите нишани.

Навлегувајќи во приватниот живот на неколку знаменити личности од скопските сокаци, пријателот се обидува да ѝ постави добри основи на сторијата која следува и која можеби ќе им ги промени животите на скопјани. Низ неколку ефектни ситуации од ноќниот живот на маалските кибицери, тој за момент успева да го долови духот на градот пред земјотресот.

И тогаш се случува мистериозниот настан. Од реката Вардар испливува нејзиното безживотно тело кај Камениот мост. Откако го извлекуваат на кејот и констатираат смрт, никој не изјавува дека ја препознава девојката, која е, чија е, од каде е, што ѝ се случило.

Поплавата од претходната, 1962 година, е далеку зад мештаните, иако меѓу наивните провејува претпоставката дека ова тело било заглавено некаде помеѓу и дури сега испливува на површината од реката, што, секако, претставуваше лудост.

Откако поминуваат сите легални процедури на вештачење на Судска медицина, телото го изложуваат во стаклен сандак за да може граѓаните да го посетат и да го видат, секако, со цел да го препознаат и да ѝ дадат на полицијата каква било информација со која би можеле да почнат од некаде во потрагата по идентитетот на непознатата жена.

А нејзината убавина, иако станува збор само за безживотно тело, морам да признаам, е мајсторски опишана од Ангел, и тоа можеби е најубавиот дел од неговата работна верзија на романот, а претпоставките околу нејзиното потекло се суптилни и ја заскокоткуваат фантазијата на читателот.

Интересно, писателот во следното поглавје оди и дотаму што ја прикажува девојката како личност на чија убавина дури и ѝ прилега да биде безживотна, бидејќи од ден на ден, во таа седмица додека нејзиното тело е изложено на увид пред скопјаните, таа, наместо да пропаѓа, станува сè поубава, како лик од славните слики на Вермер.

И одеднаш, таа станува инспирација за сите уметнички души: поетите почнуваат да пишуваат прекрасни песни за неа, сликарите најавуваат големи изложби со нејзиниот лик, а градските власти, иако сето ова им оди на нерви поради одолжувањето, сепак, имаат разбирање за ситуацијата и се однесуваат како циркусанти.

 

05.17 часот, 26 јули.

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала речиси го срамнува Скопје.

Загинале 1.070 лица, од кои 120 биле деца, повеќе од 4.000 биле повредени, а околу 200.000 жители останале без покрив над главата. Изградените објекти по земјотресот сè уште сведочат за катастрофата, како и за дотогаш невидената солидарност во светски рамки и помошта што пристигнала од повеќе од 87 земји, влади, хуманитарни организации и граѓани.

Скопје е на насловните страници на сите светски медиуми. Зградата во која е изложено телото на непознатата жена е срамнета до земја. Со тоа, засекогаш останува нерешена мистеријата околу нејзиниот идентитет. Но, по некое време, откако ритамот на градот почнува да се нормализира, во свеста на луѓето тивко почнува да се враќа сеќавањето на ликот на полунасмевнатата мртва девојка во предвечерјето на катастрофалниот земјотрес, и приказната, освежена и ревитализирана, на голема врата се враќа меѓу скопјани.

Некои велат дека таа била Божји пратеник, односно предвесник на природната катастрофа, но пораката не сме ја сфатиле сериозно; други ја колнат нејзината кобна убавина; трети со потсмев гледаат кон првите и вторите; а на уметничките души музата повторно им влегува во фокус, и тие во транс продолжуваат да творат, сместувајќи ја нејзината судбина во (пост)земјотресен контекст.

 

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *