Бергман на „КинеНова“ 2018

Покрај изборот на филмовите во официјалната селекција, особена чест и задоволство ми беше кураторски да ги изберам филмовите од големиот Ингмар Бергман во рамките на „КинеНова“, со кои фестивалот се приклучи кон прославата „100 години од раѓањео на великанот“, која во 2018 се прославува насекаде низ светот. Голема благодарност до шведската амбасада која го поддржа овој проект и која се заблагодари што сосема поинаку пристапивме кон огромното филмско наследство кое магот го остави зад себе. Следи официјалниот текст во каталогот за „Бергман на КинеНова“ 😉

„Секогаш кога станува збор за носителите на филмската уметност во минатиот, 20 век, на самиот врв постојано фигурират неколку имиња од различни кинематографии, а меѓу нив, секако, се наоѓа и шведскиот филмаџија Ингмар Бергман, од чие наследство и ден-денес учат новите, сериозни режисери. Во годината во која се слави 100-годишнината од неговото раѓање, и „Киненова“ е дел од светското семејство кое низ специјални програми го одбележува овој важен јубилеј, во соработка со Шведската амбасада во РМ и Шведскиот филмски институт. Долго размислувавме на кој начин да ја оформиме програмата во рамките на нашиот фестивал, и со оглед на тоа што низ годините наназад голем дел од творештвото беше прикажан на големото платно низ разни кинотечни програми кај нас, а се потсетивме и на телевизиските проекции на неговите филмови низ претходните децениите за пополнување на филмофилските дупки, се решивме да направиме селекција која е во духот на концептот на фестивалот. Имено, малку е познато дека Бергман својата кариера ја започнал како сценарист на два филма, но ние сакавме програмата да ја започнеме со неговите два дебитантски филма како комплетен автор, и сценарист и режисер, и така природно изборот  падна на филмовите „Криза“ и „Кризата во нашата љубов“, и двата од 1946, како директна одредница на она што шведскиот автор отсекогаш го интересирало во филмската уметност: прикажување на кризата/конфликтот погледнат од различни аспекти. Со тоа на гледачите им овозможуваме да ѕирнат во тајните на раниот Бергман, кога можеби совршенството кое го достигна подоцна овде може само да се насети, преку талентот кој истекува од секој мизансцен.

https://www.youtube.com/watch?v=O8ptUt-VdAw

Критериумот за избор на следните два филма, пак, беа неговите први интернационални успеси. Иако неговите филмови на големите „А“ европски фестивали се присутни уште од крајот на 40-те години на минатиот век, сепак, првите признанија стигнаа во втората половина од шестата декада. „Насмевки во летната ноќ“ е филмот кој го скрши мразот на Канскиот филмски фестивал во 1956 година, за две години подоцна да биде освоен и најстариот филмски фестивал во светот, венециската Мостра, со прекрасниот „Магионичарот“ (1958), во кој блеснува Макс фон Сидов.

https://www.youtube.com/watch?v=DvoyKiCL1fU

Четирите селектирани филмови од богатата ризница на Ингмар Бергман се наслови кои се внимателно кураторски одбрани и за кои сме сигурни дека досега не сте имале можност да ги гледате на сребрениот екран кај нас, и поради таа ексклузива се надеваме дека со внимание ќе го проследите специјалното одбележување на годинашниот јубилеј, 100 години од раѓањето на шведскиот филмски волшебник. Ве очекуваме“.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *