Кон „Подобри денови“ на Квок Ченг Цанг

На листата со пет финалисти за Оскарот во категоријата „Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје“ фигурира и последното остварување „Подобри денови“ на хонконшкиот режисер Квок Ченг Цанг, кој на најдобар можен начин, заедно со шесте номинации на „Минари“, ја брани потентната азиска кинематографија. И, да бидам искрен, ова е мојот годинашен фаворит.

Филмот на Цанг започнува со телоп на кој отворено ја потенцира темата со која ќе се занимава во следните два часа – насилничкото однесување, малтретирањето и психолошкото злоставување, терминолошки попознато како „Bully(ing)“. Режисерот изразува надеж дека неговиот филм барем малку ќе придонесе за зголемување на свеста за овој глобален проблем. Интересно, и на крајот од филмот, за време на одјавната шпица, главниот актер во Џексон Јее, кој е многу популарна и влијателна ѕверка меѓу младите Азијати, упатува порака до сите, со заеднички сили, да работиме на тоа да му се стави крај на насилството, со што филмот добива уште повеќе на тежина, миксајќи го фикциското и документарното како две расположливи категории за постигнување на целта. Така, по  проекцијата не само што се постигнува посакуваниот ефект, туку Академијата со задоволство ја препозна пораката и го стави во најтесниот круг за почитуваната филмска награда.

Насловот „Подобри денови“ е совршено избран. Дејствието во кое главната хероина е под постојан притисок и во кој таа се надева дека тие „подобро денови“ ќе дојдат веќе од утре, психолошки само и’ дава една длабинска вертикала на целата приказна, која не ве остава емоционално смирени ниту за момент. Прикажувајќи го дисциплинираното кинеско школство во кое е битен секој детаљ за обезбедување на упис на колеџ, и со самото тоа, подобро место во општествената хиерархија во иднина, Ценг го разголува низ шеесетте дена кои одбројуваат и за време на кои се случуваат неверојатни работи.

Се’ започнува од самоубиството на една средношколка во рамките на училиштето, по што истото добива решетки, но со тоа не го решава проблемот – психолошкиот терор кој учениците го вршат едни врз други. Но, освен фокусирањето на главниот проблем, ова остварување располага со широка палета на разработени причини зошто е сето тоа така. Режисерот Ценг и екипата сценаристи внимателно ги отвораат темите како општествена дисхармонија во која родителите се разделени од децата и не ги гледаат и не разговараат со нив подолго време, служејќи и’ на државата, која агресивно и низ пароли потсетува што треба да се прави, како и класните разлики меѓу учениците како фактор за нетрпеливост меѓу нив. А младите, доколку им се дозволи, знаат да се изгубат во сиот тој хаос од сублиминални пораки и да станат вистински бескомпромисни гадови.

Во најдобрата традиција на американското филмско милје, Ценг се одлучува во неговиот филм главната хероина да побара заштита во непознатиот маргиналец, т.н. outlaw, отпадникот од општеството, кој живее на работ од законот. Иако таа има опција истото да го стори соработувајќи со полицијата, каде најмладиот поручник најверојатно поради слични искуства и’ нуди вистинска заштита, таа сепак се одлучува за Другиот, непознатиот, оној кој во моментот е на другата страна од огледалото, но доколку се покаже барем трошка нежност, нивните два света веднаш ќе се изедначат. Љубовта како двигател е моќно оружје во животот, а филмската уметност знае тоа да го „искористи“ до крајни граници.

Нудејќи постојан емоционален вртлог низ кој се движите заедно со симпатичните филмски протагонисти, филмот на Цанг „лизга“ беспрекорно, и не чувствувате кога толку бргу поминале два и кусур часа. Последните четириесетина минути се вистинска филмска лектира како паралелното дејствие на величествен начин треба да се реализира за сите работи да изгледаат природно и веродостојно. Овој филмски „паралел-слалом“ е збогатен со квалитетна кинематографија која уверливо го претставува Велеградот во кој речиси постојано врне, музиката е тука за да ги засили чувствата, додека прецизните дијалози на ниво на порака само го заокружуваат силниот впечаток. „Она што не те учат на училиште е како да пораснеш“, констатира младата Чен Ниан, маестрално одиграна од Донгју Жу, која пред крајот од филмот ja прашува полициската инспекторка: „Ако светот функционира на овој начин, дали посакуваш да донесеш нов живот во него?“

„Подобри денови“ е прекрасно остварување, кое на Дерек Цанг му носи интернационална препознатливост и како режисер, по неговите безбројни наградувани актерски остварувања. Се надевам ќе му се посреќи со Оскарот.  

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *