На 04 февруари 1930 година во Подгорица, Црна Гора, е роден Борислав Пекиќ, романсиер, драмски писател, филмски сценарист, академик, еден од најзначајните автори во регионот. Од 1945 до 1971 година, кога емигрирал во Лондон, тој живеел во Белград. Зад себе остави богата библиографија исполнета со антологиски дела, меѓу кои се вбројуваат „Беснило“, „Како да се упокои вампир“, „Атлантида“, „Одбраната и последните денови“, „Годините кои ги изедоа скакулците“…
Во случајов, претставуваме еден текст од врвниот интелектуалец кој се однесува на реформите во образованието, кој датира од далечната 1955 година, но очигледно, актуелен е во денешно време.
„Реформата на училишната настава е потребна не само во техничка смисла и во општиот систем на образованието, туку особено во поглед на материјалот. Современиот систем на оценување без селекција фаворизира само просечност. Интелигенцијата е занемарена во корист на трпението. Се фалат и наградуваат особините на робовите. Училиштето станува огромен терен на обука за послушност. Знаењето стекнато во него е совршено бескорисно, не толку по својот вид, колку по неговата некохерентност и отсуство на целина.
Мозокот на матурантот наликува на комисиона продавница во која духовните великани од минатото, спаднати на питачки стап, ги оставаат на продажба вредните работи од својот приватен живот. Сведена на бројки или, уште полошо, посветена на себе, а не на иднината, историјата го остава истиот болен впечаток како при читањето на дневникот на некој мрзливец.
Средношколците учат историја, тоа е вистина – но тие воопшто не учат од историјата. Затоа таа е сосема бескорисна во формата во која е напишана. Историјата, сепак, не е знаење за минатото, туку пред се’ пролегоменa на иднината и применетата етика. Според тоа, историјата мора да биде само помошна дисциплина на „ПОЛИТИКАТА“ (во старогрчка смисла) и „СЛИКОВНИЦА НА ЕТИКАТА“.
Што се однесува до мајчиниот јазик, ни најмалку интелигентниот човек не се сомнева дека неговото школување го занемарува она што е суштинско: неговата практична употреба. Мајчинот јазик, освен една кратка и важни граматичка пролегомена, би требало да биде комбинација од современо ораторство, што значи СЕМАНТИКА, потоа, вежби по ЛОГИКА, ДИЈАЛЕКТИКА (во позитивна смисла) и ОБРАЗОВАНИЕ ЗА УМЕТНИЧКИОТ ВКУС.
Меѓутоа, се прашувам, со каков современ и општ вкус може да го воспитуваат човекот од 20 век одредени писатели како Јанко Веселиновиќ, Богобој Атаначковиќ, Јоаким Вујиќ, одредени хагиографии или житија?
Литературата воопшто би требало да биде изземена од мајчиниот јазик, пред сè заради отстранување на штетниот патриотизам, а потоа да едуцира – како дел од севкупната уметност на човештвото – едно УМЕТНИЧКО ЧУСТВО, а не библиографска енциклопедичност. Во сите училишни учебници по српски јазик што ги рецензирав, светската литература има курзивно место, место на најопшт вовед во националниот фолклор. Така, еден Балзак се појавува само како лакеј кој му го отвора патот на Јаков Игњатовиќ! Неопходно е да се земе најдоброто, а не нашето.
Неопходно е еднаш засекогаш – а тоа важи и за препотентните комунистички интернационалисти, кои го јавнаа Шарецот, да го објават југословенското Risorgimento и времето на Европското собрание во Стразбур – потребно е еднаш засекогаш да разбереме дека ние сме дел, а не целина, дека не постои никаква национална иднина, туку само национално минато – кое може да се почитува, но нека биде еднаш веќе мртво – и дека, конечно, постои само една Уметност, а не Његош од едната и Милтон од другата страна на светот. Најпосле, дека разликата меѓу Бетовен и Роден, меѓу Кафка и Рубенс, истата таа разлика меѓу чевларот и кројачот, не е толку голема за да се дозволи распад на духот…
Постои само еден предмет, а тоа е ЗАНАЕТСТВОТО. Тоа би морало да ги опфати сите форми на уметност не во историска смисла (по ѓаволите, кобајаги многу е важно да се знае дека Шекспир е роден во Авон), туку во практична смисла. Слушајте го Вагнер дури и ако никогаш не сте слушнале за Бајројт, гледајте го Реноар дури и ако мислите дека тој е современик на Сули, читајте го Достоевски дури и ако не знаете дека неговата литература произлезе од јамата за стрелање!
Со тек на време тоа знаење ќе дојде само по себе и тоа ЧУВСТВО ќе добие свој ред. Ако историјата ги опфати социологијата, економијата и доктрините и сето тоа во рамките на ПОЛИТИКАТА, сите уметности да влезат во ЗАНАЕТСТВОТО, мајчиниот јазик да стане СЕМАНТИКА – првата и почетна наука на сите науки, за подоцна да се трансформира во својот повисок облик – ФИЛОЗОФИЈАТА (практична филозофија, а не погребна химна во висок регистар). Во тој случај, би останале само три предмети од интерес: МАТЕМАТИКА, ПСИХОЛОГИЈА и ГИМНАСТИКА. Секој од нив би ги опфатил преостанатите области на идната човекова активност. Училиштето мора еднаш засекогаш да престане да биде некрофил на гробиштата од минатото. Психологијата како наука за искуството, гимнастиката како наука за силата и математиката како единствена вистинска работна наука.
Нашето предучилишно образование денес трае точно 12 години. Просечната возраст на дипломираните ученици не надминува 20 години. Тие деца, дваесетгодишниците, сè уште беа луѓе пред триста години. Сакаа како луѓе, се бореа како луѓе, зборуваа во парламентот како луѓе, владееја како луѓе, се покоруваа како луѓе, и на крајот, умираа како луѓе.
Излегувајќи од таа дваесетгодишна шпанска чизма на современата култура, еден матурант тешко знае да избере нова шпанска чизма – факултет. На него останува во просек пет години. На 26 години, тој е исто толку човечки незрел, како мало момче кое згрешило играјќи билјард со копачки. Еден 15-годишен Грк во времето на Сократ бил неспоредливо повеќе човек од 30-годишникот на нашиот век!
Демократијата сметаше дека е доволно да ја стави човечноста на клупа, за луѓето да гласаат за месар кој се кандидирал за претседател на републиката. Универзалното право на глас и еднаквото образование за сите – тие волшебни формули на парламентаризмот – денес станаа невкусни и се демоде како шлагерите на Морис Шевалие.
Без методична селекција, никогаш нема да добиеме интелектуалци. Само вечни студенти!“
Текстот е објавен во „Politicke sveske“, (2001), Соларис, Нови Сад
Пренесено од страницата borislavpekic.com