„Странецот“ на Ками и нужноста од квалитетни лектирни изданија

Првата лектира во средно училиште која ме извади од сопствената кожа беше „Странецот“ на Албер Ками. Ако добро паметам, се обработуваше во трета година, и беше вистинско освежување меѓу задолжителните четива по македонски јазик поради провокативноста на темите што ги обработува, толку провокативни и пркосни за еден средношколец со пубертетски мустаќиња. Затоа деновиве решив да ја препрочитам и да осознаам што било тоа што на времето ме треснало од земја. Но препрочитувањето од оваа перспектива и со овој ум отвори и други прозорци за размислување. 

По предметот „Македонски јазик и литература“ во средното електротехничко училиште „Орце Николов“ сите четири години имав различни професор(к)и. Во прва година професорката Смиља бараше од нас да ги учиме напамет „Горски венец“ и „Смртта на Смаил-ага Ченгиќ“, ако не цели, тогаш барем по десетина строфи. Во втора година со г-ѓата Ксенија, која беше пред пензија, поминавме малку полесно, но и онака ниту едно лектирно дело не ни остави подлабок впечаток. Во трета година кај професорката Снежана имавме неколку квалитетни дискусии благодарение на провокативните лектири, а меѓу нив беше и егзистенцијалистичкиот бисер „Странецот“ на Ками. Во четврта година кај професорот Душко доживеавме ренесанса, затоа што освен дискусиите за магичната неформална трилогија на Херман Хесе „Сидарта-Демијан-Степскиот волк“ и онаа за легендарниот „Процес“ на Франц Кафка, дискутиравме и за други изданија надвор од наставата. Прозата на Игор Исаковски ни беше откритие, како и еротиката во книгите на Артур Милер и Чарлс Буковски. Душко се’ до неговото неодамнешно пензионирање на учениците им даваше да читаат книги, најчесто од македонски автори, и таа негова посветеност навистина е за почит.

Сето ова укажува на важноста на наставниот кадар и нивната активна вклученост во следењето на актуелните изданија, особено од македонските автори. Пред неколку години се поведе дискусија за менувањето на програмата на лектирните изданија во училиштата. Паднаа многу квалитетни предлози. На сето тоа се надоврза и професорката и писателка Калина Малеска со еден прекрасен текст, во кој точно ги наведува болните точки, но и отворените прозорци за достојно преминување на едно друго ниво на поимање на задолжителните лектири, кои наместо само да се прераскажуваат, треба да се дискутираат на часовите, треба да им ги отворат очите на учениците кои активно ќе ги искажуваат ставовите по однос на темите застапени во нив. Нека се и само четворица, како во наше време (нештата во меѓувреме не се многу сменети), но барем останатите ќе бидат принудени да слушаат и можеби за момент да се вклучат во дискусијата, без разлика дали (а најчесто не) го прочитале делото. Повелете линк до текстот на Малеска:

https://okno.mk/node/66190?fbclid=IwAR1oWNOgdZMP14TSki3qOAlaQ_nVt9R1FEUPV6X3S9qUqrpnCWkHoXGrVWE

По препрочитувањето на книгата, „Странецот“ е токму една од тие кои и ден-денес може да го привлечат вниманието на тинејџерите научени повеќе да сурфаат на телефоните отколку да се дружат со книгите релевантни за нивна возраст. Иако, со овој ум и со денешните околности во кои живееме, и книгата на Ками оригинално објавена во 1942 година кубури со одредени недостатоци, околу кои сепак може (и треба) да се дискутира.

Купувајќи книги, со години создаваме домашни библиотеки, а којзнае на колку од книгите некогаш повторно ќе им се навратиме. Но, нормално, не е исто кога една книга се чита на 17 и на 50 години. Што е она што седумнаесетгодишниот читател во мене го привлекло кон „Странецот“ на Ками? Недефинираниот сончев одблесок од ножот на плажата? Индиферентноста во однос на погребот на мајка си? Љубовната игра во отворената врска со Марија? Судскиот процес во кој на Мерсо најпрво му е сеедно, а потоа сфаќа дека слободата што ја имал била најдрагоценото нешто на светов? Па, веројатно – од се’ по нешто.

„Денеска умре мајка ми. Или можеби вчера, не знам“. Ваквиот антологиски почеток на книга и ден-денес ја замрзнува крвта во жилите. Изборот да се стави смртта на сопствената мајка уште во првото поглавје е полн погодок. Описот на односот со неа и сите последици кои влијаат врз животот на субјектот е од суштинско значење за понатамошно градење на главниот карактер, кој како да е излезен од „Новиот бран“ на француските филмови (книгата на Ками е пишувана и објавена една декада пред филмските 50-ти години, и затоа можеме да ја сметаме за нивен предвесник). И веднаш потоа, во второто поглавје, по темното искуство со загубата на родителот, следи еротика. Сончев ден, плажа, поранешна колешка – и се’ е можно. Каков пресврт! Браво Ками. Ерос и Танатос. Маестрално!

Комплетната физиономија на Мерсо ја добиваме во следното, трето поглавје. Во тој момент сфаќаме дел од неговите претходни постапки, бидејќи тој, како и Јозеф К. на Кафка, е канцелариски службеник (да не го опишам со погрдниот збор – „стаорец“), кој едвај чека да му заврши работното време на здодевното работно место, кое единствено што кај човека може да продуцира е рамнодушноста, истовремено загушувајќи ја креативноста. Ова се одлично лоцирани поенти кои кај читачот-средношколец, кој ја љуби сета слобода на овој свет, мора да предизвикаат емоции. А богами, и кај повозрасниот читач. Кога на сето ова ќе се додадат и плејадата на споредни ликови, најчесто соседи од блиското опкружување, кои во подоцнежниот дел од книгата ќе се покажат како клучни сведоци во судскиот случај, тогаш сликата, и покрај малиот број на страници на книгата (120) станува комплетна.

„Странецот“ изобилува со кратки и ефектни реченици, и затоа е лесно приемчив и читлив. Откако ќе блесне сечилото на ножот на плажата и ќе се случи убиството, влегуваме во вториот дел кој речиси комплетно се случува во судницата, како реминисценција на сите настани за кои сме читале во првиот дел, и за кои, како и на Мерсо, (речиси) ни било сеедно. Но, погледнувајќи ги нештата од друг агол, се соочуваме со сосема поинаква „вистина“. Одеднаш бесчувствителноста кон смртта на мајката добива друга димензија, одеднаш Арапите ги гледате со други очи, одеднаш рамнодушноста се споредува со самиот Антихрист, одеднаш се’ е вистина и ништо не е вистина… Тука лежи мајсторството на Ками, да ги преобрати не само уверувањата на Мерсо во однос на сопствената вина, туку и нашите уверувања како читатели во однос на она што претходно сме го читале и заклучиле. Трансформацијата на главниот лик се одвива постепено, но исповедникот во ќелијата не може да влијае врз неговиот светоглед, бидејќи тој сепак ќе остане „странецот“, она во што отсекогаш „верувал“ и со кое постојано се идентификувал.

„Странецот“ отсекогаш бил инспирација, не само во книжевноста. Додека го пишував овој текст, на repeat ми беше пуштена истоимената песна на омилените Tuxedomoon, кои на врвен начин чувството на отуѓеност го пренесуваат во музичките води, со изведба чија атмосфера наликува на онаа во романот на Ками.

Mother died today

Or maybe yesterday I don’t know

I don’t know I don’t know

Got to ask my boss to let me go

At the funeral they expected me to cry

Well I didn’t

I don’t know

I don’t know

Everybody’s staring at me now

What’s gone to their heads

It isn’t my fault

That I’m strange

Убавата работа околу откривањето на еден автор во било која уметност, а особено во книжевноста, е што потоа ви се отвора апетитот и тргнувате во потрага по другите негови книги. Па така, во годините што следеа, го читавме Ками со многу важната „Митот за Сизиф“, во која пишува за својата филозофија на апсурдот: човечката залудна потрага по значење, смисла, единство и јасност соочен со несфатлив свет, лишен од Бог и вечните вистини и вредности (Ками се прашува дали од ова сознание следува самоубиство? Неговиот одговор: „Не. Ова сознание бара бунт“); потоа, „Писмата до еден германски пријател“, таа негова величествена критика на нацизмот и фашизмот; романот „Чума“, кој во годините на Ковид-пандемијата повторно се реактуелизираше; и секако, последниот, недовршен автобиографски роман за алжирското детство, „Првиот човек“, најден во калта по сообраќајната несреќа во која 46-годишниот писател го губи животот на апсурден начин, како и атмосферата која преовладува во неговите книги.

И на крајот, враќајќи се на важноста на лектирните изданија, би го посочил позитивниот пример на германската паралелка во гимназијата „Јосип Броз Тито“, како и на практиката во гимназијата „Нова“, каде минатата година бев во можност да им одржам предавање на учениците од четврта година за романот „Читачот“ од Бернхард Шлинк, која е една од книгите која меѓу нив предизвикува голем интерес и продуцира прекрасна дискусија.

Наградуваната книга на германскиот автор која говори за грижата на совест на цели генерации, но отвора уште многу теми за квалитетен разговор, е само поттик како да се негува љубовта кон книжевноста во клучните години, кога децата растат и созреваат, и се оформуваат како индивидуи. Со драго срце во понатамошната постапка во образованието, кога на тема повторно ќе дојдат лектирните изданија, би посочил дека треба да се земат предвид и современите дела на македонските автори, кои храбро се соочуваат со темите на сеќавањето, историјата, односот со најблиските и општествените околности кои влијаат врз емотивното и приватното, на ист начин како и било кој европски или светски автор во моментов. Само треба да се биде љубопитен и со очи широко отворени.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *