Три години по портретирањето на измислениот казахстански репортер Борат и заострувањето на односите со официјалните власти на поранешната советска република кои филмот го сфатија премногу сериозно, мајсторот на прерушувањето Саша Барон Коен повторно е актуелен благодарение на своето ново долгометражно остварување едноставно насловено како и главниот лик во него, „Бруно“. Слично како и претходно, комичарот од плејадата ликови кои беа составен дел од неговото популарно ТВ-шоу „Да Али Џи Шоу“ извлекува една „креатура“ со која на сатиричен начин сака да си поигра, овој пат со светот на модата и случувањата во нејзини рамки.
Како вистински професионалец, и во овој случај Саша Барон Коен успева на фантастичен начин да го изрекламира гостувањето на новиот лик на екранот во текот на летната кампања пред и по премирата на филмот, пред се’ преку музичката телевизија MTV. Имено, во мај оваа година, на доделувањето на музичките награди, Бруно направи инцидент кога му се внесе в лице на Еминем, кој седеше во првите редови, по што овој ја напушти манифестацијата, за подоцна да изјави дека „три часа потоа се смеел за инцидентот“. Од друга страна, пак „Gay and lesbian alliance“ излезе во јавноста со мислење дека Бруно уште повеќе ќе ја отежни ситуацијата со некои геј-адвокати, бидејќи филмот само ќе ги зголеми стереотипите за хомосексуализмот. И на крајот, загрижените филмски критичари, пак, велат дека Барон Коен морал да го редефинира својот пристап, бидејќи неговите филмови не спаѓаат во жанрот „комедија“, онаква каква што сите ја знаеме.
Профаноста, разголените сцени и силниот сексуален контекст се само дел од провокативните етикети кои му се припишуваат на филмот, и токму затоа зачудува реакцијата на некои од родителите кои со своите малолетни деца биле дел од проекциите во киното „Рамстор“ во изминатиот период, кога по само десетина минути огорчено ја напуштале салата. Внимавајте, „Бруно“ е прилично опасен, бидејќи ваквите комедии се на работ од оваа и онаа страна на вистината 😉
@Текстот е објавен во неделникот „Глобус“ на 21 јули 2009 година, како дел од поголем текст во кој се „разголува“ феноменот Саша Барон Коен.