Документарниот филм „Плати и жени” беше одлична причина домашната кино-публика деновиве да проследи уште еден квалитетен македонски филмски производ, овој пат од жанрот на креативната документаристика. Никогаш досега, барем јас не се сеќавам на тоа, еден документарец на редовниот кино репертоар не предизвикал толкаво внимание како ова остварување на Атанас Георгиев, но за тоа има длабока причина која лежи во провокативноста на приказната, која авторот ја раскажува на ангажиран, искрен и разбирлив начин.

Во неа херои се младите луѓе од Балканот, кои заминуваат од другата страна на границата, во „тврдината Европа“. Во случајов, во Австрија со своите студентски визи. По одредено време, кога тие ќе истечат, наместо да се вратат во своите земји во транзиција каде ги очекува неизвесна иднина, тие плаќаат одредена сума за добивање на австриски ‘сопруги’, надевајќи се дека на тој начин ќе добијат државјанство во земјата, членка на ЕУ. Токму тоа ќе го направи и авторот на овој филм, кој ќе отпатува во Виена и ќе успее да го сними сиот тој налудничав процес, истовремено обидувајќи се да дознае зошто луѓето го прават тоа, притоа наведувајќи ги и своите причини, дури и пронаоѓајќи кандидатка за сопруга со која ќе организира лажна венчавка.

Иако не го почитува неговото дело, авторот можеби треба да му заблагодари на Мајкл Мур, кој со своите ангажирани документарни филмови во изминатата декада успеа да го смени односот на публиката кон документарниот жанр. Георгиев, инаку, монтажер по вокација, успева со својот несекојдневен пристап кон приказната за ‘европските граѓани од втор ред’ да раскаже сторија која ќе предизвика многу полемики и која на многумина ќе им ги отвори очите, ако не до крај, тогаш барем ќе ги заскокотка за да продискутираат на оваа тема.

Токму тоа е и понатамошната судбина на овој проект, да отвора дискусии онаму каде што ќе биде прикажан, со надеж дека ќе ги помести нештата барем за глувчешко опавче. А дека се работи за квалитетен документарец со автентичен филмски израз, доказ се освоените награди на ценетите филмски фестивали, онаа на “ЗагребДокс” во Хрватска, и секако, главната награда во конкуренција на 27 документарни филмови од целиот свет на престижниот фестивал „Vision du reel“ во Нион, Швајцарија.
